Свет
Најмалку 11 жртви и 24 исчезнати во земјотресот во Филипини

Најмалку 11 лица загинаа, 24 исчезнати, а повеќе од 80 се повредени во земјотрес со јачина од 6,1 степен, кој го погоди градот Порак, кој се наоѓа на околу 108 километри од Манила.
Земјотресот уништил неколку згради и на терен е посебен тим составен од армијата, волонтери на Црвениот крст, полицијата и локалните жители, кои со кучиња трагачи го ребараат терен.
Во текот на ноќта се спасени седум лица,а извлечени се четири тела од под урнатините на деловните згради во кои се наоѓа и супермаркет, соопштија официјални лица. Три лица загинале кога се урнале ѕидовите на нивните куќи, а оштетен е и аеродромот.
Како што е наведено, властите фрлиле огромно црево во урнатините, со цел да се достави кислород во случај да има се уште преживеани под паднатите згради.
Покрај куќите и патиштата, оштетени се и мостовите и Римокатоличката црква.Земјотресот се случил на длабочина од 12 километри, а веднаш потоа се чувствувале и околу 400 помали земјотреси.Агенциите наведуваат дека се случил друг удар од 6,5 степени, но засега нема подетални информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Сѐ повеќе луѓе во Германија работат на црно додека примаат социјална помош

Сивата економија во Германија е во пораст, а комбинацијата од социјална помош и работа на црно станува секојдневен модел за преживување, пишува „Дојче веле“.
Минатата година, вредноста на сивата економија во Германија надмина 480 милијарди евра, а се очекува дополнителен раст и во 2025 година. Со падот на економијата, сѐ повеќе луѓе се насочуваат кон работа на црно, често истовремено користејќи и социјална помош. Германската влада подготвува контрамерки, а експертите предупредуваат дека станува збор за системски проблем.
Германија веќе со години бележи економски пад, а прогнозите за 2025 година предвидуваат минимален раст. Според економистот Фридрих Шнајдер од Универзитетот во Линц, сивата економија достигнала 482 милијарди евра – највисоко ниво во последната деценија.
„Тоа се легални економски активности – како поправка на автомобили или чистење – кои се вршат надвор од државниот систем, без плаќање даноци и социјални придонеси“, објаснува Шнајдер.
За 2025 година се прогнозира раст до 511 милијарди евра, што е пораст од повеќе од шест отсто. Главни причини за ширењето, според него, се чувството кај граѓаните дека плаќаат преголеми даноци и незадоволството од јавните услуги. „Кога луѓето чувствуваат дека не добиваат соодветна услуга за парите што ги плаќаат, тогаш паѓа нивниот даночен морал“, вели тој.
Шнајдер додава дека не се чуди што луѓето избираат работа на црно. „Тоа е даночен бунт на малиот човек“, изјави тој, објаснувајќи дека често се работи за мали работи, како приватни часови или реновирање бања.
По зголемувањето на социјалната помош во јануари 2024 година, сѐ повеќе луѓе ги напуштаат легалните нископлатени работи и преминуваат на работа на црно.
„Околу 88.000 до 100.000 луѓе ги напуштија своите работни места со скратено работно време“, вели Шнајдер, предупредувајќи дека токму овие работни места недостигаат на пазарот.
Министерката за труд Бербел Бас најави речиси 52 милијарди евра за социјални давања во 2025 година и призна дека постои проблем со злоупотреба на системот.
„Станува збор за мафијашки структури“, рече таа, алудирајќи на случаи каде што криминални мрежи носат луѓе од странство, ги вработуваат на црно и истовремено им овозможуваат да примаат социјална помош.
Советникот Маркус Карбаум, кој во Берлин им помага на приматели на социјална помош да најдат работа, често се среќава со т.н. „приватен модел на комбинирана заработка“. „Постои тренд работодавачите да нудат премалку работни часови за некој да може да преживее“, вели Карбаум.
Овој модел се состои од три извори на приход: мини-работа, дополнителна заработка на црно и социјална помош. Често, самите работодавачи ги поттикнуваат ваквите аранжмани: „Парите што ти недостигаат, побарај ги од државата“, пренесува Карбаум, додавајќи дека ова станало речиси системска пракса.
Карбаум предупредува дека луѓето често мислат дека имаат право на сето тоа. „Имам право на социјална помош. Немојте сега да ми го одземете тоа право“, е став што често го слуша на терен.
Тој запознал корисници кои возат скапи автомобили, имаат најнови мобилни телефони и секоја година одат на одмор.
„Станува збор за поединечни случаи, не за мнозинство“, нагласува тој, но додава дека таквите примери се показател за структурна измама.
Владата планира засилена соработка меѓу Агенцијата за вработување и царинската управа, со цел да се спречат измамите и работата на црно.
„Кога има силен економски раст, работата на црно опаѓа“, заклучи Шнајдер, истакнувајќи дека економската стабилност е најдобар лек против сивата економија.
Свет
Полска ги предупреди своите граѓани: Ако е можно, напуштете ја Русија

