Култура
Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар

Во Гостивар, на 24 мај, в петок, ќе се одржи шестото издание на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“. Како што информираат организаторите, се прават последните подготовки за манифестацијата, со која Гостивар го слави ликот и делото на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј.
„На фестивалот со свои стихови ќе блесат петнаесетина квалитетни поетски имиња од земјава и странство. Веруваме дека подготовките што траеја неколку месеци ќе ги крунисаме в петок со голем и впечатлив поетски настан. Да потсетиме дека годинава на конкурсот се пријавија рекордни над 160 домашни и странски автори, од кои жири-комисијата ги избра финалистите, кои ќе се претстават на фестивалот в петок и кои влегоа во трка за наградите“, велат организаторите од здружението за култура и заеднички вредности „Слово 21“.
Фестивалот доделува гран при, прва, втора и трета награда, како и награда за најдобар странски автор и најуспешна млада поетска искра. Песните годинава ги оценуваше жири-комисија во состав: претседател Виолета Танчева-Златева, истакнат поет, раскажувач, лектор, член на Друштвото на писателите на Македонија, и членовите Лулзим Хазири, поет, и Гордана Страшевска, професор по македонски јазик.
Манифестацијата ќе се одржи во малата сала на Центарот за култура АСНОМ во Гостивар со почеток во 12 часот. Годинешното издание на МПФ „Литературни искри“ се реализира со поддршка на Министерството за култура, Општина Гостивар и спонзори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков од Битола: Почнаа реконструкцијата и адаптацијата на поранешното кино „Партизан“, капитален проект вреден 96 милиони денари

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Тони Коњановски, денеска во Битола присуствуваше на отпочнување на реализација на капиталниот проект за реконструкција и адаптација, на поранешното кино Партизан.
Љутков истакна дека проектот, вреден 96 милиони денари, претставува прв сериозен чекор кон новата културна иднина на градот.
„Како што ветив и при мојата неодамнешна посета, денес, во Битоа започнуваме со реализација на капиталниот проект за реконструкција и адаптација, на поранешното кино Партизан вреден 96 милиони денари. Изведувач е битолската компанија „БВ Инженеринг ДООЕЛ“, а надзор врши „ЗИМ“ од Скопје. Реализацијата на проектот е предвидена до крајот на 2026 година“, рече министерот Љутков.
Министерот Љутков истакна дека затекнал нереализирани и закочени проекти, поради што Министерството посветено и системски работело на на откочување на наследените проекти, на нивна правна и финансиска консолидација и, пред сè, на создавање реални услови за нивна вистинска реализација.
„Во изминатиот период посветено, одговорно, фокусирано и системски работевме на откочување на наследените проекти, на нивна правна и финансиска консолидација и, пред сè, на создавање реални услови за нивна вистинска реализација. Затоа ова не е обичен проект. Ова е доказ дека кога има волја – има резултати“, рече Љутков.
Култура
Мицкоски: Да ја вратиме Битола на мапата на значајни културни центри во државата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на почеток на реконструкција на зградата на поранешното кино „Партизан“ во Битола при НУ Народен театар Битола.
„Со вкупна вредност од 96.000.000 денари, проектот претставува значајна инвестиција во културниот развој на нашиот град, а неговата реализација е планирана да заврши до декември 2026 година.
Со вакви проекти продолжуваме да градиме посилна културна инфраструктура и да ја враќаме Битола на мапата на значајни културни центри во државата“, вели Мицкоски.
Култура
Современ перуански филм во Кинотеката

Овој месец Кинотеката го претставува циклусот на современ перуански филм, во организација на Амбасадата на Република Перу во Букурешт, Кинотеката и почесниот Конзулат на Перу во Македонија.
Програмата на оваа прва Недела на перуанскиот филм почнува во четврток, на 19 јуни, со проекција на играниот филм „Кралици“ (Reinas, 2024) во режија на Клаудија Рејнике, а по сценарио на Рејнике и Диего Вега Видал, приказна фокусирана на односот помеѓу еден татко и неговите ќерки, и нивните општествени предизвици во денешно Перу.
Следниот ден, петок (20 јуни), ќе биде прикажан документарниот филм Мисија Кипи (Misión Kipi, 2024) на режисерката Сонали Туеста – трогателен и инспиративен филм во кој главната улога ја има роботот наменет за дружење и социјализација со деца кои поминале низ периодот на изолацијата за време на пандемијата со Ковид-19.
Циклусот завршува во сабота, 21 јуни, со играниот Вкусно сушено овошје (Deliciosa Fruta Seca, 2017) на Ана Каридад Санчез – филм што балансира меѓу фикција и документарен пристап, претставувајќи емотивна приказна жена во седмата деценија на животот соочена со финансиска криза, која го преиспитува својот идентитетот и културното наследство.
Сите три проекции се бесплатни за посетителите.
На отворањето на фестивалот свое обраќање ќе има Директорот на Кинотеката Бошко Грујоски, и почесниот конзул на Перу во Македонија Ненад Јаничевиќ. Добредојдовте на првото филмско патување низ Перу!