Македонија
Посебен соообраќаен режим поради велигденските настани

Во текот на викендов, а по повод празникот Велигден, сообраќајната полиција при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници како во централното градско подрачје на Град Скопје, така и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Денеска во периодот од 18 часот па се до завршувањето на настаните во врска со празникот, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени: булеварот “Партизански Одреди” – од крстосницата со ул.„Аминта Трети” до крстосницата со булеварот “ВМРО”, и булеварот “Свети Климент Охридски” – од крстосницата со бул.“Илинден” до крстосницата со ул.“Димитрие Чуповски”. Покрај ова, на возилата од јавниот градски сообраќај кои што поминуваат преку мостот “Гоце Делчев” им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.“Илинден” и преку ул. “Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул. “Партизански Одреди”, додека автобусите кои што поминуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул. “М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општината Ѓорче Петров по потреба ќе бидат затворени за сообраќај сообраќајницата од црквата “Свети Петар и Павле“ десно по бул. “Партизански Одреди“, десно по ул. „Ѓорче Петров“, лево по ул. „Васил Чакаларов“, како и сообраќајот од црквата „Свети Пантелејмон“ по ул.„Демир Трајко“ и лево по ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром, пак, по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и наредбите што ги издаваат полициските службеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директорот на БЈБ: Безбедноста на ИКТ системите не е само техничко, туку стратешко и општествено прашање

Директор на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев учествуваше со свое излагање на 7. Западнобалкански дигитален самит кој се одржува во Скопје од кој Македонија испраќа силна порака за регионална соработка и заедничка дигитална иднина.
„Сајбер-нападите сè почесто ги таргетираат институциите, нарушуваат услуги и ја поткопуваат довербата во системот, па оттаму неопходно е постојано вложување во едукација, како на полициските службеници, така и на јавната администрација, со цел навремено препознавање и реагирање на сајбер-инциденти. Безбедноста на ИКТ системите не е само техничко, туку стратешко и општествено прашање, па во таа насока за надминувањето на предизвиците неопходна е регионална и меѓународна соработка, како и активно вклучување на приватниот сектор во развојот на иновативни решенија“, истакна директорот Јанев во своето излагање.
Јанев ги нагласи можностите и плановите за користење на вештачка интелигенција во полициското работење, со цел побрза и поефикасна обработка на податоци и навремено донесување одлуки.
„SOCTA 2025 потврдува дека сајбер-криминалот е во пораст и мора да остане висок безбедносен приоритет. Само преку координирана акција и споделена одговорност можеме да изградиме отпорен и безбеден јавен сектор“, потенцираше на крај директорот Јанев.
Македонија
Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети, кој е на црната листа на САД

Судскиот совет го разреши судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, од функцијата. Инаку, тој во декември минатата година, заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, беше ставен на црната листа на САД за примање мито и одолговлекување судски предмети поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.
Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување на одговорност на судијата Енвер Беџети, на 26.05.2025 година донесе одлука за негово разрешување.
Беџети ја обжали одлуката, а Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на денешната седница донесе одлука со која го потврди решението на Судскиот совет од мај годинава.
Груби и Беџети лани беа ставени на црната листа на САД.
„Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нагризува јавната доверба. Никој не е над законот, а одговорноста е од суштинско значење за напредок“, рече тогаш американската амбасадорка, Ангела Агелер.
Македонија
Вработени во Општина Гази Баба организирале создавање и палење депонии, објави Арсовска

Општината Гази Баба и нејзиното јавно претпријатие се затекнати во незаконски активности кои директно ја загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните. Возила со општински ознаки, кои само пред една недела добија нови црвени таблици заради разграничување од комерцијалните, се затекнати во создавање диви депонии на подрачјето на Јурумлери, објави градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска.
Наместо да ја извршат својата законска обврска и да го исчистат просторот на Вардариште, додава таа, одговорните во општината самите организирале создавање на депонии.
Дополнително, вели Арсовска, дел од нив биле и запалени, со што е предизвикано сериозно загадување.
„Оваа практика претставува сериозен доказ дека дел од општинските структури активно учествуваат во создавањето и ширењето на диви депонии, а потоа свесно ги палат, со што предизвикуваат голема штета по животната средина и по квалитетот на воздухот. Потсетуваме дека ваквите активности се во директна спротивност со законските обврски на општините и претставуваат кривични дела за кои мора да следи соодветна одговорност“, вели Арсовска.
Таа ги повика сите надлежни органи веднаш да постапат согласно законските надлежности.