Култура
Високо признание за Охридско лето на самитот на ЕФА во Лисабон
Фестивалот Охридско лето е на високото трето место во Европската асоцијација на фестивали која вклучува 100 фестивали од 40 земји, оценија делегатите на годинешново Генерално собрание на асоцијацијата што се одржа од 14 до 17 во Лисабон, Португалија.
Ваквото признание се должи на квалитетот на програмата којa се нуди изминативе 59 години, врвните светски имиња кои настапиле на фестивалската сцена, како и фактот што Охридско лето е еден од најстарите фестивали меѓу сите членки на асоцијацијата.
Директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ, која заедно со претседателката на Управниот одбор, Нина Момировска, беше дел од овој голем собир, вели дека европските делегати едногласно ја дале поддршката Охридско лето да биде меѓу најдобрите на европската културна сцена токму поради големината на богатата историја на фестивалот.
„Ова е само потврда дека сме надалеку познат и признат фестивал, ценет од најголемата културна асоцијација, еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во тоа семејство. Добиваме бројни честитки и пофалби за големината на уметниците кои поминале низ годините, но и за изборот на уметниците кои ќе настапат годинава. Навистина ми претставуваше гордост во својата презентација да ги спомнам големите имиња кои со свои маестрални дела оставиле печат во фестивалската историја како легендарниот руски виолинист Леонид Коган, виолончелистот Андре Навара од Франција, светскиот Хозе Карерас, Енио Мориконе и многу други кои учествувле на нашиот фестивал“, смета директорката на Охридско лето.
Претставниците на европските фестивали членки на Асоцијацијата исто така биле едногласни и во одлуката Охрид да биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА, кој брои 23 делегати од цела Европа, следната година кога фестивалот Охридско лето слави јубилеј, 60 години успешно постоење.
„Со првите луѓе на ЕФА, претседателот Јан Бриерс и генералниот секретар Кетрин Девентер, веќе ги започнавме првичните преговори за ваквата одлука со која ни е дадена честа да бидеме домаќини на вака значајни претставници на ЕФА во 2020 година. Заедно со претседателката на УО на Охридско лето, Нина Момировска, изразивме уверување дека сме спремни да организираме еден вака голем настан во годината кога ќе го славиме 60-то издание на Охридско лето. Токму поддршката што ја имаме од сите институции на државата, посебно поддршката од страна на Владата на преку ресорното министерство за култура, претседателот на државата, кој воедно е и покровител на фестивалот, како и поддршката од стопанството преку одделни фирми и претпријатија кои финансиски го помагаат фестивалот ни дава право да изразиме уверување дека целосно и професионално ќе се ангажираме целиот настан да помине во беспрекорна реализација со содржини кои успешно ќе ја надградат културната репутација на сите членки насекаде во светот“, вели Поповиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

