Свет
Американски конгресмен тврди дека во Венецуела има руско нуклеарно оружје
Американски конгресмен го шокира светот тврдејќи дека Русија тајно воспоставила база за нуклеарно оружје во Венецуела во екот на зголемените тензии во социјалистичката држава, пренесува „Дејли експрес“.
Шоканткото тврдење потсетува на кубанската ракетна криза за време на Студената војна кога за малку ќе избувнеше нуклеарна војна меѓу Русија и САД поради руските воени бази во Куба.
Републиканскиот конгресмен Марио Дијаз-Баларт го изјавил ова неколку дена откако претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, го задуши обидот за државен удар од лидерот на опозицијата Хуан Гваидо.
Говорејќи на „Фокс њуз“, Дијаз-Баларт рече дека ако тврдењата се точни, постои ризик од нуклеарна војна во Америка, но не понуди конкретни докази за неговите тврдења. Тој посочи дека во Венецуела веќе има руска, кинеска, иранска војска и припадници на Хезболах, кои би можеле да ја искористат земјата како платформа за напад врз САД.
На прашањето дали верува дека Владимир Путин ќе ги нападне САД, Дијаз-Баларт рече:
„Најблиску бевме до нуклеарна војна кога Русите поставија нуклеарни проектили во Куба“.
Карлсон продолжи прашувајќи: „Сакате да кажете дека Русите ќе постават нуклеарни проектили во Венецуела?“
Дијаз-Баларт одговори: „Сакам да кажам дека тие се веќе таму“.
Тој посочи дека тековната криза е отворена врата за Русите и за Кинезите и за другите да ја зголемат својата активност против американскиот национален интерес.
И покрај недостигот на докази, руската војска приземји бомбардери носачи на нуклеарно оружје во Венецуела во декември 2018 година, но нема информации дека тие биле опремени со нуклеарни бомби.
Претходно, денес, Гваидо изјави дека размислува да побара од САД воена интервенција во земјата. Говорејќи за Би-би-си, тој рече дека ќе ги процени сите опции за соборување на претседателот Николас Мадуро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

