Соопштенија
Левицата: СДСМ да одговори дали ДУИ ќе пресуди за УНЕСКО-статусот

Барањето за воведување Бадинтер од страна на ДУИ во новиот Закон за управување со светското природно и културно наследство на УНЕСКО-регионот претставува озаконување на криминалното дивеење на партиските локални моќници на брегот на Охридското Езеро. ДУИ претставува криминална група, која единствено работи за своите теснопартиски интереси и оваа партија не е легитимен претставник на албанскиот народ, што стана евидентно по резултатите од референдумот и претседателските избори. Штетите од националните богатства и животната средина ги трпат сите граѓани, без разлика на националната, етничката и религиозната определба, соопшти Левицата.
Според неа, ова претставува уште еден скандал од криминалното подземје на ДУИ ако се има предвид фактот дека советникот на ДУИ од Охрид, Нефи Усеини, веќе два месеца непречено гради објект во заштитено подрачје за кој е издадено решение за уривање. Истиот советник нападна инспектор пред неколку месеци, но против него не е поведена никаква постапка со оглед на тоа дека функционерот на ДУИ агитира јавно за кандидатот Стево Пендаровски.
„Со штитењето криминалци што уништуваат богатство од национален интерес, оваа Влада покажува дека за неа главен приоритет не се демократските процеси, просперитот и интересите на Републиката, туку богатењето на неколку поединци што одработуваат за коалицијата на власт. И покрај декларативните заложби на СДСМ за зачувување на УНЕСКО-статусот, власта не испорача никакви суштински промени за обичните граѓани и продолжува да тоне во криминални скандали и корупција, со што опасноста за неповратно уништување на едно од најголемите национални богатства станува сè поизвесна“, додаваат од Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
„Македонски телеком“ продолжува со силни инвестиции и раст и во првото тримесечје на 2025 година

Македонски Телеком го заврши првото тримесечје на годината со финансиски раст и силни инвестиции со кои се гради клучна инфраструктура и се забрзува дигитализацијата на земјата. Фокусот на најмодерни технологии и најдобро корисничко искуство донесе зголемување на корисничката база и стабилни финансиски резултати.
Вкупните капитални инвестиции (CAPEX), на крајот од првите три месеци од 2025 година, изнесуваат 423 милиони денари наспроти 341 милион денари на крајот од истиот период од минатата година. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) е зголемена за 1,1 проценти споредено со минатата година, додека EBITDA маргината забележа раст од 2,1%; нето добивката бележи благ пад од 1,5 проценти.
Експанзија на најголемата гигабитна мрежа
Постојаните вложувања во мрежната инфраструктура и најновите технологии го зајакнуваат статусот на најдобра мрежа. Остануваме лидери во покриеност со оптика и денес имаме 351 илјади пристапи до оптика, што е за 8,5 проценти повеќе споредено со истиот период од претходната година. Нашата 5G мрежа е достапна за 95 проценти од населението во Македонија со гигабитни брзини во речиси сите градови. Продолжуваме да ја шириме и развиваме инфраструктурата за да овозможиме беспрекорна поврзаност и пристап до дигиталното поврзано општество за сите.
Супериорно корисничко искуство
Нашата посветеност да обезбедиме супериорно корисничко искуство, но и многу повеќе од комуникациски услуги, донесе зголемување на бројот на корисници во сите сегменти. Со првата дигитална програма за наградување и поволности за корисниците – Magenta Moments, достигнавме 300 000 корисници.
Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 3,5 проценти и изнесува 219 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи порасна за 3,6 проценти. Во мобилните комуникации, базата на корисници е стабилна со 1,26 милиони корисници. Во фиксната телефонија, останавме на водечката позиција со 234 илјади корисници. Според индексот TRI*M за мерење на задоволството на корисниците, рангирани сме како водечки телекомуникациски бренд во Македонија.
Лидерство на ТВ пазарот
На ТВ пазарот остануваме на лидерската позиција со удел од 36,5 проценти. Новата генерација на дигитална телевизија – MagentaTV е одлично прифатена, што донесе раст од 6,9 проценти или 161,5 илјади корисници. Иновативната ТВ платформа нуди ново, модерно ТВ доживување во согласност со современите навики и интереси на корисниците, што донесе зголемување на приходите од дигитална телевизија од 3,3% во споредба со истиот период од претходната година. И во 2025 година продолжуваме со стратегијата за силни инвестиции за да го обезбедиме најдоброто за нашите корисници, посветени да изградиме поврзано дигитално општество за сите.
ПР
Соопштенија
Вреднувај го трудот, почни од својот

