Свет
Амбасадорот на САД во Германија повторно им се закани со санкции на компаниите од Северен поток 2
Американскиот амбасадор во Германија, Ричард Гренел, повторно ги предупреди германските компании вклучени во изградбата на гасоводот Северен поток 2 дека може да се соочат со рестриктивни мерки ако останат посветени на руско-европскиот проект, пренесува „Спутник“.
„Од американска гледна точка, овој гасовод не само што пренесува гас туку исто така има висок ризик за санкционирање”, рече Гренел во интервју за германски „Фокус”.
Забелешките доаѓаат откако Гренел, наводно, испратил предупредувачки писма до германските компании во средината на јануари поради нивното учество во проектот. Тој побарал тие да ги анализираат опасноста што тој ја претставува за европската енергетска безбедност и трошоците и ризиците од санкции.
Во тоа време, и конзервативните и левичарските германски политичари едногласно ги критикуваа забелешките на Гренел, а руското МНР го обвини за обид да ги исплаши германските фирми кои работат на Северен поток 2.
Во меѓувреме, Анегрет Крамп- Каренбауер, новиот лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Германија, ја истакна својата поддршка за проектот без оглед на сè. Нејзината изјава дојде неколку дена откако Мануела Швесиг, министер-претседател на германската држава Мекленбург-Западна Померанија, ја критикуваше неодамнешната изјава на лидерот на Европската народна партија, Манфред Вебер, кандидат за претседател на Европската комисија, дека ќе да се потруди да ја блокира изградбата на гасоводот ако ја преземе функцијата.
Претходно, еврокомесарот за буџет и човечки ресурси, Гинтер Отингер, во интервју за германската медиумска група „Функе” рече дека изградбата на Северен поток 2 е веќе незапирлива во сегашната фаза бидејќи е речиси завршена.
Германија се соочува со притисок од САД и некои земји членки на ЕУ поради поддршката за Северен поток 2 за кој Вашингтон тврди дека ќе ја зголеми зависноста на Европа од рускиот гас. Германските власти, меѓу кои и канцеларката Ангела Меркел, постојано го бранеа проектот за гасоводот, велејќи дека тој е во интерес на блокот и дека не ја компромитира енергетската безбедност на ЕУ или Германија
Одговарајќи на повиците на американскиот претседател Доналд Трамп кон Берлин да ја прекинат соработката со Москва на инвестицијата вредна 11 милијарди долари, рускиот претседател, Владимир Путин, посочи дека Трамп сака да ја принуди Русија да излезе од европскиот енергетски пазар за да може САД да продаваат повеќе течен природен гас во Европа.
Северен поток 2 е заедничко вложување на рускиот „Газпром“, германскиот „Унипер” и „Винтершел”, францускиот „Енжи”, австрискиот ОМВ и англо-холандската „Ројал дач шел“. Проектот треба да биде завршен пред крајот на 2019 година и предвидува изградба на гасовод кој ќе се протега од Русија, низ Балтичкото Море до центар во Германија, заобиколувајќи ја Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Објавени имињата на сопружниците кои загинаа враќајќи се од Германија, братот на починатиот е во кома
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи рано утрово на автопатот Белград- Ниш, во близина на клучката Умчари, две лица го загубија животот, додека друг патник е итно однесен во болница со тешки повреди.
Познато е дека во возилото на несреќата биле двајцата браќа Назим и Шкелзен Авдиу, како и сопругата на Шкелзен.
Свет
Орбан: Распадот на Украина би бил катастрофа за Украина
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека распадот на Украина би имал сериозни последици по неговата земја.
– Немојте да се залажувате: распадот на Украина би бил катастрофа за Унгарија, напиша Орбан на платформата Икс.
Тој додаде дека стабилноста на соседните држави е важна.
– Унгарија ја снабдува Украина со 44 отсто електрична енергија и 58 проценти гас. Во меѓувреме, војната ја слабее Украина секој ден. Само мирот може да ја зајакне. Секој кој навистина ја поддржува Украина мора да сака мир, и сега, посочи Орбан.
Свет
Нема да има блокада на граничните премини со Грција за време на празниците
Грчките земјоделци најавија прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, овозможувајќи им непречено патување за граѓаните.
Блокадата на земјоделците е проблем за многу македонски државјани кои изминативе недели им беше отежнато патувањето кон или од Грција.
Грчките медиуми известуваат дека за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да патуваат.
Земјоделците одлучија да ги прекинат блокадите и да ги отворат граничните премини и патиштата во два периода: од вторник, 23 декември, до недела, 28 декември 2025 година и од вторник, 30 декември, до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, премиерот на Грција посочи дека многу од барањата на земјоделците од неговата држава се исполнети.„Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост“, објави на Фејсбук премиерот Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања.

