Свет
(Видео) Американец мислел дека ќе умре, ги затворил очите и предизвикал страотен верижен судир
Рогел Лазаро Агилера Медерос мислел дека ќе умре и ги затворил очите пред неговиот камион да удри во колона возила, со што предизвикал верижен судир во Колорадо во кој загинале четири лица, соопштија локалните власти, а пренесе Си-ен-ен.
Камионот на 26 април предизвикал верижен судир во кој учествувале околу 28 автомобили и камиони долж автопат во близина на Денвер.
Агилера-Медерос (23) сега се суди по четири точки за убиство предизвикано во сообраќајна несреќа. Тој се појави на суд во саботата, кога беше овозможена кауција од 400 илјади долари.
Инспекторите од случајот изјавија дека Агилера-Медерос кажал оти возел со брзина од 137 километри на час, во моментот кога откажале сопирачките на камионот. Се обидел да сврти настрана за да ја избегне колоната возила, но таму веќе имало друг камион.
„Агилера-Медерос мислел дека со сигурност ќе умре и ги затворил очите пред да удри во колоната возила“, се вели во извештајот на полицијата.
Во трагичната сообраќајна несреќа загинаа: Харисон Дојл (61), Вилијам Бејли (67), Мигел Анхел Ламас Арелањо (24) и Стенли Политано (69).
Властите соопштија дека нема докази оти Агилера-Медерос за време на несреќата бил под влијание на дрога или алкохол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Не се сигурен сојузник“: Белгискиот премиер го критикуваше односот на САД кон Европа
Белгискиот премиер Барт де Вевер изрази сомнежи за улогата на Соединетите Американски Држави како сојузник на Европа, наведувајќи дека на нивниот сојуз повеќе не може безусловно да се смета. Тој, исто така, остро се осврна на изјавите на Трамп за Гренланд и Русија, пишува „Гардијан“.
„Европа се наоѓа на раскрсница и мора да одлучи каква ќе биде нејзината политика. Досега се обидувавме да го смириме новиот претседател во Белата куќа. Бевме многу благи, вклучително и со царините. Бевме благи надевајќи се дека ќе ја добиеме неговата поддршка за војната во Украина. Но сега се преминуваат толку многу црвени линии што мора да се избере меѓу самопочитта. Едно е да бидеш среќен вазал. Но нешто сосема друго е да бидеш беден роб. Ако сега се откажеш, ќе го изгубиш достоинството. А тоа е, веројатно, најдрагоценото нешто што можеш да го имаш во една демократија“, изјави де Вевер.
Остро реагираше и на ставовите на Трамп за Русија и Гренланд, велејќи дека Европа мора да повлече граница: „Или ќе бидеме обединети, или ќе заврши 80-годишната ера на атлантизмот.“
Како пример наведе дека американски претставници на состанок за Украина рекле дека не сакаат да заземаат страна. „Ова го охрабрува Путин. Неговата сила е нашата поделба“, изјави де Вевер.
Свет
Зеленски останува во Украина, нема да патува во Давос
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека нема да патува на Светскиот економски форум во Давос, одлучувајќи да остане во земјата поради најновиот руски ноќен напад кој ја влоши енергетската криза.
„Без сомнение, во овој случај ја бирам Украина, а не економскиот форум“, изјави Зеленски. Тој додаде дека би размислил за присуство само ако постои реална можност да се донесат одлуки за дополнителни системи за противвоздушна одбрана и енергетска помош за Киев.
Во нападот загина едно лице, а три се повредени. Над 6000 згради во Киев останаа без греење, а делови од градот и без струја и вода. Зеленски изјави: „Имам план како да им помогнам на луѓето со енергетските проблеми.“
Фото: Depositphotos
Свет
„Би-би-си“: Европскиот парламент ќе го суспендира процесот за одобрување на трговскиот договор со САД
Европскиот парламент треба да го суспендира процесот на одобрување на трговскиот договор меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави, кој беше договорен во јули, дознава „Би-Би-Си“ од извори блиски до Комисијата за меѓународна трговија на Европскиот парламент.
Одлуката за суспензија, според истите извори, треба официјално да биде објавена утре попладне во Стразбур.
Како што пишува „Би-Би-Си“, станува збор за договорот што во јули го постигнаа американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, при средба на голф-игралиштето на Трамп во Шкотска.
Договорот предвидува намалување на американските царини на целиот увоз од Европската унија на 15 отсто. Во тој момент, договорот во Брисел беше оценет како поволен, со оглед на тоа што Трамп претходно се закануваше со воведување царини до 30 отсто на европска стока.
Меѓутоа, како што нагласува „Би-Би-Си“, договорот сè уште треба формално да добие одобрување од Европскиот парламент. Комисијата за меѓународна трговија досега нема завршено анализа на договорот, што сега доведе до одлука за привремена суспензија на процесот.
Дополнителен притисок врз договорот се појави во саботата, само неколку часа по новата закана на Трамп за воведување нови американски царини, поврзани со прашањето за Гренланд. Влијателниот германски пратеник во Европскиот парламент Манфред Вебер тогаш изјави дека „одобрување во овој момент не е можно“.
Во завршната фаза на преговорите за трговскиот договор, Европската унија, потсетува „Би-Би-Си“, привремено ги суспендираше сопствените контрамерки, односно царините на американска стока во вредност од 93 милијарди евра.
Таа суспензија истекува на 6 февруари. Ако до тој датум не дојде до продолжување на суспензијата или до парламентарно одобрување на договорот, европските царини на американска стока ќе стапат на сила веќе на 7 февруари.
„Би-Би-Си“ заклучува дека натамошниот развој на настаните би можел сериозно да ги искомплицира трговските односи меѓу Брисел и Вашингтон, во време кога трансатлантските односи веќе се под притисок поради бројни отворени политички и безбедносни прашања.

