Македонија
(Видео) Заев: Покажавме како се решаваат спорови, ќе бидеме и модел за општество еднакво за сите
На првата од серијата јавни дискусии за националната стратегија за развој на концептот за едно општество, која се одржа денеска, се обратија премиерот Зоран Заев, министерката за правда, Рената Дескоска, како и првиот извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), Алберт Муслиу.
Како што информираат од владината прес-служба, дебатата во која учествувале претставници од граѓанскиот сектор и од државните институции, со внимание ја проследиле и претставници од дипломатскиот кор на земјата.

„Стратегијата е исцртување на една од главните карактеристики и вредности на Република Северна Македонија. Земја која во светот веќе се препознава по нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики како посебност и суштина на нашето заедништво. Заедништво што се градеше со векови и кое претставува обврска за нашата заедничка иднина. Затоа со право се залагаме и велиме дека различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност. Од Стратегијата ќе направиме жив инструмент за превенција од доминација на етноцентрична култура“, нагласил Заев во своето обраќање.
Тој информирал и за новите реформи кои се предвидени во основното и средното образование, кои имаат за цел да ја зголемат вклученоста на учениците со посебни образовни потреби, ученици од маргинализираните групи и средини и децата кои не биле вклучени во настава.
„Интеркултурализмот е пристап чија задача е да развива кохезивни граѓански општества преку трансформација на еднодимензионални во повеќедимензионални идентитети и преку развој на заеднички вредносен систем и јавна култура. Докажавме дека имаме политичка и општествена волја за решавање спорови. Можеме да докажеме дека умееме да бидеме модел и за успешно и функционално општество еднакво за сите“, посочил премиерот.

Министерката за правда, Рената Дескоска, во своето обраќање посочила дека оваа Стратегија ги содржи насоките за градење општество кое целосно ќе го стесни просторот на националниот шовинизам и лажните вредности и поделби кои тој ги промовира.
Пораката што ја испратил извршниот директор на АДИ, Алберт Муслиу, е дека општествената инклузија, заснована на еднаквост, недискриминација и почитување на човековите права, ќе помогне во остварувањето на целите на стратегијата.
Јавни дискусии за Стратегијата се предвидени во Битола на 23 мај, во Кочани на 27 мај, во Струмица на 30 мај, во Кавадарци на 3 јуни, во Куманово на 7 јуни, во Струга на 11 јуни, во Гостивар на 14 јуни и во Скопје на крајот од јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

