Македонија
ДОМ: Итно да се усвои новиот закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион
ДОМ апелира Владата на Република Северна Македонија итно да го усвои и достави до Собранието предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион.
Од ДОМ велат дека овој закон обезбедува формално-правни предуслови за ефективно управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион и спречување активности што негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на доброто.
„Со законот се дефинираат составот и надлежностите на Советот за Охридскиот Регион како стручно и советодавно тело на Владата. Се утврдува рок од 6 месеци за донесување на планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион. До донесување на планот привремено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување бесправно изградени објекти. Исто така, привремено се прекинуваат постапките за изработување и донесување, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко-плански и урбанистичко-проектни документации.
Носењето нов закон за управување со Охридскиот Регион е и еден од заклучоците на собраниската надзорна расправа, одржана од Комисијата за култура, по иницијатива на неформалната група „Пратеници-пријатели на УНЕСКО“, чиј координатор е претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Во новиот закон се вградени препораките на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО од април 2017 година, кои се однесуваат на потребните законски измени. Доколку во 2019 година не се спроведат приоритетните препораки на УНЕСКО, Охридскиот Регион може да биде ставен на листата на светско наследство во опасност. Тоа негативно ќе влијае на заштитата на природното и културното наследство, но и на интересот на туристите и приходите од туризмот“, велат од ДОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

