Македонија
(Видео) Мисајловски: Заев спроведе внатрепартиска чистка само за да си ја осигура партиската позиција
Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, денеска им ја честиташе победата на изборите за пратеници во Европскиот парламент на сестринските партии од ЕПП и истовремено му порача на премиерот Зоран Заев да ги следи европските вредности и принципи и да си поднесе оставка поради сета стагнација во која минува државата во изминативе две години.
„Зоран Заев спроведе внатрепартиска чистка само за да си ја осигура партиската позиција, затоа што знае дека заминува во длабока опозиција. Токму затоа и ги разрешува сите кои можат да му бидат опоненти во СДСМ. Зоран Заев наоѓа вина во сите, само не во себе. Дополнително разрешувањето од партиските функции не ги решава проблемите на граѓаните. Граѓаните се незадоволни од министерот Спасовски, а не од потпретседателот Спасовски, Скопјани се незадоволни од градоначалникот Шилегов, а не од потпретседателот Шилегов.
Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов и Благој Бочварски се неспособни и до сега во раководењето на институциите не покажаа никаков резултат. Токму затоа оставки мора да следат и од државните функции. Нивната неспособност не смее да се покрие само со партиски разрешувања.Управувањето со МВР и обезбедувањето на јавниот ред и мир не е позначајно од потпретседателската функција во СДСМ. Токму затоа Спасовски мора да си даде оставка и од министерската функција. Убиствата по улиците кои станаа секојдневие, вооружените грабежи и запалените автомобили се повеќе од доволна причина. Спасовски треба и мора да си замине”, рече тој.
Според Мисајловски, администрацијата не е должна да ги трпи заканите на Манчевски. Граѓаните вработени во јавниот сектор заслужуваат почит и не треба да го трпат мобингот на Манчевски. Токму затоа Манчевски мора да си даде оставка и на министерската функција.
„Скопје и Штип година и пол стагнираат. Нема ниту еден нов проект, ниту една нова инвестиција, нема нови булевари, улици и паркови, како во Скопје, така и во Штип. Не знаеме дали Шилегов и Бочварски потфрлиле во извршување на партиските функции, но во извршување на градоначалничките работи потфрлија со сигурност, а за тоа добија и потврда од граѓаните на последните избори.Доколку Заев не ги разреши од државните функции, целата јавност ќе види дека метлата е само една фарса за одвлекување на вниманието од секојдневното назадување. Потребна е целосна одговорност. Назадувањето на државата не се решава само со смена на директорчиња, потребна е колективна оставка на целата влада, на чело со Зоран Заев”, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

