Економија
МЗШВ: Oстануваме силно фокусирани на производството на домашна пченица
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше на манифестацијата по повод „Ден на полето“ која традиционално се одржува во село Новосељане, Кумановско. Целта на манифестацијата и годинава е промоција на земјоделското производство со користење на сертифициран семенски материјал.
Николовски истакна дека за да се поттикне употребата на сертифициран семенски материјал во производството на житни култури, во Програмата за директни плаќања за производство на домашен сертифициран семенски материјал на житни култури МЗШВ издвоило 20.000 денари по хектар за прва генерација и 15.000 денари за втора генерција.
Дополнително, земјоделците коишто употребуваат сертифициран семенски материја и имаат површини од 5 до 50 хектари ќе добиваат субвенција во висина од 14.400 денари по хектар. Употребата на сертифициран семенски материјал е и еден од начините за одржливост на производството на житни култури во услови кога климатските промени изминатите години нанесуваат сериозни штети врз земјоделското производство.
„Минатата година поради тешката жетва, МЗШВ во координација со земјоделците и мелничарите донесе сет мерки за стабилизирање на пазарот на пченица. Се воведе субвенција од 1 денар за килограм откупена домашна пченица за мелничарите, со цел да се поттикне производството, откупот на домашна пченица и договорното производство. Преку оваа мерка минатата година се откупија 59.000 тони на пченица и исплатени се 59 милиони денари или околку 1 милион евра. Навреме пред почетокот на пролетната сеидба се исплатија 5,5 милиони евра за основните субвенции по површина за поледелските култури, во кои спаѓа и пченицата. Исто така е зголемен и минимумот пријавени површини за добивање целосна сума од програмираната субвенција за полјоделски култури, вклучително и за пченицата“, истакна Николовски.
Од Министерството велат дека нивна цел е обезбедување на поволни услови за земјоделците за поекономично производство. Во таа насока, потсетуваат дека во тек е јавниот оглас за набавка на гориво за земјоделска механизација со која ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци.
„Сите мерки што ги презема министерството за зголемување на производството на житни култури и намалување на увозната зависност, ќе имаат поголем ефект доколку се зголеми употребата на сертифициран семенски материјал. Како ресорно министерство остануваме силно фокусирани на окрупнување на површините, на зголемување на производството на домашна пченица со цел оваа стратешка култура да се обезбедува од домашно производство со што би се намалиле потребите од увоз на пченица од странство“, велат од МЗШВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.
Економија
Зголемување на прагот за ДДВ-обврзници и зголемување на повратот преку „Мој ДДВ“, предлага Левица
Пратеничката група на Левица ќе поднесе измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше на денешната прес конференција пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.
Тој појасни дека предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Дополнително, се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите фирми.
„Со оваа мерка сакаме да го растеретиме даночниот товар кој во моментов е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци и за УЈП и за малите субјекти често се поголеми од самата даночна обврска. Со овој пакет отвораме суштинска дилема – кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна: прогресивен и праведен даночен систем. Оттука, и во иднина ќе предложиме други мерки од овој тип за остварување на оваа цел”, рече Исмаил – Хактан.

