Економија
„Шпаркасе банка“ ги доделува првите кредити за стартапите
„Шпаркасе банка Македонија“ на денешната прес-конференција ги додели првите кредити за стартап-компаниите што учествуваа во првиот циклус од програмата „Чекор по чекор“, наменета за поддршка и развивање на стартап-бизниси во Република Северна Македонија. Програмата „Чекор по чекор“ е прва програма што на стартап-бизнисите им овозможи пристап до финансиски средства во вкупен износ од околу 1,5 милиони евра, во фондови гарантирани со Програмата за вработување и социјални иновации Еа Си на ЕУ.
Младите амбициозни претприемачи со идеја за создавање сопствен бизнис беа дел од првата акцелераторска програма од овој вид, која има за цел да обезбеди финансиска и општествена поддршка на компаниите што се во почетната фаза на отпочнување сопствен бизнис. Младите бизниси, кои се формирани пред помалку од 36 месеци на пазарот, имаа можност да аплицираат за првиот кредит преку подготовка на бизнис-план, кој беше оценуван од соодветна комисија на банката. На почетокот на првиот циклус на програмата беа пријавени повеќе од 50-тина стартапи, кои имаа можност да бидат дел од едукативните работилници спроведени во соработка со Business Impact Lab и Start-up Academy.

„Задоволство ни е што сме првата банка што на младите претприемачи им обезбеди пристап до потребните финансиски средства од традиционални банкарски извори. Оваа поддршка ја овозможивме преку финансиските гаранции на Програмата за вработување и социјални иновации на ЕУ, како и Ерсте и Шпаркасе групацијата, со чија помош ја продолжуваме мисијата на општествено одговорно кредитирање на социјалните бизниси и младите иновативни претприемачи. Очекувам дека во иднина оваа млада генерација претприемачи ќе ја придвижи македонската економија и ќе креира нови можности за вработување во нашата држава“, изјави Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на „Шпаркасе банка Македонија“.
„’Шпаркасе банка Македонија’ ја имплементираше програмата ‘Чекор по чекор’ во соработка со Social Impact Lab и Start Up Academy, кои беа вклучени во спроведување 8 различни образовни модули. Преку овие работилници, стартап-бизнисите ги разработија своите бизнис-планови, а сега, со помош на финансиските средства што ќе им бидат одобрени во форма на банкарски кредит, ќе ја продолжат инвестициската активност. Според нашите очекувања, интересот за учество во Програмата беше на значително ниво, односно се пријавија повеќе од 50 учесници и беа доставени 23 бизнис-планови за проценка и одобрување од соодветната комисија во банката. На наше големо задоволство, денес ги објавуваме првите 13 бизниси кои добија позитивна евалуација и кои со помош на средствата од кредитната линија ќе продолжат да ги развиваа своите бизниси. Ние ќе продолжиме да бидеме нивната поддршка и во текот на периодот на отплатата на кредитот и се надеваме дека на крајот заедно ќе се гордееме со нивниот развој“, изјави Владимир Кечовски, директор на Дирекцијата за микро и мали клиенти.

Програмата што почна во октомври 2018 година успешно го заврши својот прв циклус на едукација и менторство за младите претприемачи. Следниот јавен повик за пријава на нови учесници во програмата ќе биде објавен во втората половина од годината. Повеќе детали за програмата и за условите за аплицирање за заем се достапни на страницата www.sparkasse.mk.
За Програмата за вработување и социјални иновации
Програмата за вработување и социјални иновации Еа Си на ЕУ на Европската комисија има за цел да го поддржи стремежот кон висококвалификувана работна сила, соодветна социјална заштита, борбата против социјална маргинализација и подобрување на условите за работа на ЕУ. Гаранцискиот проект на Еа Си беше почнат во јуни 2015 г., финансиран од Европската комисија и управуван од Европскиот инвестициски фонд.
