Македонија
Ултра-маратон долж Коридор 8: Тевдовски, Шилегов и македонските атлетичари трчаат во поддршка на маратонецот Георгиев
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, придружен од градоначалникот на Скопје и атлетичарите од Атлетската федерација го поддржаа ултра – маратонецот Краси Георгиев кој денеска трчаше во Скопје, а ќе продолжи со трчање долж Коридорот 8. Трасата е долга 1000 километри и вклучува над 20 градови од Република Бугарија, Република Северна Македонија и Република Албанија.
Целта е да се испрати порака за поврзаност на економиите и граѓаните на трите земји преку спортот. Коридорот 8 ги поврзува Јадранското и Црното море, а поминува и низ Северна Македонија.
„Во земјава долж Коридорот 8 се градат проекти од патната и железничката инфраструктура кои ќе ги поврзат западната и источната граница. Во рамки на патната инфраструктура, се гради автопатот Кичево – Охрид; експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Ќе се проширува и патот Крива Паланка – Деве Баир со што тој ќе стане автопат и во завршна фаза е и автопатот Миладиновци-Штип“, велат од Владата.
Во рамки на железничката инфраструктура, годинава се очекува да заврши изградбата на првата фаза од пругата, од Куманово до Бељаковце, а следната година со изградба треба да почне втората фаза од Бељаковце – Крива Паланка. За третата фаза од пругата од Крива Паланка до Бугарија обезбеден е грант од Европската Унија во висина од 60 милиони евра, а се работи на обезбедување и на остатокот од средствата.
Пан-европскиот Коридор 8 е транспортен коридор кој го поврзува Јадранското Море со Црното Море, поминувајќи низ Тирана, Скопје и Софија. Завршувањето на железничката и патната инфраструктура ќе обезбеди економски раст, развој на бизнисот, туризмот, спортот, како и просперитет за граѓаните во Албанија, Северна Македонија и Бугарија, а и во регионот на Југоисточна Европа.
Ултра-маратонот насловен #Поврзаност, се организира по идеја на бугарскиот европратеник д-р Андреј Ковачев и согласно политиката на Европската унија за Западниот Балкан за поврзување на инфраструктура, економии и луѓе. Настанот се одржува под покровителство на премиерите на трите земји – Зоран Заев, Бојко Борисов и Еди Рама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

