Економија
Ангеловска-Бежоска – Османи: Народната банка е посветена на евроинтегративните процеси
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, оствари работна средба со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи. Средбата следеше по годинешниот Економски и финансиски дијалог меѓу Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан и Турција на кој беа усвоени заклучоците коишто содржат исклучиво позитивни оцени за поставеноста на монетарната политика кај нас и воопшто, за заложбите на Народната банка за исполнување на насоките на ЕУ дадени минатата година во однос на Програмата за економски реформи.
На средбата беше нагласено дека Народната банка дава голем придонес во спроведувањето на националните реформски програми коишто се клучни за евроинтегрирањето на земјава и дека регулативата и практиките во централнобанкарското работење кај нас се одликуваат со голем степен на усогласеност со европските.
„Цврсто решени како централна банка да дадеме максимален придонес за приближувањето на нашата економија кон европското семејство, посветено и континуирано работиме и на натамошно усогласување на регулативата којашто е во наша надлежност со регулативата на ЕУ. Особено би ги потенцирала промените во законската регулатива во однос на банкарскиот систем, коишто ќе придонесат за натамошно зацврстување на финансиската стабилност, како и промените коишто се однесуваат на платежните услуги и платните системи. Постојано сме посветени и на усогласувањето на централнобанкарската статистика со европските барања“, посочи меѓу другото Ангеловска-Бежоска на средбата одржана заради размена на мислења и информации за натамошните етапи во евроинтегративните процеси во кои активно ќе биде вклучена и Народната банка.
„Народната банка, како независна институција во чија надлежност е монетарната политика, е една од клучните институции од кои се очекува да придонесат во создавањето на преговарачката структура и подготовката на државата за предизвиците на преговорите, особено во делот на економските поглавја“, нагласи Османи.
Во процесот на пристапување кон ЕУ, централната банка активно учествува со свои претставници во националната преговарачка структура за пет поглавја од европското законодавство. На денешната средба беше нагласено дека во контекст на очекуваното забрзување на евроинтегративните процеси, Народната банка ќе продолжи со јакнењето на своите капацитети за да може и натаму да дава максимален придонес во чекорењето по европскиот пат на земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

