Свет
Лавров ја оцени средбата со Помпео како конструктивна
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2019/05/h_55172328.jpg)
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и американскиот државен секретар, Мајк Помпео, разговараа во Финска, по што Лавров повторно предупреди дека американската воена интервенција во Венецуела би била катастрофална и неоправдана, пренесе „Ројтерс“.
Лавров пред новинарите оцени дека состанокот бил конструктивен и направен е напредок во преговорите за стратешката нуклеарна стабилност.
„Се обидевме да не се фокусираме на објавите во јавноста кои немаат многу врска со реалните политики“, изјави Лавров, пренесе ТАСС.
Тој изрази надеж дека претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, повторно ќе се состанат.
„Претседателите се согласија да се состанат кога ќе се укаже можност. Сигурен сум дека ќе има такви можности. Кремљ ќе ве извести за тоа“, изјави Лавров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Свет
Финска го повика рускиот амбасадор на разговор: нарушен воздушниот простор
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Screenshot-2025-02-10-205236.jpg)
Финското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека го повикало рускиот амбасадор во Хелсинки за да побара објаснување во врска со сомневањата за нарушување на финскиот воздушен простор што се случи на 7 февруари.
Наводниот прекршок се случил над Финскиот залив, западно од градот Ханко, околу 17:15 часот, објави Министерството на платформата Икс.
„Рускиот авион е осомничен дека неколку минути летал во финскиот воздушен простор“, се наведува во соопштението.
Министерството за одбрана претходно објави дека рускиот државен авион е осомничен за нарушување на финскиот воздушен простор во Финскиот залив, соопшти финскиот јавен сервис Yle.
Сомненијата се дека рускиот авион неколку минути бил во финскиот воздушен простор.
Министерот за одбрана Анти Хаканен изјави дека „сомнителните територијални прекршувања се сфаќаат сериозно“. Граничната патрола го истражува инцидентот.
Регион
(Видео) При обид да го ограби: фрижидер со пиво уби маж во Србија
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/677z381_pivo-frizider-ubio-muskarca-trstenik.jpg)
Г.Т. на возраст од шеесет години загинал при обид да ограби локална продавница во Србија, кога врз него паднал фрижидерот од кој земал пиво.
Припадници на Министерството за внатрешни работи во Трстеник го уапсија С. П. (49) од ова место, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривични дела изложување на опасност и тешка кражба во обид.
„Тој е осомничен дека не му помогнал на Г.Т.(60) кој бил удрен од фрижидерот пред локална продавница кој, како што се сомневаат, заедно се обиделе да го ограбат. Од здобиените повреди Г.Т. починал, пишува во соопштението на полициската управа во Крушевац, пренесуваат медиумите.
На С. П. од страна на јавниот обвинител му е одредена мерка притвор до 48 часа, по што со кривична пријава ќе биде изведен во обвинителството.
Видеото од несреќата набрзо беше објавено на социјалните мрежи.
Свет
Нетанјаху: Средбата со Трамп беше најпријателската, најзначајната средба досега
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Netanjahu-tramp4.jpg)
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон била најпријателската, најзначајната средба досега меѓу израелски премиер и американски претседател.
Нетанјаху рече дека Израел никогаш не бил посилен и дека неговата средба со Трамп била најтоплата од сето она што го имал за време на неговото децениско политичко лидерство.
Тој истакна дека Израел и САД имаат иста цел да ја уништат палестинската милитантна група Хамас и да ги ослободат сите заложници.
Нетанјаху оцени дека предлогот на Трамп за иднината на Појасот Газа претставува „нова и креативна визија“, нагласувајќи дека Трамп е решен да го спроведе, објави „Тајмс оф Израел“.
Неколку израелски опозициски пратеници беа исфрлени од салата откако го прекинаа обраќањето на Нетанјаху во Кнесетот по неговата посета на Вашингтон за време на која се сретна со Трамп.
Опозицијата свиркала и го прекинала говорот на Нетанјаху, пишува „Тајмс оф Израел“.