Култура
Агенцијата за филм на Кански филмски фестивал
Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и оваа година ќе присуствува на Кански филмски фестивал, чие 72. издание свечено ќе почне утре, 14 мај, и ќе трае до 25 мај. На свеченото отворање ќе биде прикажан филмот „Смртта не умира“ на американскиот автор Џим Џармуш.
Агенцијата за филм на Република Северна Македонија ќе ги претстави најновите македонски филмови на својот штанд во павилјонот на Југоисточна Европа SEE Pavilion no. 133, каде традиционално има голем број посетители и професионалци од филмската индустрија, претставници од национални филмски центри и агенции и веќе се закажани бројни состаноци од кои се очекува да произлезат плодни соработки.
Во рамките на фестивалот, на отворањето на програмата Cannes Directors’ Fortnight 2019 (Quinzaine des réalisateurs) на 15 мај, со почеток во 16:45 во Théâtre Croisette ќе биде прикажан омнибус од пет краткометражни филмови во кои ќе учествува со свој филм и македонската авторка, Елеонора Венинова.
„Tthe sign” е еден од петте краткометражни играни филмови снимени како дел од проектот Southeast European Factory (SEE Factory) кој е реализиран според концептот „La Factory“ основан од Dominique Welinski и Directors’ Fortnight.
Southeast European Factory (SEE Factory) е проект за соработка помеѓу пет земји од регионот, меѓу кои е и Република Северна Македонија. За реализацијата на овој проект беа водени разговори со филмските центри од регионот на минатиот Кански филмски фестивал, по што кон крајот на минатата година од страна на Агенцијата за филм беше потпишан и договор за негова реализација. Врз основа на овој договор за реализација на Southeast European Factory (SEE Factory), пет млади автори од регионот имаа можност да работат на пет филмови реализирани од пет автори од регионот и пет автори од светот кои заедно работеа во парови.
Филмовите се реализирани со поддршка на филмските фондови од регинонот.
На филмскиот маркет, кој се одржува во рамките на фестивалот од нашата држава, на 17 мај, петок, со почеток во 18 во салата GRAY 3 ќе биде прикажан филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“ во режија на Куштрим Бектеши, копродукција помеѓу Мануфактура (Македонија), Media&Film (Косово) Ska-ndal (Албанија). Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм.
Во склоп на фестивалот ќе се одржи и третата работилница од програмата за развој на сценарија, ScripTeast на која ѝ претходеа, првата во Стердин, Полска, втората во Берлин (во склоп на Берлинскиот филмски фестивал). Дел од оваа работилница ќе биде македонскиот автор Вардан Тозија, кој беше селектиран за учество со сценатриото за долгометражниот игран филм со работен наслов „М“. Филмот „М“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм и е во фаза на претпродукција.
Агенцијата за филм ќе присуствува на неколку битни состаноци меѓу кои е и Генералното собрание на Европски клуб на продуценти (European Producers club), како и на 64. Генерално собрание на EFP (European Film Promotion) и на сите придружни активности коишто се во организација на мрежата за светска промоција и маркетинг на Европската кинематографија, EFP.
На Канскиот филмски фестивал ќе биде и раководителката на МЕДИА Деск МК, Бистра Георгиева, која ќе учествува на Европскиот филмски форум „Европски таленти: зајакнување на креативниот потенцијал“, како и на годишните состаноци на претставниците на програмата Креативна Европа МЕДИА каде се договараат идните стратегии и можни соработки помеѓу десковите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.

