Македонија
Се реконструира улицата Димитрија Чуповски во центарот на Скопје
Улицата Димитрија Чуповски во наредниот период ќе се реконструира на должина од 240 метри, на потегот од крстосницата кај „Палома бјанка“ до крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски. Почетокот на градежните работи на оваа сообраќајница денеска го означи градоначалникот Шилегов.
„Денеска екипите на Град Скопје почнуваат да работат на две позиции – целосна реконструкција на улицата Димитрија Чуповски и реконструкција на дилатациите на мостот ‘Гоце Делчев’. Станува збор за централни локации кои се неопходни за да ја обновиме инфраструктурата која со години беше запоставена. Очекувам реконструкцијата на улицата Димитрија Чуповски да заврши многу брзо, а на мостот работите во целост би требало да завршат во текот на летото. Градежната сезона е отворена, Градот Скопје изминатиов период спроведе низа постапки, а граѓаните ќе имаат можност да видат како се реконструираат главните градски улици“, рече денеска градоначалникот Шилегов.

На улицата Димитрија Чуповски ќе се изврши комплетно отстранување на постојниот коловоз и ќе се постави нов асфалт во три слоја. Ќе се реконструира коловоз со површина од 3.750 квадратни метри. Во наредната фаза предвидена е и комплетна реконструкција на велосипедските и на пешачките патики на овој потег, од двете страни на улицата.
Шилегов додаде дека е свесен за метежот кој настанува во текот на градежните работи на улиците и ги замоли граѓаните за трпение.
„Учесниците во сообраќајот ги замолувам за разбирање и апелирам на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим кои ќе бидат објавувани од Град Скопје“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

