Економија
Анѓушев: Австриска компанија за медицинска опрема заинтересирана за инвестиција во Северна Македонија
Австриска компанија за медицинска опрема заинтересирана за инвестиција во Република Северна Македонија, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, по завршувањето на Виенскиот економски форум 2019 – „Економски разговори во Виена – Нови перспективи за Република Северна Македонија“.
„Остваривме средби со повеќе компании, се разбира одлуките за инвестирање не се прават по одржување на само една средба. Сепак, еден дел од средбите се и продолжување на контакти со компании со кои сме се среќавале и претходно. Постои инвеститор, во секторот за медицинска опрема, којшто сака да отвори фабрика во нашата земја“, рече тој.
Анѓушев додаде дека станува збор за позната компанија која произведува потрошен материјал за хируршки сали и дека е еден од најголемите снабдувачи на овој вид материјал во Југоисточна Европа и токму затоа е интересот за изградба на фабрика во Северна Македонија.
„Тоа не е прва средба со оваа компанија, со нив разговараме веќе подолг период. Воедно разговаравме со компании од градежништвото, за инфраструктурни проекти, во областа на енергетиката, каде што имаше заинтересирани инвеститори во делот на обновливите извори на енергија, го отворивме прашањето и за Чебрен, како и со компании од прехранбената индустрија. Можам да кажам дека оние процеси кои беа започнати се продолжени, некои ги приведуваме кон крај, како што е случајот со компанијата од медицинската индустрија, која е при крај во донесувањето одлука за изградба на фабрика, додека активно работиме и другите компании да ги привлечеме како инвеститори или економски оператори“, изјави Анѓушев.
На новинарско прашање поврзано со барањата на дел од телекомуникациските компании за фискални и парафискални олеснувања со кои би се намалиле цените за роаминг во мобилната телефонија кон други земји, вицепремиерот одговори дека барањето ќе биде разгледано со сериозност со цел да се обезбеди поевтин роаминг за македонските граѓани во комуникациите со други лица од земјите на Европската Унија.
„Со оглед на тоа дека тарифите во мобилната телефонија во сите земји од ЕУ се изедначени, граѓаните од овие земји практично во која земја од ЕУ се наоѓаат имаат бесплатен роаминг и разговорите ги извршуваат како да се наоѓаат во сопствената земја. Северна Македонија сè уште не е дел од ЕУ, но Владата прави напори колку што е можно поевтин роаминг да обезбеди за граѓаните и ќе ги преземеме потребните чекори во насока на обезбедување поевтини сервиси за граѓаните“, нагласи Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Силна доверба од меѓународните инвеститори- успешно реализирано издавањето на 10-тата Еврообврзница
Министерството за финасии успешно ја реализираше аукцијата за издавање на 10-тата Еврообврзница.
„Министерството одлучи да издаде еврообврзница со две транши од по 500 милиони евра – со рок од 4 години и со рок од 8 години. Фактот дека Министерството успеа да пласира осумгодишна обврзница дополнително говори за довербата во реформските планови на Министерството за финансии и Владата, имајќи предвид дека последен пат вакво доспевање беше постигнато пред повеќе од дваесет години.
Само еден час по објавувањето на почетните каматни стапки, побарувачката од инвеститорите достигна импресивни две милијарди евра, со диверзифицирана база на инвеститори ширум светот, вклучувајќи еминентни институционални инвеститори од Германија, САД и Велика Британија“, соопшти Министерството за финасии.
„Пред отворањето на американскиот пазар, книгата на инвеститори достигна дури три милијарди евра, а по неговото отворање максималната понуда надмина четири милијари евра, што претставува исклучителен показател за силната доверба во економските политики и стабилноста на земјата.
Повеќе од 150 глобални инвеститори изразија интерес да ја поддржат државата во овој проект, што претставува дополнителен квантитативен доказ во прилог на фискалната стратегија на Министерството за финансии.
Во случајот на двете транши, каматата е најблиска во однос на референтната вредност на Еурибор, споредувајќи ги сите издавања на обврзници во последните дваесет години.
Каматните стапки за двете транши изнесуваат: 3,875 % за траншата со рок на достасување од 4 години и 4,750% за траншата со рок на достасување од 8 години.
Со изборот на стратешкиот моментот на издавање, како и со структурата на задолжувањето, беше постигнато значително намалување на приносите – конкурентно во однос на земјите со инвестициски кредитен рејтинг (околу 0,5% во споредба со просекот од 0,25%). Тоа дополнително се потврдува со фактот за големата побарувачка од страна на најеминентните меѓународни инвеститори.
