Македонија
Заев: Време е Европската Унија да преземе одговорни чекори за Северна Македонија

Премиерот Зоран Заев преку соопштение говореше за заклучоците од Конференцијата за Западен Балкан во Берлин, во организација на канцеларката Ангела Меркел и на претседателот Емануел Макрон, истакнувајќи дека е важно што договорот со Грција е модел за решавање отворени прашања и конфликти.
„Нашата земја и договорот беа инспирација за почетокот и крајот на речиси секоја дискусија на конференцијата со заклучок дека соработката и стабилноста се суштината на заедничката европска перспектива на регионот. Меѓу заклучоците беше потенцирана и важноста од постигнување конечен договор за целосно нормализирање на односите меѓу Србија и Косово како нов важен придонес кон регионалната стабилност. На конференцијата исто така се договоривме да ги интензивираме активностите за основање регионална економска зона, да останеме посветени на Берлинскиот процес и да ги поддржиме иницијативите за инфраструктурна поврзаност, економска соработка, слободна трговија и младински размени во регионот“, вели Заев.
Иако проширувањето на Унијата не беше тема на конференцијата, додава премиерот, ги искористивме сите можности да ја испратиме нашата порака, а тоа е пораката на нашите граѓани до Европа, дека сме подготвени да придонесуваме уште повеќе и да бидеме јадрото на Балканот од кое извира европската идеја за заедништво, солидарност и соработка.
„Порачавме дека стабилноста и реформите кои ги испорачуваме мора да бидат разбрани како сериозни аргументи за позитивна одлука од страна на Европската Унија за почеток на преговорите со Северна Македонија во текот на летото. Презедовме одговорност за себе и за регионот. Сега е време и Европската Унија да преземе одговорни чекори за Северна Македонија и за Западен Балкан, што впрочем ќе значи и одговорност кон сопствените европски народи“, нагласи Заев.
Тој рече дека во духот на соработката и интеграцијата, сега е неопходно и Унијата да испорача бидејќи европската идеја за сојузништво на различностите бара постојана грижа за себе и за другиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, максималната температура до 35 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса од четврток до недела ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.