Македонија
„На точак“ ги повикува велосипедистите на роденденски протест
Под мотото „Револуција без институционална револуција“ со почеток во 17:30 часот од Плоштад Македонија ќе се одржи 81. велосипедска Критична маса во Скопје, со која иницијативата „На точак“ и поддржувачите одбележуваат седум години од првиот ваков настан.
Овој слоган е одбран бидејќи ја рефлектира седумгодишната борба за подобри услови за сите кои возат велосипед, кои од ден на ден се побројни на улиците, но, за жал, и разочараноста од институциите кои не го следат истото темпо во однос на воведување промени, подобри закони, подобра инфраструктура и безбедност во сообраќајот.
,,7 години заедно возиме на скопските улици. 7 години пишуваме, критикуваме, предлагаме нови решенија, ги контактираме институциите. Критична маса во Скопје, па и во другите градови се профилираше како граѓански собир со јасни недвосмислени цели:
– Подобри инфраструктурни услови за возење точак како превоз за сите граѓани од сите генерации и способности (не само за највештите и спортистите);
– Создавање градови кои се велопријателски, каде при планирањето на улиците, велосипедскиот е барем еднакво важен како автомобилскиот сообраќај, градови каде може да се стигне на точак безбедно и удобно од која било до која било точка без прекин;
– Градовите да го постават здравјето, безбедноста во сообраќајот, заштитата на животната средина како приоритет во своите сообраќајни и други политики.
Во Скопје и во неколку други градови кај десетици, па стотиции, па илјадници граѓани се создаде доволно лична свест за да повикаме на институционална промена. Се создаде критична маса и промените започнаа, за жал, само во Скопје и многу скромно и споро.
Идеите кои ги презентираше „На точак“ низ 80 настани Критична маса, толку едноставни и логични, илјадници изјави и стотици дописи и состаноци со институции, иако не се ништо ново и револуционерно и се пракса на европско и светско ниво, се сè уште револуционерни за нашите институции. Тоа се гледа во новите сообраќајни проекти (автопатски широки ленти низ градови, со огромни радиуси за автомобили, а смешен простор за пешаци и велосипеди), тоа се гледа во изјавите и дефилеата кои институциите ги организираат каде мешаат спорт и транспорт, тоа се гледа во заглавените тротоари каде луѓето не можат да го остварат основното право на ДВИЖЕЊЕ, тоа се гледа во бројот на сообраќајни жртви, тоа се гледа во копирањето на популистичката мерка субвенции без реални промени на терен, тоа се гледа во правилниците за урбанистичко планирање непроменети од времето на автомобилскиот бум минатиот век…”, се вели во соопштението на организаторите.
Иницијативата ги издвојува најважните барања кои биле упатувани до институциите на кои е посветен овој 7. роденден:
– Донесување правилник за проектирање велосипедска инфраструктура, кој е во процедура, но треба да се посвети поголемо внимание на неговото изготвување и да се донесе поскоро зашто во меѓувремето се проектираат супстандардни патеки, особено во другите градови.
– Владата да ги обврзе сите поголеми градови да донесат план за одржлива обилност и тие планови да бидат со реални мерки и обврски, а не само приказни.
– Изработка на стратегија за велосипедски сообраќај на ниво на држава, за градско, но и за меѓуградско поврзување. Таа би била целосно во насока на заложбите за чист воздух, но и за развој на одржливиот туризам.
– Комбиниран транспорт: Јавен превоз (особено железнички) каде ќе биде дозволено и поттикнувано превезувањето и комбинирањето со велосипеди. Сите нови возови и автобуси да имаат можност за превезување велосипед, а старите да се адаптираат.
– Поскоро донесување на планот за велосипедски сообраќај на Град Скопје и прифаќање на нашите забелешки.
– Имплементирање на современ автоматизиран систем за изнајмување велосипеди во Скопје, па и во другите поголеми градови.
– Паркингот за велосипеди да биде задолжителен за сите нови објекти. како што е задолжителен паркингот за автомобили. На едно место за автомобил собира 10 велосипеди, оваа обврска е смешно мала за инвеститорите, а ќе значи огромна практичност за жителите.
– Донесување на Визија нула по примерот на Шведска на национално ниво со цел намалување на бројот на жртви од сообраќај постепено до нула. Можно е!
– Спроведување патни диети на сите поголеми улици во Скопје и другите градови (стеснување на автомобилските ленти, некаде и намалување на бројот на автомобилски ленти, а воведување ленти за велосипеди, специјални ленти за јавен превоз, ослободување простор за повеќе зеленило)
– Физички мерки за смирување на сообраќајот на сите улици низ цела држава, најпрво во околината на училиштата и градинките, а потоа по сите станбени улици.
– Поврзување на Скопје по текот на Вардар по целата должина од двете страни од западниот до источниот крај на градот, ослободување на прекините од градежни активности, доградба на патеки онаму каде што е потребно, поврзување со краци со останатата мрежа, повеќе велосипедски возливи рампи, повеќе пешачко-велосипедски мостови. Кејот на Вардар треба да биде нашиот велосипедски автопат. А текот на Вардар низ Македонија треба да стане велосипедска магистрала север-југ и дел од европската Еуро-вело мрежа како дел од Рута 11.
– Од исклучителна важност е силна посветеност на полицијата во справување со проблемот со паркирање на пешачки и велосипедски површини. Јавниот простор им припаѓа на луѓето, а не на автомобилите. Поскоро воведување комунална полиција со цел попрактично решавање на овој проблем.
– Сообраќајните правила – теоријата и практичните вештини за возење велосипед да бидат задолжителен дел од наставната програма во основното образование. Во насока на ова, потребно е воведување велосипедски сообраќајни полигони (трајни или мобилни во рамки на училиштата и трајни на локации низ градовите). Одреден број часови во рамките на образованието во автошколите треба да биде посветено на односот кон ранливите учесници во сообраќајот, како и практично возење велосипед.
– Сите институции, сите станбени и комерцијални објекти, како и сите јавни простори да бидат направени пристапни за тркалата, на инвалидските, детските колички и велосипедите.
„Помина времето на апелирање да се зголеми свеста. Свеста ја има кај доволен број граѓани. Условите ги нема. Институциите имаат многу помоќни алатки во свои раце од тоа да повикуваат само на зголемена свест и на лична одговорност, кога грешките и недостатоците се и системски. Тие преку своите реални приоритети, правилници, планови, проекти, правила и нивно спроведување, како и преку инфраструктурни промени треба да создадат една нова свест и кај мнозинството”, велат од иницијативата.
„На точак“ повикува сите кои возат велосипед или ги поддржуваат овие барања да се придружат 29 мај за заедно да ги упатат до одговорните, да направат роденденски протест со возење низ улиците и да се одбележи седумгодишната борба за достојни услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.