Први мај – Денот на трудот, е повеќе од симболичен празник. Тоа е ден кога оддаваме почит на вложениот труд, упорноста и придонесот на секој човек во изградбата на подобро општество. Но, овој празник не е само потсетник на работничките права – тој е и шанса да му дадеме значење на секојдневниот напор што го вложуваме, на малите и големите победи што нè градат како личности. Тоа е и ден кога секој заслужува да застане за момент, да се наврати на сопствениот пат и да се гордее со сè што постигнал.
Први мај традиционално ги обединува луѓето, носи радост преку дружења, моменти на одмор, и кратки патувања кои се значаен баланс помеѓу работата и приватниот живот. Затоа, ова е и идеална прилика да си подарите мигови за себе и за оние што ги сакате. Вашиот труд заслужува награда – нови пејсажи, нови спомени, нови искуства.
За да можете вистински да уживате во секој момент од празничните денови, Халкбанк е тука да ви понуди сигурност, практичност и поддршка преку своите картички и дигитални услуги. Картичките се поддржани со највисоки стандарди на заштита при плаќање и нудат ексклузивни попусти и понуди обезбедени со партнерите на Халкбанк, a истовремено мобилната апликација ви овозможува лесно и брзо управување со вашите финансии и следење трошоците во секое време.
Во Халкбанк веруваме и дека почитта кон трудот започнува одвнатре – со грижата за нашите вработени и заедницата во која делуваме. Како работодавец и општествено одговорна институција, вложуваме во луѓето, поддржуваме рамнотежа меѓу работата и животот, и создаваме средина каде што трудот се вреднува, се поттикнува и се слави. Ние ја градиме довербата преку транспарентност, професионалност, чесност и грижа за благосостојбата како на вработените, така и на клиентите и пошироката заедница, преку бројни општествено одговорни иницијативи и поддршка на проекти за подобро утре.
Овој Први мај, направете нешто за себе. Одвојте време да го прославите сопствениот труд. Патувајте. Одморете. Дружете се.
И не заборавајте – вреднувањето на трудот започнува со вреднувањето на сопственото време и сопствената приказна.
ПР
Соопштенија
„Алкалоид“ со извоз од 57,4 милиони евра, инвестиции од 4,2 милиони евра и вкупни консолидирани продажби од 84,5 милиони евра во периодот јануари – март

АЛКАЛОИД со извоз од 57,4 милиони евра, инвестиции од 4,2 милиони евра и вкупни консолидирани продажби од 84,5 милиони евра во периодот јануари – март 2025 година.
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2025 година продажбите достигнуваат 3.458.394.494 денари, што е за 1 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 5.201.163.839 денари, што е за 6 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 24 % во споредба со првите три месеци од минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 32 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 % се остварени на странските пазари.
Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 25 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 23 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби. Продажбите на странските пазари во првиот квартал од 2025 година се во согласност со предвидената динамика и бележат раст од 8 % во однос на планот. Во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени на Јужна Африка, кои се зголемени 3,8-пати; потоа во Холандија, каде што се зголемени 3,7-пати, во Португалија, каде што се зголемени 2,3-пати, како и во Австрија, каде што продажбите се удвоени. Потоа следуваат оние во Грција (раст од 40%), Финска (раст од 39%), Ерменија (раст од 29 %), во Украина (раст од 13 %), Босна и Херцеговина (раст од 12 %), Саудиска Арабија (раст од 10 %), во Словенија (раст од 9 %), Србија (раст од 6 %), Хрватска (раст од 5 %) итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 92 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 29 %, препаратите ОТЦ со 16 %, кардиолошките препарати со 12 %, невролошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 8 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 5 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство бележат намалување во споредба со остварените во истиот период од 2024 година. Сегментот фармација бележи раст од 7 %, хемија намалување од 3 %, козметика пад од 11 %, а билкарство намалување од 13 %. Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија и во Црна Гора.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2025 година изнесуваат 256.658 илјади денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 744.810.347 денари, бележи зголемување од околу 12 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 407.432.285 денари и е зголемена за 4 %. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 928.314.407 денари и бележи раст од 8 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 491.703.111 денари е зголемена за 3 %. При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари – март 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 13 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.046 вработени, од кои 2.288 се во земјава, а 758 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2025 година се движеше од 26.800,00 до 31.099,00 денари или просечно 28.966,38 денари за една акција. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 31.03.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.188 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 39,4 милијарди денари. На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година ќе започне исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.
Бизнис-план за 2025 година
Бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година. Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти. Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.
ПР