Македонија
МТСП: Од среда аплицирајте за детски и образовен додаток
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека ја проширува достапноста на детскиот и образованиот додаток за 20 пати повеќе деца. Со ова, како што велат од Министерството, значително се придонесува кон намалувањето на детската сиромаштија во државата. Освен домаќинствата коишто примаат социјална помош, право на овие додатоци ќе имаат и други категории на домаќинства.
„Ги повикуваме тричлените семејства со приходи до 11.400 денари, четиричлените семејства со приходи до 13.800 денари и петчелените семејства со приходи до 15.000 денари од среда да се пријавуваат во локалните центри за социјални работи, за да може да ги добијат надоместоците со исплатата во текот на идниот месец“, велат од МТСП.
Истовремено барање за остварување на овие права барања во центрите треба да поднесат и досегашните корисници на социјална помош.
За поправедна распределба на додатоците со реформата се трансформира и родителскиот додаток за трето дете. Се воведуваат еднократни додатоци за прво и второ дете, а месечниот надоместок за трето дете се условува со материјален цензус на домаќинството. Примената на материјалниот цензус за додатокот за трето дете почнува по десет месеци од стапувањето на законот на сила. Сите што ќе се пријават во овие десет месеци за додатокот правото ќе го остварат без цензусот. Исто така, надоместокот за трето дете не се укинува за оние коишто веќе се стекнале со него и тие ќе продолжат да го добиваат до навршување на 10 години на детето. За остварување на овие права, исто така, е потребно семејствата да се пријават во Центрите за социјални работи.
„За повеќе информации во врска со поднесувањето на барањата и остварувањето на новите права предвидени со Законите за социјална и детска заштита и социјална сигурност на стари лица, контактирајте со меснонадлежните центри“, велат од МТСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утврдени неправилности на Зимзоленд: Град Скопје нема дадено дозвола
Инспектори од Град Скопје денеска биле на локацијата каде што се одржува Зимзоленд и утврдиле низа неправилности. Како што соопшти градоначалникот, Орце Ѓорѓиевски, утврдено е дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност.
„По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект“, вели Ѓорѓиевски.
Дополнително, додава тој, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.
„Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор“, вели Ѓорѓиевски.
Инспекторите денеска, освен на Зимзоленд, биле и на „Пластичарска“ .
„Се воспоставува ред на „Пластичарска“, се постапува и на Зимзоленд. Денес градот Скопје, заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спроведе широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. Изречени се повеќе од 20 казни“, објави Ѓорѓиевски и додаде дека вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстранувале неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Времето утре ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок продолжува периодот на претежно сончево и тивко време. Во ноќните и претпладневните часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност.
Македонија
Утре без вода за пиење делови од општина Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради змена на вентил во шахт Ф 2“1/2“ (два и пол цола) на улица Натанаил Кучевишки бб. градинката 11-ти Октомври со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Натанаил Кучевишки, Краишка и Хо Ши Мин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:30 часот до завршување на работните активности.(општина Бутел )

