Македонија
(Видео) Заев во Подгорица: Ги охрабривме бизнисмените да го следат пријателството меѓу нашите две влади
Како завршница на официјалната посета на Црна Гора, премиерот Зоран Заев и црногорскиот премиер Душко Марковиќ, одржаа прес- конференција на која информираа за резултатите од посетата на македонската владина делегација на Подгорица.Прес-конференцијата следуваше по заедничката седница на двете влади, на која се разменија информации и мислења за можностите за продлабочување на односите меѓу двете земји, и на која се потпишаа договори и меморандуми за соработка во областите на внатрешните работи, во животната средина и во здравството.
Премиерите Заев и Марковиќ ја поздравија и работата на стопанствениците на Бизнис форумот, што, како дел од програмата, ја организираа стопанските комори на двете земји.
Во продолжение ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Заев од прес конференцијата:
,,Дозволете на почетокот да им се заблагодарам на граѓаните на Црна Гора, за огромното гостопримство, за чувството што го имаме како да сме дома, кое што го овозможи вашата влада, вашите министри, претседателите на државата и на парламентот.Моето обраќање го започнувам со искрени честитки за вашиот празник – 21 мај, Ден на независноста, што го прославивте пред неколку дена. Мене ме радува што сите овие години на независност, како и во сите години претходно во заедничката држава, нашите две земји беа одличен пример на искрено пријателство што го негувавме низ годините и децениите, и што тоа се надоградува во сите овие години.
Денеска одржавме заедничка владина седница, како прва, историска, владина седница. Потпишавме 4 договори и меморандуми од областа на одбраната, на внатрешните работи за заштита на тајните податоци, како и во екологијата и здравството.Се одржаа билатерални состаноци на министрите за земјоделство, за транспорт. Заедно имавме можност да бидеме на Бизнис форумот што го организираа двете комори – Стопанската комора на Северна Македонија и Стопанската Комора на Црна Гора. Ги охрабривме бизнисмените и деловните луѓе да го следат пријателството меѓу нашите две влади, меѓу нашите две земји и да ја унапредат економската соработка меѓу компаниите.
Вчера имавме средба со претседателот на парламентот на Црна Гора Брајовиќ и со пратениците, а потоа имавме и средба со Претседателот Ѓукановиќ, и разговаравме за сите сегменти од заемната соработка. Сакам да испратам огромна благодарност што Црна Гора во целиот овој период ни дава голема поддршка за нашето членство во НАТО и ЕУ. Црна Гора беше меѓу првите земји што го ратификуваше протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО, којшто ги охрабри сите други земји да тргнат во брза постапка за ратификација на протоколот. Црна Гора беше најактивната земја членка на НАТО којашто работеше за нас во сите наши чекори до пристапување во алијансата.
Црна Гора е еден од нашите први пријатели и во нашиот процес за членство во ЕУ. Премиерот Марковиќ, претседателот Ѓукановиќ, на сите свои средби го потенцираат нашето право, после 14 години да добиеме датум за почеток на преговори. Јас сум му благодарен на премиерот Марковиќ, на целата влада на Црна Гора, затоа што навистина и помагаат на нашата земја како да се борат за својата земја. Тоа треба да го знаат граѓаните и на Црна Гора и на Северна Македонија. Тоа искрено пријателство треба да им даде сериозна позитивна перцепција на граѓаните дека имаме огромни перспективи за секаков вид соработка.
Ние очекуваме ова лето, конечно датум за почеток преговори по поглавја после 10 позитивни препораки од Европската комисија. Да бидам искрен, нема да застанеме тука во нашата благодарност за помошта од вас. Секогаш сме тука и да возвратиме, но вашето искуство од поглавјата кои успешно ги затворате, и на внимателен начин ја носите Европа во Подгорица и Црна Гора, е огромно знаење и потенцијал.Пријателството меѓу нашите две земји нека остане убав спомен за генерациите што доаѓаат после нас. Секако, овде нема да застанеме. Ќе продолжиме понатаму. Имаме убави перспективи пред нас.Испраќам пораки и до соседните земји ова убаво искрено пријателство меѓу нашите две земји да биде урнек, модел и за другите, затоа што ако Западен Балкан и Балканскиот полуостров подобро соработуваат и Европа повеќе ќе не цени и почитува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизра
Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизира, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму, исто така, наведуваат дека до овој момент во РЦУК Скопје нема пристигнато пријави за штети предизвикани од врнежите од дожд. Состојбата е редовна и континуирано се следи.
