Свет
САД го притискаат Иран да го прекрши нуклеарниот договор за да го прогласат за безбедносна закана

САД го притискаат Иран да направи грешка и да ги прекрши своите обврски во рамките на заедничкиот сеопфатен план за акција, попознат како ирански нуклеарен договор, изјави дипломатски извор во Брисел за „Спутник“.
„Во таков случај САД ќе имаат причина да му посочат на светот дека Иран претставува закана за меѓународната безбедност“, објасни изворот.
Претходно истиот ден Иран ги информира петте преостанати потписници на договорот – Русија, Франција, Велика Британија, Кина и Германија – дека ќе прекрши дел од своите обврски и ќе почне да ги зголемува нивоата за збогатување ураниум по 60-дневниот рок што им го даде.
Во писмото на претседателот Хасан Рухани предадено на амбасадорите на петте земји се наведува дека Техеран покажал самовоздржаност и трпеливост по одлуката на Вашингтон за еднострано повлекување од договорот во мај минатата година и им даде на другите потписници значително време да надоместат за излезот на САД.
Говорот на Рухани доаѓа точно една година откако САД се повлекоа од нуклеарната спогодба од 2015 година, во која беше предвидено кревање на санкциите против Иран во замена за мирнодопска природа на неговата нуклеарна програма. Вашингтон исто така ја објави одлуката за враќање на сите санкции против Исламската Република и серија нови рестрикции со намера да го сведе иранскиот извоз на нафта на нула.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Сè уште размислувам дали ќе присуствувам на преговорите за Украина во Турција

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денес дека сè уште размислува дали ќе присуствува на разговорите за прекин на огнот во Украина, планирани за утре во Турција, но дека не знае дали во нив ќе учествува и рускиот претседател, Владимир Путин.
„Тој би сакал да бидам таму и тоа е можност. Не знам дали би бил таму ако јас не сум таму. Ќе дознаеме“, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион на пат кон Катар, објави „Ројтерс“.
Трамп рече дека би можел да ја посети Турција на разговори како дел од престојот на Блискиот Исток оваа недела, иако неговиот распоред на посети и разговори е преполн и тој треба да биде во Обединетите Арапски Емирати утре.
„Тоа не значи дека не би го направил тоа за да спасам многу животи и да се вратам“, рече Трамп, според извештајот на „Вашингтон пост“.
Трамп потврди дека американскиот државен секретар Марко Рубио ќе биде присутен на разговорите меѓу претставниците на Русија и Украина во Истанбул. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека ќе присуствува на преговорите во Истанбул, само доколку биде присутен и Путин, објави „Танјуг“.
Кремљ денес објави дека ќе испрати делегација во Истанбул, без да прецизира кој ќе ја претставува Москва.
Свет
Папата Лав понуди Ватикан да посредува во решавањето на конфликтите во светот

Папата Лав XIV денес понуди Ватикан да посредува во решавањето на конфликтите во светот. Ватикан е достапен да им овозможи на непријателите да се сретнат и да се погледнат в очи за народите да ги вратат надежта и достоинството што им припаѓаат, рече папата додека примаше претставници на 23 католички цркви од источен обред.
Папата исто така ги повика источните христијани да не ги напуштаат своите земји барајќи ги за себе „сите права потребни за безбеден опстанок“.
Во својот прв неделен благослов како римокатолички лидер папата Лав XIV повика на праведен мир во Украина и итен прекин на огнот во Газа заедно со ослободување на заложниците и испорака на хуманитарна помош.
Свет
Европската комисија: Транспарентноста ни е најважна, ќе ја проучиме одлуката за пораките на Фон дер Лајен

Европската комисија денес реагира на пресудата на Судот на правдата на ЕУ велејќи дека ја зема предвид, дека внимателно ќе ја проучи и ќе одлучи за следните чекори. „Комисијата сега внимателно ќе ја проучи одлуката на Општиот суд и ќе одлучи за следните чекори. За таа цел, Комисијата ќе донесе нова одлука со подетаљно образложение“, се вели во соопштението на Комисијата.
Општиот суд на Европската Унија пресуди дека Европската комисија не дала убедливо објаснување за тоа што не ги поседувала бараните документи, СМС-пораките меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на фармацевтската компанија „Фајзер“, во кои разговарале за набавка на вакцина против коронавирус.
Во соопштението на Комисијата се наведува дека Општиот суд смета дека Комисијата требало да даде подетаљно објаснување во својата одлука дека не поседува документи од бараниот тип.
„Општиот суд не ја доведува во прашање политиката на Комисијата за регистрација во врска со пристапот до документи. Целта на овие правила е да се обезбеди интегритетот на евиденцијата на Комисијата и целосна транспарентност преку обезбедување на важните документи составени или примени од Комисијата да бидат лесно достапни за заинтересираните граѓани на ЕУ“, истакнува Комисијата.
„Транспарентноста отсекогаш била од најголема важност за Комисијата и за претседателката Урсула фон дер Лајен. Ќе продолжиме строго да се придржуваме до воспоставената робусна законска рамка за спроведување на нашите обврски“, додаде Комисијата.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, размениле пораки, чија содржина останува непозната за јавноста, во време кога Комисијата преговараше за договори вредни повеќе милијарди евра за набавка на вакцини против коронавирусот.