Свет
Над 270 службеници умреле од прекувремена работа при броење на гласачки ливчиња во Индонезија
Десет дена откако во Индонезија беа одржани најголемите светски еднодневни избори, повеќе од 270 луѓе починале од болести поврзани со прекумерната работа на повеќечасовно пребројување на милионите гласачки ливчиња, објавија денеска официјални претставници.
Изборите во земјата од 260 милиони луѓе се одржаа на 17 април и за прв пат беа обединети, односно се гласаше на претседателски избори и избор за национален и покраински парламенти, со цел да се намалат трошоците, пренесува „Ројтерс“.
Гласањето генрално помина во мирна атмосфера, но одѕивот беше околу 80 проценти од 193 милиони Индонезијци со право на глас, кои пополнуваа и до пет гласачки ливчиња на 800 000 гласачки места.
Меѓутоа, пребројувањето на гласовите во рок од само осум часа во земјата која се протега на речиси 5 000 километри од исток до запад, се покажало како огромен логистички подвиг и напор, што во крајна линија бил смртоносен за некои службеници кои рачано ги пребројувале гласачките ливчиња.
До саботата навечер, починале 272 службеници, главно поради влошување на здравствената состојба од прекувремена работа, а 1 878 други заминале на боледување, изјави портпаролот на Државната изборна комисија (КПУ), Аријеф Сусанто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.
Свет
Зеленски: Русија ја нападна Украина со повеќе од 450 дронови и 45 ракети, повредени се и деца
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија ја нападнала Украина од полноќ со повеќе од 450 дронови и 45 различни видови ракети.
– Во тек е спасувачка операција во Дњепар. Русија ноќеска го гранатираше градот, погодена е станбена зграда. Досега е познато дека се повредени 11 лица, вклучувајќи деца. За жал, едно лице почина. За жал, едно лице почина и во регионот Харков, има жртви во регионот Киев и Полтава, информира Зеленски во објава на Фејсбук.
Според него, руските сили ги нападнале и регионите Дњепропетровск, Кировоград, Николаев, Суми и Чернихив.
– Целите на терористите се непроменети, обичниот живот, станбените згради, нашата енергија, инфраструктурата. Прашањето е во ресурсите за убивање, за парите – потребни се санкции за да се лиши Русија од можноста да ја продолжи војната што ја почна и што се влече. Ги цениме сите чекори што нашите партнери веќе ги презедоа, но руските напади покажуваат дека притисокот мора да биде посилен, нагласи Зеленски.

