Македонија
Затворени улици и безбедносни проверки за време на посетата на Папата: „Граѓаните да користат автобуси“
Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск на Република Северна Македонија, информира дека за време на Апостолската посета на Папата, на територијата на град Скопје и правецот од Меѓународниот аеродром Скопје до центарот на градот, ќе важат посебни сообраќајни правила за движење на автомобили, како и посебни правила за движење на пешаците низ центарот на Скопје.
Посебни сообраќајни правила на движење на автомобили во централното градско подрачје во Скопје на 7-ми мај
Во централното градско подрачје во Скопје, поточно појасот “Голем ринг”, во вторник на 7 мај, од 6 часот до 19 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот и истиот ќе биде пренасочен на сообраќајниците околу центарот во Скопје, со цел непречено одвивање на истиот.
Поточно, во овој временски период ќе се формира “Рестриктивна зона” на движење, во која за автомобили целосно ќе бидат затворени следните сообраќајници: Ул. ,,11ти Октомври” од крстосницата со бул. ,,Кочо Рацин” до крстосницата со ул. ,,Димитрие Чуповски”, ул. Даме Груев, ул. ,,Македонија”, ул. ,,Васил Главинов”, ул. ,,Филип 2ри Македонски”, ул. ,,Св. Климент Охридски”(адвокатска) и ул. ,,Иљо Војвода”.
Министерството за внатрешни работи го задржува правото за стационирање (стопирање) на сообраќајот во кратки временски интервали и на други сообраќајници, во времето на движење на Папата Франциск низ Скопје.
Сообраќајници по кои ќе биде дозволено движењето на возилата кои се движат во редовен сообраќај со цел да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот за време на официјалната посета на Папата, се следните: бул. ,,Кочо Рацин”, ул. ,,11-ти Октовмри” од крстосницата со бул. ,,Кочо Рацин” до крстосницата со бул. ,,Борис Трајковски”, ул.,,Св.Кирил и Методиј”, бул. ,,Св. Климент Охридски”, бул. ,,Партизански Одреди”, ул. ,,Самоилова” и бул. ,,Гоце Делчев”.
До граѓаните коишто живеат во централното градско подрачје, во зоната Голем ринг, доколку сакаат да ги користат своите возила на ден 7 мај, се апелира истите да ги извадат надвор од Рестриктивната зона на 6 мај, во понеделник, а во спротивно истите нема да можат да ги извадат од зоната за време на посебниот сообраќаен режим од 6 до 19 часот.
Сите паркинзи на ПОЦ (Општина Центар), ЈП Градски Паркинг и АДСПС во Градот Скопје ќе бидат бесплатни на 6 мај после 17 часот, како и на 7 мај во текот на целиот ден.
Понатаму, од Владата апелираат до сите граѓани кои живеат на територијата на Град Скопје, на 7 мај да го користат јавниот автобуски превоз при упатувањето кон своите работни места и да избегнуваат користење на автомобили. Користењето на автобусите на ЈСП на територија на Град Скопје ќе биде бесплатно за сите граѓани кои со себе ќе имаат важечки документи за идентификација. Посебниот автобуски возен ред за 7 мај наскоро ќе биде објавен на веб-страната на ЈСП www.jsp.com.mk, Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и на официјалната веб-страна за посетата на Папата Фрациск www.papa.mk.
Посебени сообраќајни правила на движење на автомобили на трасата од Меѓународниот аеродром Скопје до централното градско подрачје на Скопје на 7 мај
Во временските интервали од 07:30 часот до 09:00 часот, како и од 17:00 часот до 18.30 часот, сообраќајот по бул. Александар Македонски од излезот на Скопје во Автокоманда, кон аеродромот, ќе биде затворен во двете ленти на булеварот и истиот ќе биде пренасочен по споредни сообраќајници.
На трасата Велес – Скопје, во овој временски интервал, сообраќајот за влез и излез во Скопје ќе се одвива преку трасата Миладиновци- Идризово – Маџари.
На трасата Куманово – Скопје, на клучката Миладиновци [кај Рафинеријата], сообраќајот ќе се пренасочува кон Обиколницата на Скопје, на која прв дозволен влез во градот Скопје ќе биде на клучката кај Радишани.
На трасата Куманово-Велес ќе има кратко стационирање (застој на сообраќајот), во двата посочени временски интервали.
Граѓаните кои планираат да поминуваат на овие три правци, да излезат од своите домови еден час порано од претходно планираното, со оглед што движењето по споредните сообраќајници може да трае подолго од планираното. Истото важи и за сите граѓани кои на 7 мај имаат лет преку Меѓународниот аеродром Скопје.
Преку соопштение, се апелира до сите граѓани кои ќе патуваат кон Скопје тој ден, да го користат железничкиот превоз. На 7 мај, железничкиот сообраќај кон Скопје и надвор од Скопје ќе биде бесплатен за сите граѓани. Посебен возен ред на возови за 7 мај, ќе биде објавен на сајтот на Железници на Република Северна Македонија www.mzt.mk, Град Скопје www.skopje.gov.mk , како и на официјалната веб-страна за посетата на Папата Фрациск www.papa.mk.
Посебени правила за движење на пешаци во централното градско подрачје на Скопје на ден 7 мај
За време на апостолската посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија движењето во централното градско подрачје (познато како Мал ринг), за сите граѓани ќе биде непречено, но забавено, бидејќи овој појас ќе биде строго обезбедена зона. Тоа значи дека сите граѓани кои ќе пристапат во оваа зона во периодот од 6 до 19 часот на 7 мај, ќе мора да се идентификуваат со важечки документ за идентификација и да поминат низ безбедносни проверки.
„Поради тоа, апелираме сите граѓани кои работат во оваа зона, да ги напуштат своите домови половина час порано од вообичаено на патот кон работното место, со цел да стигнат навреме“, велат од Владата.
Во зоната Мал ринг ќе се пристапува преку осум влезови на кои МВР ќе врши безбедносна проверка на сите граѓани, како и проверка на лична карти или пасош. Ова се единствените влезови во кои ќе се пропуштаат граѓаните кои ќе се упатуваат кон Плоштадот Македонија.
Влез кај Управен суд на ул. ,,Орце Николов”
Влез кај хотел Мериот на ул. ,,Максим Горки”
Влез кај кафе Тренд на ул. ,,Димитрие Чуповски”
Влез кај Министерство за финансии на ул.,,Даме Груев”
Влез кај Завод за статистика на ул. ,,Даме Груев”
Влез кај Пелагонија на ул.,,Димитрие Чуповски”
Влез кај Порта Македонија на ул. ,,11 Октомври”
Влез на предната страна од ГТЦ кон Плоштад
„Апелираме до сите граѓани кои ќе се упатат кон Плоштадот Македонија за учество на литургијата на Папата Франциск, да пристапат во својата зона преку влезот кој е одреден на бесплатниот билет. Билетот потребно е да се чува со себе се до крајот на литургијата“, велат од координативното тело.
Пешачките мостови на реката Вардар (Камениот мост, Мостот Око и Мостот на уметноста) ќе бидат целосно затворени за движење, како и Кејот ,,13 Ноември” од двете страни на реката.
Сите граѓани кои живеат или работат околу Плоштадот „Македонија“ ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација. Внатре во зоната ќе имаат слободен пристап до сите локации, освен во затворената зона на самиот плоштад, за која е потребна влезница за учество на литургијата. Пристапот за моторни возила, велосипеди, мопеди и слично е забранет во обезбедената зона Мал ринг.
Седми мај е работен ден пришто за сите државни и приватни капацитети ќе бидат обезбедени потребните услови за работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

