Забава
(Видео) Првпат по несреќата, семејството на Шумахер ќе излезе пред камера
Легендарниот светски шампион во Формула 1 по страшната несреќа на скијање, кога тешко ја повреди главата, веќе пет години живее речиси во целосна изолација.
Семејната вила во која живее седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер е затворена за јавноста, барем до сега. Семејството на славниот возач одлучи да ги отвори портите на вилата поради снимањето на документарен филм за животот на големиот ас во Формула 1.
Германските режисери Михаел Вех и Бруно Камеретнс направија кинематографско дело со наслов „Шумахер“. Филмот е посветен на според многумина најдобриот возач на Формула 1 во историјата. Премиерата на филмот за популарниот Шуми е закажана за декември годинава.
Во документарниот филм ќе бидат опфатени различни аспекти од животот на Михаел, а мозаикот на сторијата е претставен преку визурата на таткото на Михаел, Ролф, сопругата Корина и децата Мик и Џина.
Семејството Шумахер во целост го поддржува документарниот филм. Во филмот ќе видиме неколку ретки интервјуа и досега невидени архивски снимки. Премиерата на филмот е планирана за 50. роденден на Михаел Шумахер и за 25-годишнината од неговиот прв триумф.
Пред пет години Михаел Шумахер на скијање на Француските Алпи удри во карпа и доживеа тешка повреда на главата. Цели шест месеци Шумахер беше во вештачка кома поради повеќекратните повреди на главата и на ‘рбетниот столб. Многу работи поврзани со неговата рехабилитација сè уште се држат во тајност, дури и во моментов не е познато во каква здравствена состојба е легендарниот шампион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Џон Бон Џови: Не сум правел естетски зафати и не планирам
Рок ѕвездата Џон Бон Џови (68) во подкастот How to Fail зборуваше за стареењето и односот кон естетските зафати. Тој изјави дека никогаш не би се подложил на операции или ботокс.
„Никогаш нема да одам на операции. Косата ми е седа, но барем ја имам. Немам направено ништо — ни ботокс, ни корекција на очи или усни. Не ме интересира тоа“, рече пејачот.
Бон Џови додаде дека го мрази фарбањето коса.
„Пред околу 13 години решив да ја оставам природна.“
Иако призна дека не е целосно задоволен кога ги гледа своите стари фотографии, рече дека најважно му е здравјето: „Може секогаш да заработиш пари или да напишеш песна, но здравјето е клучот на универзумот.“
Во интервјуто спомена и дека ужива во новата улога на дедо, откако неговиот син Џејк и актерката Мили Боби Браун ова лето посвоиле ќерка.
Забава
(Видео) Калиопи објави нова песна и спот
Калиопи денеска во Белград ја претстави својата нова песна со наслов „Добро веќе и лаку ноќ“ („Добра вечер и лека ноќ“).
Автор на музиката, текстот, аранжманот и на продукцијата е повторно Ромео Грил.
Песната „Добро веќе и лаку ноќ“ е достапна на сите дигитални платформи.
Видеото за песната, кое го изработи Александар Ристовски-Принц, може да се гледа на нејзиниот јутјуб-канал:
Забава
(Фото) Бред Пит изненади со нов изглед на бејзбол-натпревар
Бред Пит повторно го промени својот имиџ. Славниот актер ја покажа својата најнова трансформација за време на четвртиот натпревар од американската бејзбол-лига World Series, кој се одржа на 28 октомври на стадионот „Доџерс“ во Лос Анџелес. Пит се појави со подолга, неуредна руса коса, седи бакенбарди и впечатливи мустаќи, пишува „Е!Онлајн“.

На фотографија од натпреварот, облечен во бел дрес на Доџерс, тој беше со басистот на „Ред хот чили пеперс“. Двајцата го гледаа натпреварот помеѓу домашниот тим од Лос Анџелес и Торонто Блу Џејс, во кој канадскиот тим на крајот победи со резултат од 6-2.

Грубиот изглед е во остра спротивност со кратката фризура што 61-годишниот актер ја имаше во јуни на премиерата на неговиот филм F1: The Movie.

Кога го прашаа за причината за бричењето на главата, Пит за списанието „Пипл“ кусо објасни: „Тукушто завршив со работа. Тоа е за лик што го правевме“.
фото: принтскрин

