Македонија
Обвинителството го затвори случајот за тендерите во Министерството за здравство
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција го затвори случајот со наводните незаконитости во јавните набавки во Министерството за здравство, појаснувајќи дека нема место за јавнообвинителска интервенција.
„По сеопфатно проучување на прибраниот доказен материјал во врска со наводните неправилности при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе одлука со која укажува дека нема место за јавнообвинителска интервенција“, соопштија од Обвинителството кое лани поведе предистражна постапка по допрен глас, заради постоење индиции за повреда на законот при постапки на доделување договори за јавни набавки во Министерството за здравство.
Во овој предмет беа опфатени постапките за јавни набавки на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка, набавка за биореагенси и тестови на крв, изградба на бункер за акцелератор во Клиничката болница во Штип и судир на интереси во јавна набавка на лекови во ЈЗУ Клиника за хематологија.
„За да постои кривично дело ‘злоупотреба на службена положба и овластување предвидено и казниво по член 353 став 5’ потребно е јавната набавка да е спроведена на незаконит начин и да има склучен договор за јавна набавка. Доколку нема склучен договор, не се исполнети елементите за сторено кривично дело од овој член. Така, од прибраниот доказен материјал произлегува дека во случајот со набавка на лекот Вемурафениб, постапката за јавна набавка е спроведена, но на предлог на Комисијата за јавни набавки, донесена е одлука за поништување на постапката согласно член 169 од Законот за јавни набавки и не е склучен договор за набавка“, велат од Обвинителство.
Во врска со јавната набавка на биореагенси и тестови на крв, постапката била спроведена, но не бил склучен договор, со оглед на тоа што Државната комисија за жалби по јавни набавки ги прифатила жалбите на жалителите и постапката била поништена.
Што се однесува до постапката за изградба на бункер за акцелератор во Клиничката болница во Штип, од обвинителството велат дека во овој случај се работи за Рамковен договор за заем за финанирање проект за изградба и модернизација на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и регионалната Клиничка болница во Штип каде важат одредбите од Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа, а не одредбите од Законот за јавни набавки, па од тука и не постои повреда на чл. 353 ст.5 од Кривичниот законик.
„Од посебниот извештај, кој е резултат на постапување по допрен глас на Управата за финансиска полиција, а во врска со судир на интереси во јавна набавка на лекови во ЈЗУ Клиника за хематологија, произлегува дека нема повреди во постапката по јавните набавки, ниту е утврден судир на интереси кај одговорните лица, туку јавната набавка во целост и во сите фази е спроведена согласно закон“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

