Култура
Во спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово промовирана книгата „Погледи во минатото“ од Људмил Спасов
Делегација од Општина Прилеп и Советот, предводена од градоначалникот Илија Јованоски, од основното училиште „Блаже Конески“, денеска положија свежо свеќе и се поклонија пред спомен-плочата во домот на основоположникот на современиот македонски јазик – Блаже Конески . Целта на дешешната посета на спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово беше промоција на книгата „Погледи во минатото/ Избарни теми од македонскиот писмен јазик“ од проф. д-р Људмил Спасов. Промоцијата на овој научен труд, во кој се собрани дела од великанот Конески, е во рамките на одбележувањето на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик.
„Институтот за македонки јазик со особена чест, денеска, доаѓа во посета на спомен-куќата на великанот Блаже Конески, сето ова е во чест на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, утврден оваа година и првпат чествуван оваа година. Чест ни што заедно со колегите од Филолошкиот факултет во Скопје, со градоначалникот на општина Прилеп и Советот за македонки јазик при Владата имаме можност да му одаддеме почит на Блаже Конески и да присуствуваме на промоцијата на последното дело на професорот Људмил Спасов. Од ова што го видовме можеме ние и целата македонска јавност да се гордееме за тоа колку Прилеп се грижи за куќата на Блаже Конески. Институтот секоја година на сите собири има постојана тема за придонесот на Блаже Конески во лингвистиката. Темата за Конески ни е перманентна, постојана и секогаш имаме гости надвор од нашата држава кои сакаат да се навратат на неговото дело. Да не беше Конески и неговиот влог, прашање е за каков јазик ќе зборувавме денеска, всушност, тој е стожерот на современата азбука, правописот на речникот на македонскиот јазик. Еден од главните што помогнаа да се формира Институтот за македонски јазик пред 66 години“, истакна проф. д-р Елена Јованова-Груевска, директор на Институтот за македонски јазик.
Во книгата „Погледи во минатото/ Избарни теми од македонскиот писмен јазик“ станува збор за историјата на македонскиот писмен јазик и она што е многу важно, станува збор за дел од предавањата што Блаже Конески ги има држено пред своите студенти на Филозофскиот факултет во Скопје.
„Јас како наследник на неговите предмети, овде во неговата куќа, на духот на Конески сакам да му покажам дека има книга од неговите предавања, дека го одржуваме неговиот предмет. Како претседател на Советот за македонски јазик се надевам дека не само што ќе го поддржиме споменот на Конески туку и ќе го развиеме, ќе го афирмираме, бидејќи Конески е еден од столбовите вградени во македонската култура. Сакам да порачам дека нам ни останува да го чуваме и чествуваме македонскиот јазик, 5 мај да го користиме како ден кога ќе оддадеме почит, особено во основните и средните училишта и на факултетите и да се потсетиме дека сме Македонци и дека со македонскиот јазик не се служат само оние што се Македонци, туку и сите државјани на Република Северна Македонија и пошироко надвор од нејзините градници“, истакна проф. д-р Људмил Спасов, автор на книгата „Погледи во минатото/ Избарни теми од македонскиот писмен јазик“.
Промотор на делото „Погледи во минатото“ од проф. д-р Људмил Спасов беше професор Лидија Аризанкоска од Филолошкиот факултет во Скопје.
„Се работи за избрани поглавја од историјата на македонскиот писмен јазик, многу е важна оваа монографија. Како што рече професорот Спасов, составена е од неколку дела, добар дел авторски трудови, но исто така на добар дел од трудовите автор е и самиот Блаже Конески“, истакна професор Лидија Аризанкоска од Филолошкиот факултет во Скопје.
Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, упати благодарност до сите институции што се грижат за зачувување на спомен-домот и делото на великанот Конески.
„Ни преставува чест да бидеме во куќата на великанот Блаже Конески и да го одбележиме Денот на македонската азбука 5 Мај. Ова е прва година на овој начин да се одбележи овој празник и се надевам дека во иднина одбележувањето на 5 Мај ќе биде посодржајно и тематски побогато“, рече градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.
На промоцијата од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Прилеп беа доделени пофалници на сите заслужни иституции и поединци кои со својата работа придонесоа во одржувањето и зачувувањето на родната куќа на Блаже Конески како културен споменик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

