Култура
На „Скопје филм фестивал“ почна ретроспективата на Мето Јовановски
Со врачувањето на Повелбата за исклучителен придонес во филмската уметност, синоќа во Кинотеката започна омажот на Мето Јовановски, кој е дел од програмата на 22. издание на „Скопје филм фестивал“.
Заблагодарувајќи му за легендарните улоги, повелбата му ја врачи директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.
„Има актери кои умеат така лесно да ве убедат во невозможното, има актери кои умеат на сè да му дадат свој печат, има актери кои умеат секоја ролја да ја направат незаборавна, има актери чија умешност едноставно ве остава без здив, има актери кои така неверојатно ги минуваат границите. Има актери за кои не сте сигурни дали го одбележале македонскиот филм или се претвориле во таков симбол по кој македонскиот филм го препознаваме. И не само филмот. Мето Јовановски е еден од оние актери кои го одбележаа македонското глумиште бидејќи без оглед дали се работи за филм или за театар неговите ролји, мали или големи, секогаш остануваат во паметење. Неговата харизма, неговиот талент, неговата особеност, без нималку претерување, се нешто кое умее на секоја улога да ѝ даде не само живот, туку боја, сила, карактер, умее да ѝ даде таков печат, кој не може никого да го остави рамнодушен“, се вели во образложението на „Скопје филм фестивал“.
Заблагодарувајќи за признанието, Јовановски рече дека радоста најмногу ја споделува со најмладата генерација која со себе носи нов филмски сензибилитет ослободен од сите стереотипи и малограѓански предрасуди.
„Да се биде актер, филмски работник, соработник, да се биде дел од филмска екипа, да се влезе во светот на креативноста, во тој тајновит волшебен свет и барем за миг да се заборави тој црно-бел свет со желба да се преточи животот во возвишен и креативен чин е чест и привилегија, но и одговорност пред оние за кои постоиме, а тоа се нашите гледачи, публиката која знае да ја вреднува нашата уметничка, креативена работа и со кои заедно го славиме творештвото – уметноста и животот како највисока универзална вредност. Да ги славиме филмот и уметноста како зрак светлина против мрачните стереотипи и сè она што ја убива душата човекова“, рече Јовановски.
По свеченоста беше прикажан филмот „Кога ќе осамне ден“ (2015) во режија на Горан Паскаљевиќ.
Кинотеката и „Скопје филм фестивал“ во овој омаж на Мето Јовановски прикажуваат вкупно осум филмови. Тоа се неговите улоги кои ги играше во регионот бидејќи Јовановски го одбележа македонското глумиште, но и југословенското и многу пошироко.
Во новата фестивалска локација, кафе-кино „Котур“ се одржа проекција на краткиот документарен филм „Виолината на Џо“ („Joe’s Violin“), кој во 2017 година беше номиниран за Оскар, а потоа и средба со Кахејн Куперман (Kahane Cooperman), американска авторка, продуцентка и режисерка, која го претстави филмот и одговараше на прашањата од публиката.
Филмот е вистинска сторија за Џо, жител на Њујорк, кој го преживеал холокаустот и на повик на една хуманитарна организација, решава да ја донира својата виолина која му помогнала да ги преживее најтешките моменти во животот. Донацијата оди во едно училиште во Бронкс, ја добива 12- годишно талентирано девојче што тешко го преживува разводот на родителите. Се работи за фасцинантна и трогателна приказна, особено кога ќе се сретнат девојчето и старецот.
„Се возев во автомобил, кога на радио слшнав повик за донирањеа инструменти за училиштата во Њујорк, си помислив дека сите тие донирани инструменти имаат своја приказна и решив малку повеќе да истражам. Успеав да стапам во контакт со Џо и уште на нашата прва средба сфатив дека неговата животна приказна, чиј дел е виолината, е навистина исклучителна. Почнав со снимање со свои средства, а дури потоа успеав да соберам повеќе пари за продукцијата на филмот. Највозбудливо беше кога се сретнаа Џо Фајнголд и Бријана Перез, ќерка на имигранти од Доминиканска Република. Таа, иако беше толку млада, разбира дека инструментот е важен сам по себе. Кога првпат се запознава со Фајнголд, таа му ја свиреше трогателната ‘Песната на Солвеиг’, последното што го слушнал од мајка му пред да го однесат во логор“, рече Куперман.
Кахејн Куперман е наградувана авторка на документарни филмови и телевизиска продуцентка. Таа продуцирала седум кратки документарни филмови за аутизам, а режирала два од нив за Ејч-би-о. Неодамна беше и извршна продуцентка и режисерка на „Ладнокрвно: убиствата на семејството Клатер“, четиричасовна крими серија за вистински криминалци за Санденс ТВ на „Амазон прајм“. Таа била извршна продуцентка за „Њујоркер претставува“, серија за „Амазон прајм“. Од 1996 до 2015 година работела во познатата телевизиска емисија „Дејли шоу со Џон Стјуарт“.
„Најтешите моменти ни беа кога се случуваа големи трагедии, како 11 септември и пукањата во американските училишта. Како да правите хумор од тоа. Но Џон Стујарт беше извонреден да ја најде вистинската мерка“, раскажуваше Куперман, која во Скопје гостуваше со поддршка на американската амбасада.
Од денешните настани, (19 април) освен проекциите на филмовите, организаторите го издвојуваат свеченото отворање на програмата „Деновите на квир-кино“ во киното „Фросина“, од 20 часот, кога ќе биде прикажан филмот „Потреси“.
Програмата и распоредот на филмовите и настаните видете ги тука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

