Економија
Николовски: Откупот на оризот од реколтата 2018 е комплетно завршен

Откупот на оризот од реколтата 2018 е комплетно завршен и според податоците од регистарот на МЗШВ, откупени се 10 000 тони оризова арпа и 7 000 тони бел ориз, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Откупната цена на белиот ориз од реколтата 2018 бележи пораст од 8 до 13 денари по килограм. Конкретно, крупниот бел ориз се откупуваше по цена од 45 до 50 денари за килограм, за разлика од реколтата 2017 кога откупната цена беше од 35 до 37 денари.
Зголемување има и на откупната цена на оризовата арпа која за 2018 достигна од 20 -24 денари по килограм, а во реколтата 2017 цената беше од 14 до 18 денари по килограм.
Откупната цена на ситниот бел ориз од реколтата 2018 се движеше од 30 до 35 денари по килограм, за разлика од реколтата 2017-та кога беше од 25 до 30 денари по килограм.
Додека, откупната цена на ситната арпа бележи пораст од 4 до 8 денари по килограм во зависност од квалитетот, односно за реколтата 2018 се откупуваше по 20 денари за килограм за разлика од претходната реколта кога цената се движеше од 12 до 16 денари за килограм.
„Интервентната мерка којашто кон крајот на минатата година ја донесе Владата на Република Северна Македонија за производителите на ориз, придонесе целото производство на ориз од реколтата 2018 веќе да биде во целост откупено по повисока откупна цена во споредба со претходните реколти. Владата минатата година поради ниската откупна цена на оризовата арпа и нарушениот баланс помеѓу понудата и побарувачката, а со цел да се поттикне договорениот откуп на оризова арпа од реколтата 2018 година, донесе интервентна мерка од 5 денари за килограм произведена и предадена оризова арпа кај регистрирани откупувачи. Рокот за поднесување барања за интервентната мерка заврши на 25 овој месец, во моментов во Платежната агенција се врши обработка на пристигнатите податоци по што во текот на месец мај ќе започне исплатата на дополнителната субвенцијата за интервентната мерка од 5 денари, што е особено важно за производителите на ориз“, изјави министерот Николовски.
МЗШВ најави дека и во следниот период ќе продолжи со спроведување развојни мерки за производството на ориз. Затоа оваа година во Програмата за директни плаќања, како што велат, издвоени се повеќе пари за финансиска поддршка за земјоделците производители на ориз. Висината на субвенцијата за површини засеани со ориз од 6 000 денари е зголемена на 18.000 денари по хектар, за оние земјоделци кои не употребуваат сертифициран семенски материјал. Додека, субвенцијата за земјоделците кои употребуваат сертифициран семенски материјал од 12.000 денари е зголемена на 25.000 денари по хектар, односно 30 000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 5 хектари до максимум 50 хектари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николоски: За автопатот Кичево-Букојчани ќе избереме изведувач овој месец, изградбата започнува веднаш согласно временските услови

Овој месец, почетокот на следниот месец ќе биде избран Изведувач за изградба на автопатот Кичево -Букојчани и доколку дозволат временските услови веднаш ќе се започне со изградба, најави денеска од Кичево, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
„До среда е рок за достава на понуди на автопатот Кичево Букојчани. Тој го работиме заедно со ЕБОР. Вредноста е проценета на околу 123 милиони евра, истите ги имаме обезбедено во соработка со ЕБОР а 20 % се грант средства. Очекувам до крај на овој месец, почетокот на следниот месец да имаме избрано Изведувач и доколку не послужат временските услови, а доколку не, со почетокот на следна градежна сезона во март да почнеме со изградба и на овој автопат кој што очекувам во период од 3 години да се заврши. Дополнително на тоа е најголемиот инженерски потфат, а тоа е изградбата на автопатот од Букојчани до Гостивар или популарната Стража. Од 33 км колку се проектирани, 17км се пробиени. Од март ќе се пробиваат и другите километри и првпат ќе видиме автопат да се гради од двете страни и очекувам до 2028 година и тој автопат да биде завршен што значи дека до крај на 2028 година Кичево ќе биде средиште на автопатското поврзување на Коридор 8, што значи дека по автопатско решение ќе се патува и кон соседна Србија, соседна Албанија и Грција” – истакна Николоски.
Тој најави дека до пролет и тунелите на автопатот Кичево-Охрид ќе бидат пуштени за сообраќај.
„Таму имаме 16 проблематични косини, на две од нив се работи од страната на Кичево, а за останатите проектирањето завршува на 1 ноември. До пролет очекувам и тунелите да бидат пуштени во употреба, а останите делови на автопатот да се пуштаат сукцесивно” – изјави вицепремиерот Нколоски.
Економија
Славески: Народната банка е пример за креирање политики засновани на квалитетни податоци и истражувања

„Несомнено, квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето на кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност. Затоа, Народната банка своите одлуки секогаш ги темели на робусни докази засновани на детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци, коишто го одржуваат и јакнат нејзиниот кредибилитет. А во време на глобални неизвесности и повеќе последователни кризи, токму силниот кредибилитет претставува најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика“. Ова го порача гувернерот Трајко Славески во своето воведно излагање на годишната конференција „Применети економски истражувања: патот кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“ организирана од страна на Балканската асоцијација на економисти во применета економија, во соработка со и поддржана од Економскиот факултет – Скопјe при УКИМ и Сојузот на економисти на Македонија.
Славески се осврна на анкетното истражување на Global central banking околу главните приоритети на централните банки, оперативните поставености и, следствено нивните истражувачки активности во следниот период.
„На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните глобални предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се во насока таа да се сведе на историските нивоа од околу 2%. Третата област е кибер-безбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои што се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.
Во фокусот на истражувањата се и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути коишто сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки.
Славески посочи дека носењето на одлуки базирани на докази е неопходно за централните банки успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено во услови на епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и гео-економска дезинтеграција.
Во своето обраќање тој порача дека Народната банка посветено и во континуитет работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, коишто претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјата.
Економија
МФ: Исплатени 19,4 милиони евра нова транша за поддршка на домашните компании

Над 1 милијарда денари нова транша е исплатена од кон Развојната банка за подршка на домашните компании, средства кои Владата ги обезбеди по поволни услови од унгарскиот заем, извести МФ.
Од централниот Буџет кон Развојната банка се исплатени 1,2 милијарди денари, односно 19,4 милиони евра, средства со кои ќе се реазираат инвестициски проекти од страна на домашните компании, кои претходно се одобрени од страна на деловните банки.
Со оваа транша вкупната поддршка што од централниот Буџет е трансфериран кон домашната економија преку оваа владина мерка изнесува 190,5 милиони евра.
Во Буџетот за 2025 година проектирани се вкупно 250 милиони евра кои се наменети за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании, а кои треба да покренат инвестициски циклус во приватниот сектор од околу 300 милиони евра. Средствата за оваа намена ги обезбеди Владата по поволни услови преку унгарската Експорт-импорт банка, соопшти Министерството за финансии.