Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Говорот на омраза на Шилегов мора да биде санкциониран

Простотилакот на Петре Шилегов е поттикнат и охрабрен од Зоран Заев. Кога Заев и Шилегов немаат никаков аргумент со кој би ги објасниле криминалот, расипништвото и пропаѓањето во овие две години, прибегнуваат кон навреди, вулгарности и недолично однесување. Со спуштање на нивото се надеваат дека ќе предизвикаат инциденти со кои би се дефокусирало вниманието од сиромаштијата и катастрофата со која се соочуваат граѓаните, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, недоличното однесување и говорот на омраза на Шилегов мора да бидат санкциониран.
„Нервозата за лошиот изборен резултат Шилегов може да ја искажува на Бихаќка, ама не и пред граѓаните. Скопјани година и пол не видоа ниту еден проект или инвестиција, само омраза и неспособност. Токму затоа Шилегов е во право кога вели дека оставка поднесуваат луѓе со интегритет, одлика со која Шилегов одамна расчистил.Доколку СДСМ и Заев мислат дека ќе ја залажат јавноста со театарот наречен метла, се лажат. Граѓаните се незадоволни од градоначалникот Шилегов, а не од потпретседателот Шилегов.
Не може Шилегов да не е добар за СДСМ, а да е добар за градот Скопје. Како ако Шилегов не е добар за потпретседател на партијата би бил добар за градоначалник. Граѓаните не бараат метла во СДСМ. Граѓаните бараат метла во државата. Шилегов е политичар кој за година и пол нема изградено ниту еден булевар, улица или пешачка патека. Шилегов година и пол нема направено ништо. Токму затоа треба час побргу да си даде оставка од позицијата градоначалник. Сè друго е само потврда дека најавената метла е само театар за отргање на вниманието на граѓаните од лошите политики, но и чистење на СДСМ и јакнење на позицијата на Заев во пресрет на неминовното одење во опозиција”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
„Плазма“ и „Роса“ им посакуваат на првачињата успешен почеток на учебната година со подарок пакетчиња

Министерството за образование и наука и ЗЕЛС потпишаа Меморандум со социјално одговорните компании Бамби и Пивара Скопје, според кој над 21.000 првачиња кои ќе го започнат своето школување на 1 септември, ќе добијат подарок пакетчиња со производи од Плазма и Роса.
На овој начин, ЗЕЛС, Министерството за образование и наука и компаниите со општествена одговорност преку своите брендови им посакуваат успешен почеток на најмладите ученици, одбележувајќи го овој важен момент во нивните животи.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изрази благодарност до општествено одговорните компании за покажаната грижа за првооделенците.
„Почетокот на учебната година е посебен и незаборавен момент за првачињата, за прв пат влегуваат во училиште, се сретнуваат со наставници и нови другарчиња, почнуваат да учат, да откриваат, да соработуваат и да бидат одговорни. Ваквите акции им покажуваат на најмладите дека пошироката заедница ги поддржува и ги охрабрува“, рече министерката Јаневска.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски рече дека грижата за учениците е една од основните обврски на општините, како основачи на училиштата.
„Градоначалниците обединети во ЗЕЛС, но и сите како родители и граѓани, сакаме првооделенците да имаат добри сеќавања за првиот училишен ден. Заедно со компаниите кои инвестираат во заедницата сакаме првачињата да почнат на училиште со радост, и ова е добра порака дека ни се важни“, нагласи Ѓорѓиевски.
Директорката за бизнис развој во Бамби, Милица Шетка, рече дека се радува што Плазма се врати во Македонија по предизвиците со кои се соочуваше поради пожарот во фабриката во Пожаревац, поради кој беше запрено производството.
„За нас во Бамби, поддршката на најмладите секогаш била приоритет. Особено во важни животни моменти, како што е поаѓањето на училиште. Посебно ни е драго што, по предизвиците со кои се соочивме поради пожарот во нашата фабрика во Пожаревац, повторно сме тука – и тоа со иницијатива која носи радост. Сакаме овие подароци да бидат симбол на охрабрување и поддршка за секое дете кое го започнува своето патување во светот на образованието. Нашата цел е оваа акција да прерасне во традиција и во Македонија, како што веќе е во Србија.“
Брендот Роса, посветен на здравото растење, се приклучи на оваа иницијатива.
„Длабоко веруваме дека секое дете заслужува да ја започне учебната година со насмевка, поддршка и внимание. Како компанија која расте заедно со заедницата, свесни сме колку е важно првачињата да ја почувствуваат поддршката од сите нас. Затоа, преку брендот Роса станавме дел од оваа иницијатива — за да покажеме дека веруваме во идните генерации и дека сме со нив на секој чекор,“ изјави Огњен Лазиќ, генерален директор на Пивара Скопје.
Подарок – пакетчињата кои содржат ранец, распоред на часови, мозгалка, Плазма бисквити и шишенце Роса ќе бидат дистрибуирани до сите основни училишта низ државата за да ги пречекаат првачињата на 1 септември.
(ПР)
Соопштенија
Левица: 62 години од земјотресот во Скопје – изграден од солидарност, денес уништен од корупција и алчност

