Македонија
Димитров во работна посета на Естонија: Балтикот е пример како еден регион може да се обедини зад заедничките интереси
Во рамките на активностите од работната посета на Талин, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска беше примен од премиерот на Естонија, Јури Ратас, а оствари средба и со естонскиот колега, Урмас Реинсалу, и се обрати пред Комитетот за надворешни работи во естонскиот парламент.
Како што информираат од надлежното Министерство, во разговорот со премиерот Ратас биле опфатени прашања поврзани со европската интеграција на државава, процесот на заокружување на постапката за полноправно членство во НАТО и потенцијалот за збогатување на билатералната соработка.
Притоа, Димитров се заблагодарил за силната поддршка од Естонија за европската перспектива на земјава.
„Естонија и Балтикот се пример за тоа како еден регион може да се обедини зад заедничките интереси и да создаде позитивна соседска динамика. Како земја и како регион можеме многу повеќе да постигнеме доколку следиме вакви примери и се фокусираме на утрешнината“, истакнал министерот.
Во фокусот на средбата со шефот на естонската дипломатија, Урмас Реинсалу, повторно биле европската перспектива и важноста од валоризација на постигнатото и искористување на позитивниот момент.
„Нè охрабруваат посветената и недвосмислената поддршка на Естонија за нашата европска иднина. Направивме целосен пресврт и продолжуваме со посветена работа дома во делот на реформите и надвор со нашите соседи и меѓународни партнери. Создадовме ретко успешна приказна која треба да биде препознаена и зацврстена преку отворање на пристапните преговори со ЕУ. Тоа ќе биде силен мотив за нас и јасен сигнал за целиот регион“, посочил Димитров.
Работниот престој на министерот за надворешни работи во Талин продолжува вечерва со присуство на официјалното отворање на конференцијата „Ленарт Мери“ со наслоа „Едно минато, многу иднини“ и свечената вечера што по тој повод ја приредува претседателката на Естонија, Керсти Калјулаид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