Министерството за надворешни работи на Полска издаде препорака со која силно ги советува сите полски државјани кои престојуваат во Русија, доколку е можно, да ја напуштат таа земја, јавува ТВП.
Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на владата, министерството советува да се избегнува секое патување во Русија, повикувајќи се на конфликтот во Украина и официјалното руско прогласување на Полска за „непријателска држава“.
Русија официјално ја вклучи Полска – која се приклучи на западните санкции и беше еден од најсилните поддржувачи на Украина – на списокот на „непријателски држави“ уште во 2022 година. Оваа ознака им овозможува на руските власти да воведат ограничувања кон дипломатските мисии и често подразбира ограничувања во трговијата и финансиските трансакции.
Затоа на полските државјани кои живеат во Русија им се препорачува „да ја напуштат територијата на Русија со достапни комерцијални или приватни средства, освен ако нивната лична, семејна или професионална ситуација не бара останување во земјата“, наведува министерството.
Полските власти исто така предупредија на можни проблеми при добивање директна конзуларна помош, поради затворање на дипломатски претставништва, што може да бара од граѓаните да патуваат до многу оддалечени конзулати.
Препораката исто така укажува на неколку други пречки со кои се соочуваат полските државјани во Русија, вклучувајќи го укинувањето на директните летови меѓу двете земји, ограничените можности за патување и тешкотиите при користење полски банкарски картички.
Свет
Макрон тужи инфлуенсерка затоа што тврди дека неговата сопруга е всушност маж

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, и неговата сопруга Брижит, поднесоа тужба за клевета во САД против конзервативната инфлуенсерка Кандис Овенс поради нејзините тврдења дека првата дама на Франција е всушност маж, пишува „Њузвик“.
Том Клер кој ги застапува Макронови, денес ја објави тужбата од 218 страници, поднесена во Вишиот суд во Делавер.
Тужбата ги нарекува тврдењата на Овенс „чудни, клеветнички и неверојатни измислици“ и вели дека тие предизвикале „немилосрдна злоупотреба на глобално ниво“, со што „предизвикале голема штета на Макрон“.
Овенс, популарна десничарска подкастерка, објави во 2024 година на социјалната мрежа „Икс“: „Откако истражував, подготвена сум да го ризикувам целиот мој професионален углед за фактот дека Брижит Макрон е всушност маж“.
На нејзиниот „Јутуб“ канал, таа објави серија видеа од осум дела наречена „Станувајќи Брижит“ во која ги изнесе своите тврдења.
„Бидејќи Овенс систематски ги повторуваше овие лаги како одговор на повеќекратни барања од нашите адвокати да ги повлече тврдењата, на крајот заклучивме дека одењето на случајот на суд е единствената преостаната опција за да ги заштитиме нашите права“, се вели во изјавата на Макрон.
Фото: принтскрин