Македонија
Одбележан денот на МНР: 50-годишнина од зародокот на македонската дипломатска служба
Во Музејот за современата уметност се одржа традиционалната прослава по повод Денот на МНР – 29 Април. Годинешната јубилејна прослава ја одбележа 50-годишнината од формирањето на Бирото за односи со странство во 1969 година, претходник на современото Министерство за надворешни работи, кое во 1991 година на Денот на независноста ја презеде одговорноста за етаблирање на земјата како независна и суверена држава.

На прославата се обратија премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, а во име на дипломатскиот кор зборуваше доајенот, амбасадорот Матс Стафансон.
Во поздравниот говор, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, истакна: „Особено сум почестен и се гордеам што можам со вас да ги споделам 50-те години раст и развој на Министерството за надворешни работи. Во исто време, ова е вистински предизвик и одговорност за мене бидејќи не е лесно да се зборува за нешто што е постаро од вас самиот“.

Споделувајќи ги заедничките приказни, но и несовршеностите и визијата, како особено важно достигнување на нашата дипломатија, Димитров го истакна потпишувањето на протоколот за нашето членство во НАТО на 6 февруари 2019 година опишувајќи го како „денот кога се оствари децениската заложба на нашата држава, на кој особено се гордееме. Се гордееме што ја избравме активноста, конструктивноста и одлучноста како ориентир и принцип во надворешната политика. Тоа беше најголем доказ за зрелост и ако, како што велат нашите партнери – оваа година единствената светла приказна доаѓа од Балканот – и притоа се надоврзат преземените внатрешни реформи, тогаш несомнено и недвојбено нашата држава во јуни ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ.
Премиерот Заев го потенцира напредокот во надворешната политика постигнат во изминатите две години: „Северна Македонија за многу кус период ги реши сите отворени прашања и несогласувања со соседите. Од изолирана држава прерасна во модел за успешно решавање на билатералните спорови. Од нашите најголеми противници создадовме наши најголеми сојузници и поддржувачи на патот кон НАТО и Европската Унија. Реалност станаа нашата стратешка ориентација и долгогодишниот стремеж да бидеме на иста маса со големите сили во НАТО. А веќе сме на чекор да го преминеме и прагот на Европската Унија. Овие факти за мене, а верувам и за сите граѓаните на оваа земја, се повеќе од доволни да продолжиме во ист правец кога е меѓународната политика во прашање“.
Министерката Царовска, пак, истакна: „Една од основните мои заложби за кои жестоко сум се залагала уште пред да станам министерка е родовата еднаквост. Силно верувам дека жени мора да има на лидерски позиции и еднакво да учествуваат секаде каде што се носат одлуки. Без тоа ние не можеме да зборуваме ниту за демократија ниту за праведно општество. Жени мора да има и во дипломатијата, и во одбраната и во безбедноста“.
Во рамките на церемонијата Димитров го додели традиционалното признание „Дипломат на годината“: „Беше предизвик и стремеж за државната политика и за многумина во Министерството, луѓе што му дадоа и личен белег на овој процес, се гордеам и благодарен сум им на сите. Оттука, во годината кога го бележиме овој најголем успех на меѓународната политика, особено ми е задоволство што признанието ‘Дипломат на годината’ му припадна токму на еден од нив – Дејан Велкоски!“, потенцира Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