Делегација од Левица составена од членовите на Централниот комитет – Андреа Јанков, Катерина Јовановска и Дарја Мустафаоглу, денес оддаде почит и положи свежо цвеќе на Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес кој на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, го погоди Скопје.
„Во тој страшен миг, тагата и болката се вплетоа во животите на илјадници луѓе и засекогаш ја променија историјата на нашиот град. Над 1.000 загинати, 3.000 повредени и 200.000 останати без дом. Но, во часовите и деновите по трагедијата, заживеа нешто подеднакво моќно – солидарноста.
Првата помош стигна од југословенските републики, а потоа и од целиот свет – 87 нации испратија медицински тимови, храна, шатори, механизација. Скопје го доби епитетот „Град на солидарноста“, а 14 октомври, кога ОН усвои резолуција за обнова на градот, влезе во светската историја како Ден на Скопје. Обновата на градот ја предводеа визионерски умови.
Денес, 62 години подоцна, Скопје го разјадува корупцијата, градежната мафија и дивото градење. Наместо планско и хумано урбанизирање, имаме илјадници дивоградби, уништени паркови, станбени блокови без основна инфраструктура.
Сето тоа се случува во град кој се наоѓа на трусно подрачје – нешто што надлежните постојано го забораваат или свесно го игнорираат. Наместо да се гради отпорно, одржливо и безбедно, Скопје стана жртва на профитерско и ризично узурпирање.
Она што некогаш беше симбол на заедничка обнова и визија, денес е претворено во хаос каде што јавниот интерес е распродаден за приватен профит. Градот кој беше изграден со солидарност – денес е разјаден од алчност.
Овој ден не треба да биде само тивко сеќавање на трагедија, туку и гласно предупредување дека негрижата, корупцијата, непочитувањето на стандардите можат да чинат човечки животи.
Нека овој ден нѐ потсети не само на минатото, туку и на нашата одговорност за иднината на Скопје“, стои во соопштението од Левица.
Соопштенија
ДОМ инсистира на итни мерки што ќе обезбедат интегритет и транспарентност на сите функционери

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) ги осудува последните случувања околу оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска. Обвинението за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат во случајот „Адитив“ открива длабока инфилтрација на коруптивни практики во самите врвови на институциите кои треба да бидат првиот бедем во одбраната на правната држава. Оваа скандалозна афера не само што го подрива кредибилитетот на ДКСК, туку ја потврдува потребата за итна и безкомпромисна промена на системот на контрола и отчетност.
Времето кога нашата држава требаше да го прифати мотото „Нула корупција“ беше пред 34 години, со прогласувањето на независноста. Наместо тоа, сведочиме дека децении подоцна продолжуваме да доцниме, додека младите масовно си заминуваат поради отсуството на доверба во правната држава. Ова не е прашање на партиска припадност, туку на основни човечки вредности и на историската одговорност на државата кон граѓаните.
ДОМ инсистира на итно донесување мерки што ќе обезбедат интегритет и транспарентност на сите избрани и назначени функционери: детално и доследно верификување на анкетните листи за имотна состојба, јавно објавување на судирите на интереси, автоматско суспендирање при поднесено основано обвинение и воведување независен антикорупциски инспекторат со реални санкции.
Зелената партија ДОМ го повикува Собранието да ги усвои клучните законски измени за борба против корупцијата, како и итно да формира независно специјализирано тело за проверка на интегритетот на јавните службеници и функционери. Без овие промени, сите останати декларации против корупцијата ќе останат само празна реторика.
ДОМ останува цврсто на ставот дека корупцијата не смее да се релативизира, ниту да се премолчува. Ги повикуваме сите граѓани и граѓанки, здруженија и политички партии кои веруваат во правдата и еднаквоста пред законите, да застанеме заедно, едни до други, во одбраната на правната држава и владеењето на правото. Пред да го загубиме последниот остаток на институционален кредибилитет. Пред иднината на младите засекогаш да ја побараат на некоја нова, надвор од државата, адреса.