Македонија
Мицкоски: Успеавме да се издигнеме како феникс од пепел и да се обединиме
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера оствари средба со граѓаните на општина Кочани, Кочанско Оризари и општина Чешиново Облешево.
На средбата во Кочани, Мицкоски истакна дека на 21 април граѓаните со поддршка за кандидатот за претседател на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова го победиле злото, како и вистината наспроти лагата, а тоа ќе го запечатат и во вториот круг на 5 мај.
„На првиот мегниг победи доброто наспроти злото, вистината ја победи лагата, правдата ја победи неправдата. Јас сум дека убеден овој пат конечно ќе расчистиме со овие транзициони политички измамници кои што за жал се денеска секојдневие во Република Македонија и ќе ги пратиме онаму каде што им е местото, на темната страна на историјата, вели Мицкоски. Не веруваа, не омаловажуваа, не понижуваа никој не веруваше во ова што денеска е ВМРО-ДПМНЕ, никој не веруваше во нашата победа. Но, ние успеавме во 47 општини во Република Македонија да се издигнеме како феникс од пепел, да се обединиме, да застанеме рамо до рамо, да ги убедиме нашите сограѓани во нашите вредности, во вистината, во правдината, во правдата, наспроти неправдата, лагите, манипулациите, честитоста наспроти нечеститоста. Ги убедивме нашите сограѓани во љубовта кон нашата татковина, во љубовта кон Македонија. Јас сум убеден дека истото тоа заедничко овие преостанати неколку дена сите заедно ќе го сториме не само овде во Кочани туку секаде во Македонија и ќе издвојуваме една огромна победа за Гордана, за Македонија, но и за ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Мицкоски.
На средбата во Кочанско Оризари пред присутните граѓани, Мицкоски ветувањата на Заев ги опиша како празни, нагласувајќи дека и покрај сите ветувања земјоделците единствено што добиле од СДСМ и Заев е потценување на нивната мака и труд.
„Кочанско Оризари одбира правда. Земјоделците велат власта ниту едно ветување не оствари од оние кои ги даваа пред изборите. Земјоделците не се задоволни зошто државата им го потценува трудот. Земјоделците не се плашат и земјоделците ќе одберат правда за Македонија“, вели Мицкоски.
Тој при посета во Чешиново Облешево порача дека жителите од оваа општина нема да подлегнат на лагите и манипулациите и дека на 5 мај оваа, како што рече, ненародна власт на СДСМ и Заев конечно целосно ќе биде делегитимирана од страна на народот.
„Чешиново Облешево се крева против неправдите. Нема да подлегне на лагите на власта. И ним им е јасно дека паѓаат. Пендаровски го плаши народот да не дозволеле да победи Сиљановска зошто тогаш ќе имало парламентарни избори на кои ќе победело ВМРО – ДПМНЕ. Значи и ним им е касно дека владеат без поддршка на мнозинството граѓани, со други зборови се делегитимирани. Време е да ја смениме сликата за политичарите, време е за ново време каде ќе победи правдата, честитоста и вистинскиот напредок“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.