Струмички регион
Според информациите од ЕЛС Струмица, состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако на одделни места сè уште има појава на заезерување.
Поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во с. Муртино. Во текот на денот ангажирани се 5 булдожери, 5 камиони со песок и 1 багер за интервенција на критичните локации.
Пријавено е дека надојдените води од реката Тркања кај месноста Шепово однеле 120 овци и 100 јагниња, сопственост на жител од с. Костурино.
Реката Плаваја во с. Подареш е со зголемен водостој. Екипи на ЕЛС Радовиш и ЈП „Плаваја“ извршиле санација и состојбата е ставена под контрола, без опасност од излевање.
Штипски регион
Поради врнежите од дожд зачестени се одрони и свлечишта на патните правци: Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица. ЈП „Македонија пат“ – регион Исток континуирано интервенира и ги одржува патиштата проодни, со апел за внимателно и прилагодено возење.
Во Штип пријавен е срушен потпорен ѕид на улицата „Љубен Иванов“, при што се оштетени две паркирани возила и е блокирана една сообраќајна лента. По завршување на увидот од СВР Штип ќе се пристапи кон расчистување.
Водостоите на водотеците се зголемени, но се во рамките на коритата и засега нема опасност од излевање.
Македонија
Скопското Кале ќе прерасне во жива културна сцена на градот, најави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши работна посета и детален увид на локалитетот Скопско Кале, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство, со цел целосно согледување на актуелната состојба и утврдување на реалните можности за негово понатамошно отворање и ставање во активна културна функција.
Во рамки на посетата беше нагласена јасната определба на Град Скопје за внимателно, стручно и одговорно приспособување на просторот, со цел Скопското Кале да прерасне во жива културна сцена достапна за граѓаните, уметниците и посетителите, при целосно почитување на историските слоеви, автентичноста и културното наследство.

„Скопското Кале ќе биде жива културна сцена на градот. Како градоначалник на Град Скопје, имам јасна и недвосмислена цел која подразбира целосно отворање на просторот на Скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување, и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со апсолутно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство“, вели Ѓорѓиевски.
Низ светот, додава тој, постојат бројни позитивни примери каде објекти со силна историска и симболична вредност се целосно интегрирани во современиот културен живот како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси.
„Тие се живи простори во кои се води постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази. Токму ваквиот пристап овозможува не само заштита, туку и активна, смислена интерпретација на културното наследство. Просторот добива нова, современа културна улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на нашиот град. Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на Скопје. Тоа е сведок на нашата цивилизациска историја и нашата колективна меморија.
Неговата реафирмација е јавен интерес и обврска кон идните генерации, да им оставиме град кој го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина“, вели градоначалникот.
Македонија
Агенцијата за храна повлекува од пазарот во Македонија контаминирана формула за доенчиња: „Ако сте купиле, не ја употребувајте“
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на вчерашниот ден спроведоа вонредна инспекциска контрола кај оператор со храна увозник на почетна формула за доенчиња, последователна формула за доенчиња и диететска храна за посебни медицински намени, за кои АХВ вчера, како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија доби известување за пласиран небезбеден производ на македионскиот пазар.
Станува збор за производот APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња со потекло од Ирска кај кој е утврдено присуство на Цереулид (cereulide), а како извор на контаминацијата, во нотификацијата наведено е маслото ARA.
Со контролатата утврдено е дека целокупнатата увезена количина е дистрибуирана на пазарот во Македонија, односно, производот не е пронајден во магацините на увозникот и дека, како што и самиот оператор ја известил Агенцијата и јавноста, веќе се врши итно повлекување на дистрибуираните количини од овој производ од пазарот.
„Апелираме до потрошувачите кои го имаат купено производот со наведениот лот и рок на употреба истиот да не го употребуваат, или да го вратат на местото каде што го купиле“, велат од АХВ.
Во однос на повлекувањето на неколку брендови формули за доенчиња од компанијата „Нестле“ во повеќе европски земји, АХВ проверува дали тие се увезени во земјава, иако засега за нив нема добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија.
„Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира со преземање на соодветни мерки за заштита на животот и здравјето на бебињата“, додава АХВ.
фото/Depositphotos