Програмата обезбедува поддршка за финансиски посредници кои нудат микро-заеми на претприемачи или финансирање социјални проекти. Целта е да се зголеми пристапот кон микро-финансирање за ранливите групи што сакаат да основаат или да развијат сопствен бизнис и микро-компании преку заеми во висина до 25.000 евра. Освен тоа, Европската комисија за првпат ги помага општествените проекти преку инвестиции во висина до 500.000 евра. Микро-финансирањето и поддршката на општественото претприемништво во моментот се имплементира преку гаранција на Еа Си, која им овозможува на финансиските посредници да им понудат на микро-претприемачите и на социјалните проекти финансиска поддршка, до која инаку не би имале пристап со оглед на процените за ризик.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ЕБОР одобри над 20 милиони евра кредит за модернизација на железничкиот товарен возен парк во Македонија
ЕБОР одобри 20,9 милиони евра кредит на Северна Македонија за набавка на нови електрични локомотиви и современ систем за планирање на ресурсите на претпријатието (ПРП).
Проектот, како што е наведено во информацијата, ќе ја поттикне ефикасноста , ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид и ќе ги подобри квалитетот и безбедноста на железничкиот сообраќај.
Проектот, според наведеното, ќе придонесе во подобрување на оперативната и финансиската одржливост на Македонски Железници Транспорт преку подготовка на корпоративен план за развој.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го зајакнува железничкиот транспортен сектор со кредит до 20,9 милиони евра на Северна Македонија, во корист на АД Македонски Железници Транспорт Скопје (МЖТ). Со ова финансирање ќе се овозможи купување до пет електрични локомотиви и имплементација на современ систем за планирање на ресурсите во претпријатието (ПРП), што е исчекор во напорите на земјата за модернизација на работењето на железничкиот сообраќај.
Проектот е имплементиран од Министерството за транспорт, со поддршка на Министерството за финансии, и ќе овозможи МЖТ да го модернизира товарниот возниот парк, да ги зајакне ефикасноста и квалитетот на работење , и да ја подобри безбедноста на возниот парк.
Инвестицијата се очекува да донесе значајни економски и еколошки придобивки. Преку зајакнување на конкурентноста и одржливоста на железничкиот транспорт, се поддржува транзицијата кон позелен и поконкурентен транспортен систем. Дополнително, со воведување на системот за ПРП, ќе се поедностави основниот деловен процес на МЖТ, поттикнувајќи натамошна оперативна ефикасност.
Проектот има за цел да го зајакне работењето на МЖТ, преку креирање на Корпоративен План за Развој , кој ќе ја подобри ефикасноста на компанијата и нејзината финансиска одржливост. Тој ќе вклучи изработка на акционен план за ефикасност, со специфични мерки за подобрување на тарифната методологија, како и ажурирање и хармонизација на методологијата за обврските на јавниот сервис согласно барањата на Директивите на Европската Унија. Покрај технолошките подобрувања, ќе поддржи и родова еднаквост и ќе помогне во зајакнување на поинклузивна и прогресивна работна средина во МЖТ.
Фатих Туркменоглу, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија изјави: ,, Оваа инвестиција претставува унапредување на националната транспортната железница. Преку поддршка на обновувањето на возниот парк и корпоративните подобрувања на националниот железнички оператор, ЕБОР помага во поттикнување на конкурентноста, безбедноста и одржливоста на транспортната мрежа во земјата. Проектот не само што ќе испорача видливи еколошки придобивки, туку ќе постави и нови оперативни стандарди и еднакви можности во секторот. Оваа е важна инвестиција за поддршка на извозно ориентираните бизниси во земјата, во насока на нивна интеграција кон глобалните ланци на вредност, со што ќе се зајакне конкурентноста на приватниот сектор и ќе се креираат работни места, кои последователно ќе ја поддржат земјата во справување со проблемот на одливот на населението.”
Министерката за Финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, изјави: ,,Договорот за заем што денес го потпишуваме со Европската банка за обнова и развој, во износ од 20,9 милиони евра, е резултат на интензивни и конструктивни преговори и претставува потврда за довербата што меѓународните финансиски институции ја имаат во нашите политики и во насоката во која се движи државата.
Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка – се во целосна согласност со нашата стратегија за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии“, рече министерката и додаде дека Министерството за финансии, останува целосно посветено на обезбедување финансиска поддршка за проекти кои носат долгорочна економска вредност, го поттикнуваат развојот и ја подобруваат поврзаноста на државата со регионалните и европските транспортни коридори.”
Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави: ,,Навистина ми е драго што денес имаме можност да заокружиме еден исклучително важен процес кој ќе значи набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, заедно со пропратни резервни делови. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.”
Проектот е целосно усогласен со Бизнис планот и Акциониот план на МЖТ, за преструктуирање и развој, и е во согласност со Реформската Агенда на ЕУ за Западен Балкан која има цел да се подобри управувањето и перформансите на државните железнички претпријатија.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 3 милијарди евра во над 200 проекти во земјата.
Економија
Николоски: Инвестираме 21 милион евра за набавка на нови пет електрични локомотиви
Инвестираме 21 милион евра за набавка на пет нови електрични локомотиви кои ќе бидат од суштинско значење за зголемување на карго-транспортот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директотот на МЖ Транспорт, Дејан Кошутиќ го потпишаа Договорот за заем од ЕБРД за набавка на нови електрични локомотиви.
Николоски кажа дека со новата флота од пет локомотиви и постојните четири кои се понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.
„Од постојните 11 локомотиви, четири се понови, а седум се постари. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај. Ова е особено важно за Коридорот 10, кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8, кој во моментов интензивно го развиваме преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура“, рече Николоски.
Истовремено, додаде тој, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје, подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз.
„Во моментов се работи на една од трите линии во делот на инфраструктурата, а во следните две години ќе се работи и на преостанатите две. Кога целиот проект ќе биде завршен, по тие линии ќе сообраќаат исклучиво електрични возови, со јасна цел, целосно да се елиминира употребата на дизел локомотиви и дизел возови во главниот град и да се придонесе за подобар квалитет на воздухот. Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел, успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви“, рече Николоски.
Економија
Развојната банка повлече кредитна транша од над 9 милиони евра за поддршка на 17 македонски компании
Развојната банка денеска ја повлече десетата и последна транша од ЕИБ 7 кредитната линија наменета за зелена транзиција. Вкупниот износ на оваа транша е 9.251.488 евра. Средствата од оваа транша се наменети за поддршка на 17 македонски компании кои се со претежна производствена дејност.
Со повлекување на оваа транша, Развојната банка успешно ја заврши реализацијата на седмата фаза на кредитната линија со средства од Европската инвестициона банка во износ од 100 милиони евра.
Реализацијата на седмата фаза од ЕИБ кредитната линија започна со потпишување на Финансиски договор за заем помеѓу Развојна банка на Северна Македонија и Европска Инвестициона Банка за МСП и MID-CAP компании и зелена транзиција. Кредитите се пласираа преку 5 квалификувани банки – учеснички со каматна стапка до 3,5% годишно кон крајните корисници. Рокот на отплата на кредитите е до 12 години за инвестициони кредити и Mid-cap проекти и до 3 години за кредити за обртни средства.
„Со средства од кредитната линија ЕИБ 7 поддржани се 259 проекти на македонските компании. Кредитната линија ЕИБ 7 ја оствари целта за која беше креирана: зголемување на ликвидноста на стопанството, задржување на постојните и отворање на нови работни места, зголемување на извозот, обезбедување на економски раст и конкурентност на трајна основа, како и стимулирање на компаниите во инвестиции за зелена транзиција со цел долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на енергенси и зачувување, заштита или подобрување на животната средина“, соопшти Развојната банка.
Досега, преку Развојната банка се реализираа седум фази на кредитната линија ЕИБ во износ од 650.000.000 ЕУР. Со средства од овие кредитни линии поддржани се 2.621 проекти на домашните компании и креирани 9.260 работни места.

