Македонија
Пендаровски потпиша укази на четири системски закони и на Законот за енергетиката
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска ги потпиша указите за прогласување на Законот за судовите, на Законот за управните спорови, на Законот за прекршоците и на Закон за изменувањето и дополнувањето на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Како што информираат од неговиот кабинет, станува збор за системски закони, чии укази за прогласување не биле потпишани од претседателот Иванов, а додаваат дека Пендаровски го потпишал и указот за прогласување на Законот за енергетиката.
„Претседателот смета дека донесувањето на овие закони и нивната идна имплементација е од витален интерес за граѓаните на Република Северна Македонија. Со донесувањето на Законот за судовите се исполнува едно од клучните барања на Европската Унија, а со цел одредување датум за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија. Со одредбите на Законот за судовите ќе има јасни и прецизни постапки за именување и унапредување судии, како и за разрешување судии и нивна дисциплинска одговорност. Со новиот Закон за управните спорови граѓаните добиваат ефикасна правна заштита на своите права во управните спорови. Се зголемуваат транспарентноста и јавноста на постапките преку задолжителна јавна расправа. Со новиот Закон за прекршоците граѓаните ќе плаќаат пониски казни. Овој закон директно влијае на буџетот на граѓаните бидејќи тој предвидува опомена пред казна, но и значително намалување на казните“, се наведува во соопштението.
Во него се додава и дека Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за организација и работа на органите на државната управа, ќе го унапреди функционирањето на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, во однос на спроведување на Охридскиот рамковен договор, а новиот Закон за енергетиката предвидува замена на фосилни горива со енергија добиена од обновливи извори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекоа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.

