Македонија
Парламентарната група за правата на ЛГБТИ-заедницата ја прими наградата „Поддржувач на годината“

Координаторката на интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ-лицата, Маја Морачанин, која е претседателка на партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ), во името на групата ја прими наградата „Поддржувач на годината“, која ја доделува Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, информираат од нејзината матична партија.
Како што се наведува во соопштението, во воведното обраќање Морачанин искажала големо задоволство што првпат во Собранието, во присуство на граѓанските здруженија, се одбележува 17 Мај – Меѓународниот ден против хомофобија, бифобија и трансфобија. Таа, воедно, упатила јасна порака против стигматизацијата, дискриминацијата, говорот на омраза и насилството врз ЛГБТИ-луѓето.
„Кога зборуваме за правата на ЛГБТИ-луѓето, зборуваме за почитување на човековите права и слободи. Според Универзалната декларација за човекови права, сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Почитувањето на човековите права и слободи е една од темелните вредности на ЕУ кон која се стреми и нашата држава“, изјави Морачанин.
Таа особено ја истакнала успешната работа на групата во носењето на Законот за медиумските услуги и Законот против дискриминацијата.
„Успешните резултати се должат на тесната соработка на пратениците со граѓанските организации. Во следниот период групата ќе продолжи да дејствува во унапредување на законската регулатива и подигање на јавната свест. Посебен фокус на активностите ќе биде ставен на имплементацијата на донесените закони зашто целта е ЛГБТИ-луѓето да ги почувствуваат позитивните законски промени во својот секојдневен живот“, посочи Морачанин, а информираат од ДОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: За една година инвестиравме 164 милиони денари во Арачиново

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска изврши увид на терен во завршната фаза од изградбата на секундарната фекална канализација во Арачиново – проект составен од 9 краци, со вкупна вредност од околу 20 милиони денари.
Меџити при работната посета изјави дека моментално се работи на последниот крак, во должина од 860 метри, каде што се реализирани 50% од активностите, а проектот се очекува да заврши во текот на наредниот месец.
„Во изминатите 13 месеци, во Арачиново донесовме инвестиции во вредност од над 164 милиони денари – реални, конкретни проекти, а не само празни ветувања. Она што за некои беше недостижно повеќе од три децении – ние го реализиравме. Го изградивме ободниот канал, започнавме со изградба на нови фекални, атмосферски и водоводни мрежи, и овозможивме урбано уредување преку изградба на пешачки патеки и шеталишта, како што е случајот покрај Мојанска Река“, изјави Меџити.
Овие инвестиции, појасни тој, се резултат на соработката на Министерството за животна средина со Владата, при што се инвестирани 164 милиони денари преку Првиот повик, Вториот повик и Програмата за капитални инвестиции – од кои 64 милиони денари се само за изградбата на каналот, а 100 милиони денари за други инфраструктурни проекти.
Меџити најави дека работата нема да застане тука.
„Ќе продолжиме да инвестираме – не по партиска или етничка линија, туку секаде каде што има реална потреба. Веруваме во одговорна политика која носи конкретни резултати, а нашата цел е секој граѓанин да ја почувствува разликата“, заклучи Меџити.
Македонија
Support Kocani со нова донација на компресивна облека за повредените од пожарот во Кочани

Граѓанската иницијатива Support Kocani ја реализира и третата пратка компресивна облека, наменета за преживеаните лица од пожарот во Кочани. Облеката е веќе предадена на Општата болница во Кочани, со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.
Вредноста на оваа набавка изнесува 2.193.047 денари (35.555 евра), а средствата се целосно обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и дијаспората. Со ова, вкупната вредност на досегашните три испораки надминува 3,4 милиони денари.
Со оваа пратка се опфатени втората тура на нарачки од првите две групи корисници на компресивна облека. Во оваа донација вкупно се обезбедени 176 парчиња специјализирана компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за секој од засегнатите лица.
Македонија
Утре променливо облачно време, со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Од среда до петок ќе преовладува претежно стабилно време со пораст на дневните температури.
Во деновите од викендот повторно ќе има услови за повремени локални врнежи од дожд и ретки грмежи, а дневните температури ќе бидат во опаѓање.