Излезот на меѓународниот пазар има стратешки карактер, имајќи ги предвид потенцијалните турбуленции во доменот на геополитиката и макроекономската неизвесност на глобално ниво.
Министерството за финансии останува посветено на транспарентност и стабилност, со цел обезбедување најповолни услови за финансирање и зајакнување на позицијата на земјата на меѓународните финансиски пазари.
Во насока на одговорно и стратешко управување со јавните финансии, Министерството за финансии во последниот квартал од 2025 година интензивно работеше на анализа на пазарните услови со цел да го определи најсоодветниот момент за стратешки излез на меѓународниот пазар на капитал на почетокот од 2026 година.
Како дел од овие активности, тимот на Министерството за финансии во ноември реализираше посета на Лондон , каде што во организација на водечки инвестициски банки ја претстави земјата пред повеќе од 40 инвеститори.
Во периодот од 11 до 12 јануари 2026 година, Министерството оствари средби со повеќе од 60 глобални инвеститори, меѓу кои најголемите пензиски фондови и осигурителни компании од САД, како и инвестициски фондови од целата Европска унија. Bank of America имаше водечка улога во координацијата на процесот на издавање на обврзницата.
Со оваа Еврообврзница, планирана во Буџетот за 2026 година ќе се изврши исплата на Еврообрзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра и се обезбедуваат средства за буџетскиот дефицит којшто е насочен кон реализација на развојните проекти.
Издавањето на Еврообврзницата е согласно напорите на Министерството за финансии за адекватно управување со јавниот долг и да се одржи стабилноста на јавните финансии на среден и долг рок.
Државата стана прва земја во регионот и прва земја надвор од Европската унија која излегува на меѓународниот пазар на капитал, што сведочи за довербата во напорите на Министерството за финансии, особено имајќи го предвид износот на задолжувањето“, се наведува во соопштението на Министерството за финасии.
Економија
Божиновска-Кавахара: Продлабочување на соработката за безбедна и одржлива енергетска иднина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со амбасадорката на Јапонија во Северна Македонија, Сецуко Кавахара.
На средбата присуствуваа и претставници од јапонската корпорација ИТОЧУ (ITOCHU), една од водечките и најреномираните компании во Јапонија, позната по своите инвестициски активности и експертиза во енергетски и индустриски проекти. ИТОЧУ е сериозна компанија со глобално присуство, која покажува интерес и за македонскиот пазар и потенцијалите за зелена енергетска трансформација во земјата.
На средбата се разговараше за продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, како и за заеднички проекти поврзани со зелената транзиција.
Министерката Божиновска истакна дека нашата земја е посветена на преземање конкретни чекори кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Таа ја оцени поддршката од јапонска страна како значајна за обезбедување на енергетска независност и одржливост.
Двете страни ја потврдија потребата од зацврстување на позицијата на Северна Македонија на глобалната енергетска мапа како кредибилен и доверлив партнер во светската транзиција кон зелена енергија. На крајот, беше заклучено дека соработката во областа на енергетските реформи и инфраструктурните проекти ќе продолжи и во иднина.
Економија
COMBO.mk – Новата онлајн дестинација за алат, апарати за домаќинство и многу повеќе
COMBO официјално ја пушта во употреба својата нова онлајн продавница, со цел купувањето да стане побрзо, поедноставно и подостапно за сите корисници низ државата. Со новата платформа, COMBO ја пренесува својата богата понуда во дигитално искуство што овозможува лесна нарачка, преглед на производи и безгрижна набавка од дома.
COMBO е современо продажно одредиште со продажен простор од 6.000 м² и асортиман од над 15.000 производи, внимателно селектирани за секојдневни потреби и професионална употреба. Понудата опфаќа девет главни категории: машини и алат, градинарски алат, апарати за домаќинство, автокозметика, лепила и силикони, електрика, оков за мебел, чешми и туш системи, како и производи за домашни миленици. Компанијата посветува внимание на брза достава и професионална услуга, со фокус на практичност и доверба при секоја нарачка.
Што добиваат купувачите
- Онлајн купување со широк избор на производи во девет различни категории.
- Практична набавка од едно место – од професионални алати и градинарска опрема, преку апарати за домаќинство и електрика, до чешми, туш системи и производи за домашни миленици.
- Брза достава и флексибилни опции за испорака низ цела Македонија.
- Стручна поддршка и советување при избор на производи.
- Сервисна поддршка и гаранција за производите.
- Услуга насочена кон лесно, сигурно и безгрижно корисничко искуство
(ПР)

