Македонија
Николов: Се соочуваме со врвот на епидемијата, а здравство зборува за некакви физибилити студии
Деновиве се соочуваме со врвот на епидемијата на морбили. Бројката на заразени и оние кои што ги манифестираат симптомите го достигнува максимумот, а од министерството за здравство единствено се зборува за некакви физибилити студии, обвини денеска на прес-конференција, Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тендер министерот Филипче до сега покажа само способност за некакви сомнителни тендери и некакви физибилити студии за таканаречено јавно приватно партнерство во кое што услугите од јавното здравство се пренесуваат во приватното здравство. Мандатот на тендер министерот за физибилити студии помина во знакот на изработка на тендерски документации, на физибилити студии од кои што не се добиваат никакви информации, и се единствено обид за прелевање на народните пари во приватни компании и приватни болници. Последен од низата сомнителни тендери кој што тежи околу 14 милиони евра за стерилизација, е оној за стерилизација на хируршките инструменти и материјали. Повторно се отвора прашањето дали ова е пат за отворање на корупцијата и пат за отворање на криминал во секторот здравство?“, праша Николов.
Тендер министерот за физибилити студии, додаде Николов, неделава ја информираше исто така јавноста за некаков план за приватизација на здравството, во кое што говореше за физибилити студија за ПЕТ центарот, физибилити студија за Итната медицинска помош и ин витро фертилизација на Клиниката за гинекологија и акушерство.
„Единствено не добиваме никакви информации до каде е проектот за новиот клинички центар, каде ќе биде лоциран и кога мислат и планираат да ја информираат јавноста за тоа. Министерот и понатаму најави и нови физибилити студии за јавно приватно партнерство, концепт кој што тој така го нарекува и концепт кој што го планира за лабораториите, го планира за радиологија и радиохирургија, како и за менаџирање на цели болници. Но секако не дава никакви детали. Така, самиот рече дека треба да се види како ќе функционираат по овој концепт Градската болница, новата болница Мајчин дом, како и цели болници како што се болниците во Штип, Струмица, Прилеп или Битола“, додаде Николов.
Тој праша до кога ќе се даваат пари за физибилити студии и рече дека однесувањето покажало лош менаџмент, грижа за личните интереси и негрижа за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Полог и Кочанска, општина Кисела Вода;
– од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од населените места и објектите од село Алдинци кон Солунска Глава, општина Студеничани;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Македонско Косовска Бригада, општина Шуто Оризари;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од објектите во околината на зграда бр. 17 на бул. Партизански Одреди, општина Центар;
– од 09:30 до 13:00 часот, корисниците од ул. 6 во село Бардовци, општина Карпош.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Времето денес облачно со повремени врнежи од дожд и засилен ветер
Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд, локално пороен. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во утре ќе има преодно стабилизирање на времето. Од недела до вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во понеделник наместа врнежите ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (над 70 km/h).

