Македонија
Собранието гo изгласа пакетот-закони за социјалната реформа, исплата на зголемена помош од идниот месец
Пратениците во Собранието денеска ја изгласа социјалната реформа. Првите исплати на зголемената парична помош од 300 отсто се очекуваат од идниот месец. Со трите пакет-закони за социјална и детска заштита и социјална сигурност на стари лица правиме целосна преобразба на досегашниот систем за социјална заштита и воведуваме социјална правда, што е основата на секое здраво и напредно општество.
„Ова е голем ден за нашата држава за сите наши граѓани и граѓанки. Собранието ги изгласа пакетот на закони за социјалната реформа, со оваа реформа поставуваме нов стандард во социјалната заштита. Директно работиме на намалување на детската сиромаштија, ги унапредуваме правата на лицата со попреченост и првпат воведуваме закон за социјална сигурност на старите лица. Целата реформа ја работевме во широка консултација со сите засегнати страни и тоа ни дава право да веруваме дека таа ќе ги постигне и своите резултати. Не само што воведуваме минимален адекватен приход или повеќе финансиски средства кај најсиромашните туку воведуваме и услуги што директно овие лица ќе ги носат до вработување, а децата до предучилишно образование во целиот образовен систем. Со ова овозможуваме секој да ги постигне своите потенцијали во општеството затоа што веруваме во инклузивно општество, еднакво општество, општество што дава шанса и се грижи за секој поединец. Ова е важно за мене како министерка многу, но исто така е важно за Владата и е важно за целото општество. Работиме директно на намалување на сиромаштијата на нашата држава и вложуваме во идните генерации. Се грижиме на секое дете му се даде еднаква шанса да може да го постигне својот вистински потенцијал во текот на животот“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Со социјалната реформа пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати повеќе деца. Конкретно, детскиот додаток, наместо досегашните 3.200, ќе го користат 73.500 деца, а образовниот, наместо 3.800 – 64.316 деца. Воведуваме и социјална сигурност за стари лица што останале без старосна пензија и немаат други извори за егзистенција.
Со реформата воведуваме блиска работа на социјалните тимови со секој поединец и семејство сè до конечно извлекување од социјален ризик, односно до нивно вработување. Со Законот за социјалната заштита се унапредуваат правата и овозможуваме подобри услови за лицата со попреченост. Воведуваме две целосно услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и услугата домашна нега. Дополнително, правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, а додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител што чува дете со попреченост се зголемува и изнесува до 50 отсто од просечната нето-плата. За дополнително да им го олесниме животот на биoлошките семејства на лицата со попреченост, го зголемуваме износот на правото на посебен додаток за 15 отсто. Се развива и услугата за домашна семејна грижа, која ќе обезбедува краткотрајно згрижување зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на другите членови на семејството, вели Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

