Македонија
(Видео) Заев и Хан на Виенскиот економски форум: Политичката стабилност отвора можности за нови инвестиции во земјата
Премиерот Зоран Заев, денеска, во Виена имаше свое воведно обраќање на отворањето на Виенскиот економски форум, Виенски економски разговори – нови перспективи за Република Северна Македонија. Покрај Премиерот Заев, воведни обраќања имаа и Томас Арнлоднер, извршен директор на Групацијата „А1 телеком Австрија“ и член на одборот на Виенскиот економски форум, како и Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување и добрососедска политика.
Заблагодарувајќи им се на сите инволвирани што годинешниот Виенскиот економски форум се одржува за разгледување на инвестициските можности исклучиво во Северна Македонија, Заев истакна дека Австрија е силен сојузник на Северна Македонија во евро-атлантската интеграција.

Заев истакна дека во изминатите 10 години Австрија беше најголем инвеститор во Северна Македонија со 392,2 милиони евра, што изнесува 13,2 отсто од вкупните странски директни инвестиции во државата. Тој во воведното обраќање зборуваше за успешно спроведенетите претседателски избори, како и за договорот од Преспа, кој е решение на огромен проблем, а кој резултира со продлабочување на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Грција.
Говорејќи за реформите што се во тек, Заев се осврна на судските реформи, реформите во безбедносниот систем и јавната администрација, како и на борбата против корупцијата, кои остануваат врвен приоритет во работењето на Владата.

„Во периодот од 22 месеца откако актуелната Влада дојде на власт, ние ги вративме демократијата и функционалните демократски институции од она што до неодамна беше заробена држава“, рече премиерот Заев и додаде дека тие приоритети се идентични со нашата пристапна агенда за ЕУ. Република Северна Македонија нема друга алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО – повеќе од 75 отсто од населението ги поддржува таквите аспирации“, потенцира Заев.
„Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние цврсто веруваме дека заслужуваме одлука заснована на заслуги и веруваме дека и ЕУ ќе испорача“, додаде премиерот.
Понатаму, тој посочи дека 2019 ќе биде година на економијата како продолжение на економскиот напредок од минатата година.
„Во 2019 година имаме натамошен раст на индустриско производство од 8,8 отсто во производство, што главно се должи на производството на машини, возила, пијалаци и основни метали. Успеавме да ја намалиме невработеноста под 20 отсто откако сме во Владата. Економскиот раст во 2018 беше 2,7 отсто по раст од 0,2 отсто во 2017 година. Извозот во првите 3 месеци од 2019 година се зголеми 16,8 отсто“, истакна Заев.
Пред многуте австриски компании и бизнисмени, Заев го изрази своето очекување дека ова лето Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите бидејќи, како што рече, земјата ѝ покажа на цела Европа како преку дијалог и соработка се решаваат долгогодишни проблеми.
„Нашата земја има позитивен импакт и на целиот регион. Сега Северна Македонија е единствената земја во регионот што нема отворени прашања со ниту еден сосед. А кога постои договор, следуваатт и економските резултати“, истакна премиерот Заев.
Тој исто така додаде дека и натаму Република Северна Македонија ќе биде пример за целиот регион, дека земјата и натаму ќе биде сигурна и стабилна, земја што се грижи и на инвеститорите им нуди соодветни услови за развивање на својот бизнис.
Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, на отворањето на Виенскиот економски форум истакна дека политичката стабилност на Северна Македонија е најдобра во регионот, а уште еден доказ за тоа, како што истакна тој, се успешно спроведените претседателски избори. Во таа насока еврокомесарот Хан ги охрабри компаниите од Република Австрија да инвестираат во нашата земја бидејќи тоа значи поголем профит за земјата и отворање нови работни места. Адресирајќи го напредокот на Република Северна Македонија во сите сфери, еврокомесарот Хан го изрази своето очекување земјата да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија и до крајот на оваа година да бидат отворени и првите поглавја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вандализиран паркот „Бановина“ во Аеродром – искршена урбаната опрема, оштетена фонтаната, а провалено е и во чуварската куќа
Општина Аеродром најостро го осуди вандалскиот чин што се случил синоќа во паркот Бановина, каде што била сериозно оштетена јавната и заедничка сопственост на граѓаните.
Како што информираат од општината, искршена е урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а извршена е и кражба со провалување во чуварската куќа. Од Општина Аеродром потсетуваат дека паркот „Бановина“ неодамна бил целосно обновен и опремен со современа урбана опрема, наменета за сите генерации.
„Наместо грижа и почит кон заедничкиот простор, сведоци сме на несовесно и неодговорно однесување и уништување“, соопштуваат од општината, нагласувајќи дека ваквите постапки нема да бидат толерирани.
Случајот веќе е пријавен во полиција, а од општината упатуваат апел до граѓаните да го чуваат јавниот простор, да пријавуваат вандализам и заеднички да придонесат за уредена, безбедна и достоинствена локална заедница.
Македонија
(Видео) СДСМ: Започна, доаѓаат „економски работници“
СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја отвора државата за масовен прилив на странски таканаречени „економски работници“, иако во земјава, како што велат, има речиси 100.000 невработени.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, изјави дека Владата донела одлука за вработување на нови 10.000 странски работници во 2026 година, што е двојно повеќе од лани.
Според СДСМ, процесот бил подготвуван подолго време. Тие потсетија дека британски медиуми претходно објавиле за стратешки договор со кој мигранти би можеле да добијат работни визи за Македонија, по што следеле измени на Законот за странци со олеснети услови за влез, престој и работа, како и продолжување на важноста на дозволите.
Младеновска обвини дека со овие измени е создадена правна рамка за долгорочно задржување на странски работници во земјата, особено во случаи на „стратешки партнер“. Таа додаде дека власта донела и резолуција во Собранието со која, според СДСМ, ѝ било оневозможено на опозицијата да зборува за прашањето за мигрантите.
Од СДСМ оценуваат дека одлуката доаѓа во време кога македонските работници имаат најниски плати во регионот и Европа, а Владата, како што велат, тврди дека нема средства за зголемување на минималната плата и дека во Буџетот недостигаат околу две милијарди евра.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.

