Економија
Гувернерката во Брисел: Позитивни оцени од ЕК за монетарната политика
„Најдобриот придонес што ние како централната банка можеме да го дадеме за зголемување на нивото на странски директни инвестиции во нашата земја е остварувањето на нашите клучни цели: одржување на ценовната стабилност и одржување и зајакнување на стабилноста на финансискиот систем. Успешно ги остваруваме овие наши цели. Макроекономската и финансиската стабилност е основа на инвестициската клима – таа ја намалува премијата на ризик на економијата и привлекува странски инвеститори, а придонесува и за зголемување на домашните заштеди“ – нагласи гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска, на тематската дискусија посветена на структурните реформи и странските директни инвестиции, во рамки на Економскиот и финансиски дијалог меѓу Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан и Турција, одржана денес во седиштето на Советот на ЕУ во Брисел.
Осврнувајќи се на големиот број мерки и активности коишто ги презеде Народната банка во изминатиот период за да обезбеди уште поголема стабилност и отпорност на банкарскиот систем на земјава, таа меѓу другото посочи на воведувањето на капиталните барања во согласност со Директивата на ЕУ и со капиталната спогодба Базел III. Во своето излагање, гувернерката се осврна и на промените во регулативата спроведени од Народната банка, со цел натамошно јакнење на корпоративното управување на деловните банки, како и на бројните мерки за подобрување на квалитетот на средствата на банкарскиот систем и за намалување на евроизацијата.
„Продолжуваме интензивно да работиме на зголемување на стабилноста на банкарскиот систем, како клучен столб на финансискиот систем. На тој начин ќе придонесеме за посилна, но одржлива финансиска поддршка на реалниот сектор. Ќе продолжиме со зајакнување на надзорот на систематски значајните банки, со зајакнување на макропрудентниот капацитет и ќе придонесеме за натамошен развој на алтернативните финансиски инструменти, иновативното финансирање, продлабочување на финансиските пазари и поттикнување на финтек услугите кај нас“, порача Ангеловска-Бежоска во Брисел.
Тематската дискусија во рамки на годинешниот Економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција беше посветена на структурните реформи што ќе ги спроведуваат земјите кандидатки за членство во ЕУ, со цел привлекување повеќе странски директни инвестиции и зацврстување на своите економии. На неа учествуваа голем број гувернери на централни банки и министри за финансии.
Претходно на настанот, претставниците на земјите од ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција ги усвоија заедничките заклучоци од годишниот економски и финансиски дијалог. Заклучоците содржат исклучиво позитивни оцени за поставеноста на монетарната политика кај нас, и воопшто, за заложбите на Народната банка за исполнување на насоките на ЕУ дадени минатата година во однос на Програмата за економски реформи. Европската комисија (ЕК) нагласува дека минатата година Народната банка во целост ја исполни препораката за монетарната поставеност и водеше приспособлива монетарна политика, одржувајќи ниска инфлација.
Во своите оцени, ЕК ги истакнува и заложбите на Народната банка за подготовка и развивање на сеопфатната Стратегија за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните кредити и на Стратегијата за денаризација, изготвени во соработка со Министерството за финансии.
На регионално ниво, нашава земја и Албанија имаат највисока реализација на проектите и мерките од Програмата за економски развој од минатата година. На Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција учествува и министерот за финансии, Драган Тевдовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

