Македонија
Посебен сообраќаен режим за 1 Мај во Скопје

Поради закажаниот синдикален марш во организација на Сојузот на синдикати на Македонија, по повод Денот на трудот, утре, 1 мај, од 11 часот во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим .
Предвидено е маршот да почне пред зградата на ССМ на ул. Мирче Ацев со движење: лево по ул. Филип Втори Македонски, десно по ул. 11 Октомври, право по ул. Димитрие Чуповски, десно по ул. Васил Главинов, право по бул. ВМРО, лево по бул.Илинден до пред објектот на Влада на РСМ во Скопје.
Од тие причини сообраќајната полиција ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените сообраќајници во централното градско подрачје. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се движат учесниците на маршот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Димитров: ЕУ дозволи она што за нас беше најважно и што го обезбедивме со преспанскиот договор сега да биде нападнато од Бугарија

„Европа мора да биде доследен, конзистентен и принципиелен партнер, партнер што испорачува и исполнува ветувања. Партнер кој е гласен кога се прават неправди, кога се крши меѓународното право, кога се злоупотребуваат човековите права. Тоа не го гледаме“, порача претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, на „Сими симпозиумот“, што се одржува 27. пат во Грција.
„Силата на ЕУ секогаш била во принципите. Во моментот кога Европа ги напушта вредностите, тоа станува ништо. Европа мора да биде доследен, конзистентен и принципиелен партнер, партнер што испорачува и исполнува ветувања. Партнер кој е гласен кога се прават неправди, кога се крши меѓународното право, кога се злоупотребуваат човековите права. Тоа не го гледаме”, порача Димитров.
Тој зборуваше за македонското искуство во европските интеграции и блокадите со кои земјата се соочува:
„ЕУ дозволи она што нам ни беше најважно и она што го обезбедивме со преспанскиот договор, она што Грција го прифати – дека ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик, да биде сега нападнато од Бугарија. Бугарија гордо го грабна ветото откога тоа прво ни беше ставено од Франција, ужасна геостратешка грешка на Париз. И сега наместо да зборуваме за реформи, заглавени сме со срамни прашања од минатиот век, со наратив што, едноставно, е недозволив во 21 век во Европа – некој друг да ми кажува кој сум и каков јазик зборувам“, порача Димитров.
Тој зборуваше и за улогата на ЕУ на светската геополитичка сцена потенцирајќи дека со политика на компромиси кога се клучните вредности во прашање, ЕУ си ги подрива и сопствениот кредибилитет и своето значење во свет што станува мошне опасен и непредвидлив.
„Мислам дека многу европски лидери, со чест на исклучоците, не се свесни колку на долг рок нивниот молк за Газа ќе се одрази врз силата на ЕУ, на пример“, заклучи Димитров.
На панел-дискусијата посветена на демократските предизвици во Медитеранот заедно со Димитров беа и албанскиот државен министер за врски со парламентот, Тулант Бала, Мехди Јома, поранешен премиер на Тунис, Амр Муса, поранешен генерален секретар на Арапската лига, професорот по политички науки на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, Харис Милонас, Сонер Чапгатај од Институтот „Вашингтон“ и Јахја Саид од Лондонската школа за економија.
„Сими симпозиумот“, каде што претседател е поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, е една од водечките светски конференции, која веќе 27 години се одржува во Грција, каде што се собираат речиси двесте водечки мислители, професори, актуелни и поранешни лидери и истакнати општествени дејци од целиот свет.
Македонија
Герасимовски: Досега 1.360 пензионери од општина Центар се пријавиле за еднократната помош од 2.500 денари

За помалку од една недела, 1360 пензионери од Центар се пријавиле за еднократна парична помош од 2.500 денари.
„Пријавувањето е во тек. Интересот е навистина голем. Пензионерите најчесто ги користат утринските часови за да се пријават, а бројот на поднесени барања секојдневно расте. Ова е јасен показател дека ваквата мерка навистина им значи на нашите повозрасни граѓани”, посочи градоначалникот Горан Герасимовски.
Право на оваа помош имаат сите пензионери, жители на Општина Центар, кои примаат старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија во месечен износ до 26.157 денари, соопштија од општината.
„Потребни документи за аплицирање: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, потврда за последната примена пензија (чек или потврда од банка за мај или јуни), а за социјална пензија потребна е потврда или решение од надлежниот Центар за социјална работа.
Барањата се поднесуваат во Општина Центар , барака број 6, секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот. Формуларот за пријава може да се преземе и од веб-страницата на општината.
Повикот е отворен до 18 јули или до исцрпување на предвидените средства.
Исплатата на средствата ќе се реализира во текот на летото“, соопштија од општината.
Македонија
Заробена култура, „исчезнати“ фондови, наследството што ДУИ им го остави на Албанците, велат од „Вреди“

Повеќе од 20 години на власт, Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја заборави албанската култура. Претставувањето на албанските уметници стана спорадично, финансирањето беше политизирано, а културните институции беа претворени во алатки на партиска пропаганда или извори на сериозна финансиска злоупотреба, велат од „Вреди“.
„Еве ги фактите што зборуваат сами за себе: Филхармонијата со само 4% застапеност на Албанците. Операта и Балетот со само 1% застапеност. Агенцијата за филм затворена за албанските уметници. Националните фестивали, театрите и институциите за културно наследство беа заробени од клиентелистичка мрежа и затворени за албанските творци.
Уште полошо, културата не само што беше занемарена, туку во некои случаи беше користена како инструмент за лично богатење и злоупотреба на јавни средства“.
Најскандалозниот случај за кој посочуваат од „Вреди“ е изградбата на новата зграда на Театарот и Библиотеката во Тетово, каде што, според официјалните информации, како што е истакнато во реакцијата од оваа партија, во тек е судски процес поради сомнежи за злоупотреба на 13 милиони евра.
„Одговорностите се јасни, и никој не може да избега од минатото што сами го имаат создадено.
Денес, кога „Вреди“ е дел од Владата, не бегаме од одговорност — но и не дозволуваме оние што ја уништија албанската култура, денес да се претставуваат како нејзини „заштитници“.
„Вреди“ секогаш ќе стои на страната на еднаквоста, заслугите и националното достоинство.
Културата не е празничен декор, туку суштински дел од општеството.