Свет
Кралот на Бахреин им го врати државјанството на над 500 жители
Кралот на Бахреин, Хамад бин Иса ал-Калифа, им го врати државјанството на 551 лице, кое им беше одземено од страна на судовите, објави во неделата државната новинска агенција БНА.
Од антивладините протести во 2011 година досега, Бахреин осуди стотици лица, ги забрани главните опозициски групи и им го одзеде државјанството на стотици граѓани. Повеќето од водечките опозициски личности и активисти за права се затворени или избегале во странство.
Институтот за правата и демократијата во Бахреин (БНА) соопшти дека од 2012 година Бахреин им го одзел државјанството на вкупно 990 луѓе. Изјавата на БНА не прецизира на кои лица им било вратено државјанството или во кои судења биле вклучени тие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Трагедија на забава, еден загинат откако рачна бомба експлодирала во раката на 25-годишно момче во Хрватска
Забава во подрум во Книн во Хрватска завршила со експлозија на рачна граната. Загина 25-годишен маж, а тешко се повредени двајца млади на возраст од 25 и 23 години, една девојка на 21 година и еден малолетник.
Полицијата во саботата во 23 часот добила дојава дека ескплодирала непозната експлозивна направа. По увидот било утврдено дека се работи за рачна граната М-75.
„Од спроведените увиди е откриено дека повредениот 25-годишник од спалната соба од станот што го користел за време на забавата донел рачна бомба М-75 и ја предал на друг 25-годишник. Поради нестручно ракување дошло до несакано активирање на рачна бомба во раката на починатиот 25-годишник“, се вели во полициското соопштение.
Полициски службеници ја продолжуваат кривичната истрага за утврдување на околностите за набавката и поседувањето на споменатата минска експлозивна направа.
Европа
Снежната бура остави без струја околу 33.000 домаќинства во Франција
Околу 33.000 домаќинства останаа без струја вчера во Франција, главно во Нормандија и долж реката Лоара на запад, поради бурата Каетано што го зафати регионот, соопшти компанијата „Енедис“, која управува со електричната мрежа.
„Во 13 часот 33.000 домаќинства останаа без струја“, соопшти мрежата, додавајќи дека најпогодени домаќинства се во Нормандија (15.000 домаќинства) и околу реката Лоара (12.000 домаќинства).
Невремето предизвика прекини на многу сообраќајни правци, а влијаеше и на железничкиот сообраќај.
Мобилизирани се 2.200 техничари за да ги отстранат нарушувањата и да обезбедат електрична енергија, по налетот на бурата што предизвика врнежи од снег и брзина на ветер до 130 километри на час.
Свет
Близу 80 отсто од потврдените смртни случаи во Газа се луѓе убиени во израелски напади
Околу 80 отсто од потврдените смртни случаи во Газа се луѓе убиени во израелски напади врз станбени згради, објави агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), повикувајќи се на Канцеларијата за човекови права.
УНРВА соопшти дека во нападите на израелските сили продолжуваат да се уништуваат станбени згради во опколената палестинска енклава, со што се зголемува бројот на цивилни жртви, пренесува Ал Џезира.
Исто така, се вели дека 90 отсто од населението, околу 1,9 милиони луѓе се внатрешно раселени и дека многу од нив морале да се преселат 10 или повеќе пати, бегајќи од израелските напади.