Македонија
ЗНМ: Да се отфрли обвинението против Кежаровски
Здружението на новинарите на Македонија одржа седница на Управниот одбор по повод укинувањето на пресудата против новинарот Томислав Кежаровски и одлуката на Врховниот суд за враќање на предметот на повторно судење. На седницата ја разгледaвме одлуката на Врховниот суд за предметот на Кежаровски и едногласно одлучивме дека ЗНМ до крајот ќе инсистира на правичност на Судот и Обвинителството во постапувањето по овој случај сè дури Кежаровски не биде ослободен од обвинението.
„Во изминатите неколку години ЗНМ континуирано му даваше поддршка на колегата Кежаровски и тој став принципиелно ќе го брани сè додека не биде задоволена правдата. Затоа, бараме Основното јавно обвинителство да го повлече обвинението против колегата Кежаровски, кој беше неправедно обвинет, а потоа и осуден. Со еден ваков потег ОЈО ќе покаже дека конечно одлучува независно и непристрасно во интерес на правдата. Со оглед на тоа дека Врховниот суд го врати предметот на повторно одлучување, го повикуваме и Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинението и со тоа да покаже дека во оваа држава слободата на говорот е загарантирана како основно човеково право.
Ова претставува одлична можност за Основното јавно обвинителство и Кривичниот суд да демонстрираат правичност и, конечно, да стават крај на еден долг и неправеден предмет што се води против новинарот и доскорешен заменик-претседател на ЗНМ, Томислав Кежаровски.
Потсетуваме дека поради овој случај, Македонија како една од единствените земји што имаше новинар во затвор, беше посочена како неслободна земја во која не се почитуваат новинарските права и слободи. Со страдањето на Кежаровски настрада и имиџот на нашата земја пред светот и тоа беше забележано во сите извештаи. Не би сакале тоа да се повтори. Затоа, сега е време таа неправда да се исправи и да се покаже дека институциите во Македонија имаат капацитет да овозможат амбиент во кој новинарите и медиумските работници ќе можат слободно и безбедно да ја вршат својата работа во интерес на јавноста“, се вели во соопштението.
ЗНМ и понатаму ќе продолжи активно да го следи овој предмет преку мониторинг на работата на правосудните органи сè до конечната слобода на Кежаровски. Кежаровски беше обвинет за откривање на идентитетот на заштитен сведок, меѓутоа јавноста знае дека тој во своите написи не го откри идентитетот, а потоа во постапката се покажа дека заштитениот сведок бил лажен. Со ова е очигледно дека неговиот предмет беше монтиран со цел да биде згасната неговата критика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.

