Македонија
(Видео) Дескоска: Драстично зголемување на бројот на предметите кај медијаторите
Во организација на Комората на медијатори се одржа Европска конференција за медијација на тема „Медијацијата и бизнисот – со развојот на медијацијата расте бизнисот“, на која свое обраќање имаше и министерката за правда, Рената Дескоска.
,,Како концепт за алтернативно решавање на споровите кој во нашата држава бил воведен во 2006 година, медијацијата покажала одредени предности, но и потреби за унапредување”, истакна министерката Дескоска. Токму затоа, еден од приоритетите опфатени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година, е концептот на медијација, кој преку законски измени ќе се ревидира.
Во своето обраќање, министерката Дескоска истакна дека Министерството за правда предвидува низа активности за унапредување на медијацијата како јакнење на потребните компетенции и вештини на медијаторите, промена на системот за влез во дејноста медијатор, стимулација на примената на медијацијата во судските постапки, но, и подигнување на свеста за придобивките од медијацијата.
Според министерката Дескоска, првите резултати од определбата на Владата за унапредување на медијацијата, практицирање и промовирање на концептот на медијацијата веќе се видливи со формирањето на новата Комора на медијатори во јули 2017 година.
,,Ако вкупната бројка на медијации од 2007 до 2016 година, не можеше да достигне ниту до троцифрен број, веќе од 2017 година, се забележува драстична разлика. Лиценцираните медијатори, заклучно со 10 Април 2019 година прикажаа внес на 1364 предмети во регистарот на Министерството за правда“, истакна Дескоска.
,,Статистиката на Министерството за правда укажува на фактот дека страните кои влегле во постапка на медијација имаат голема шанса да го надминат спорот. Од вкупно 1364 предмети кои досега се евидентирани во регистарот на Министерството за правда, 79%, односно 1079 завршиле со спогодба“, потенцираше министерката за правда.
Анализите на правда покажуваат дека вака високиот процент пред сé, се темели на работните спорови, кои скоро 100 процентно завршуваат со постигнати спогодби, помеѓу работниците и работодавачот.
Што се однесува до стопанските спорови, Дескоска го потенцираше следниот податок: ,,од 395 медијации по овој основ пред медијаторите, 129 или 32,6% завршиле со постигнати спогодби и им овозможиле на страните да ги користат сите предности на медијацијата, особено избегнување на огромни финансиски издатоци.“
,,Високите парнични трошоци, изгубените партнери и вработени, а пред се горчината од изгубениот или упешно добиениот спор по низа рочишта и авансирани трошоци кои неминувно доведуваат до нарушени деловни односи, сигурно не се желба на бизнис заедницата. Токму овој аспект е клучен за јакнење на бизнисот: На бизнисот му треба задоволен работник, и помали трошоци во работењето и надминувањето на спорните ситуации, односно можност да управуваат со своето време и трошоци“, истакна Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

