Македонија
Османи: Европските перспективи се гориво за европските интеграции
Владата на Република Северна Македонија, претставувана од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и УНДП, претставуван од постојаната претставничка на УНДП во земјава, Наринe Сахакиjан, во просториите на Секретаријатот за европски прашања потпиша договор за проектна соработка.
„УНДП е долгорочен партнер и поддржувач на политиките на Република Северна Македонија и овој проект е само продолжение на соработката за создавање подобра средина за поврзување на националната економија со економиите на земјите членки на ЕУ”, изјави Османи по потпишување на договорот, нагласувајќи дека новата студија што ќе произлезе од проектот ќе содржи можни сценарија за динамиката на пристапувањето кон ЕУ и влијанието врз квалитетот на живеење на граѓаните, преку користење на искуствата на земјите кои од неодамна станаа членки на ЕУ, како и преглед на можното зголемување на трошоците за јавната администрација и бизнис-заедницата поради неопходните прилагодувања кон стандардите на ЕУ.
„УНДП е посветен да продолжи да ја поддржува земјата кон патот на ЕУ-интеграциите. Имаме долгорочно искуство во советување на оваа тема низ целиот регион, како и посредничка улога во размена на експертиза и искуства со новите земји членки. Со ова, дополнително го зајакнуваме нашето стратешко партнерство со Владата и заедно ќе продолжиме да работиме на унапредување и на ЕУ-интеграциите и на агендата 2030 – со цел никој да не биде изоставен” , изјави постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакијан.
Новиот проект „Европскиот пат на Република Северна Македонија – постигнување побрз, поинклузивен и одржлив раст” е финансиран од УНДП со времетраење од 7 месеци. Во овој период ќе се одржат серија консултации и анализи во соработка со државните институции, бизнис-заедницата и граѓанското општество.
Како резултат од процесот на консултации ќе произлезе студија, којашто ќе биде развиена со поддршка на национални и меѓународни експерти, со цел да им помогне на донесувачите на одлуки и на општеството да создадат силна аналитичка база за подобро разбирање на ефектите од процесот на пристапување кон ЕУ и постигнување забрзан, инклузивен и одржлив развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

