Македонија
Димитров: Имаме голема поддршка од Романија за евроинтегративниот процес
На покана на министерот за надворешни работи на Романија, Теодор Мелешкану, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вчера и денеска престојува во официјална посета на Романија.
За време на пленарните состаноци на двете делегации, предводени од министрите Димитров и Мелешкану, се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои беа карактеризирани како одлични и пријателски, а беа предложени и нови иницијативи за натамошно развивање на економската соработка, но и во областа на други значајни сектори. Беа разменети мислења за иднината на регионот и регионалната соработка.
Постои задоволство за динамиката со која се развиваат билатералните односи, при што би се издвоила соработката во областа на европските интеграции, кое може да се огледа и од денешното потпишување на меморандумот за соработка меѓу министерствата за надворешни работи на двете држави во областа на европските интеграции.
Министерот Димитров се заблагодари за цврстата поддршка на Романија за членството во ЕУ и НАТО, нагласувајќи дека согласно својот демократски и реформски исчекор, Северна Македонија очекува добивање одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.
„Традиционално блиските билатерални односи со пријателска Романија се потврдуваат и со големата поддршка што ја добиваме за нашиот евроинтегративен процес. Заложбите на Романија за почнување преговори со ЕУ за време на нивното претседавање се повеќе од мотивирачки”, рече Димитров.
Слични пораки беа упатени и за време на средбата со министерот за европски прашања, Џорџ Чамба, на која детално се разгледуваа очекувањата од јунскиот Совет на ЕУ и уште еднаш од романската страна беше истакната цврстата волја и посветениот ангажман за добивање одлука за преговори за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ.
Димитров имаше средба и со потпретседателот на Долниот дом на романскиот парламент, Кармен-Илеана Михалческу. МНР Димитров упати благодарност до сите свои соговорници и за брзата ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на романскиот парламент. Со заменик-претседателот на Домот на пратениците, Михалческу, се разговараше и за унапредување на парламентарната соработка меѓу двете земји, при што од романска страна беше изразена подготвеност за размена на искуства и поинтензивен билатерален дијалог. Беа разменети информации за очекувањата од претстојните ЕУ-избори.
„Северна Македонија е особено задоволна за одличната синергија меѓу приоритетите на романското претседавање со Советот на ЕУ и стратешките цели и приоритети на нашата држава, како борбата против расизмот и ксенофобијата и охрабрување на толеранцијата и солидарноста, што е на линија на нашите залагања за европеизација на нашето општество“, рече Димитров.
Во продолжение на официјалната посета, министерот ќе има обраќање на Националната школа за политички студии и јавна администрација, на темa „Политичката транзиција во Северна Македонија и нејзиното членство во НАТО и ЕУ“, како и гостување на телевизискиот канал DIGI 24, во емисијата Дипломатски пасош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

