Економија
Проекции на Министерството за финансии : Растот на БДП се очекува да се зголеми на 4,2% во 2020 година
Континуираното забрзување на растот во текот на 2018 година и позитивните поместувања во првото тримесечје од 2019 година се основа за нагорна ревизија на проекцијата за економски раст во 2019 година на 3,5%. Растот на БДП се очекува да се зголеми на 4,2% во 2020 година, и во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне 5%. Ова се проекциите на Министерството за финансии во Фискалната стратегија која беше усвоена од Владата на Р Северна Македонија. Фискалната стратегија се усвојува за период од три години и ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Фискалната стратегија e одраз на среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата.
Според Фискалната стратегија, приватната потрошувачка ќе има значаен придонес врз економскиот раст во овој среднорочен период, со просечен годишен раст од 2,8% на реална основа. Растот на приватната потрошувачка се поврзува со растот на вработеноста во приватниот сектор, поддржан и преку активните мерки за вработување, зголемувањето на платите во економијата, како и мерките за зајакнување на социјалната заштита, кои ќе резултираат со раст на расположливиот доход на домаќинствата, а дополнителен импулс ќе има и растот на кредитирањето. Проекцијата за раст на бруто-инвестициите во периодот 2020-2022 година изнесува 6,1% во просек на реална основа. Зголемената доверба на економските субјекти, поповолната деловна клима, подобрените евро-атлантски перспективи, приливот на странски директни инвестиции и владините мерки за поттикнување на инвестициите ќе влијаат значително врз растот на инвестициите, а позитивен придонес се очекува и од планираните инвестиции на јавниот сектор. Во овој период, нето-извозот се очекува да има позитивен и зголемен придонес врз растот на економската активност. Извозот на стоки и услуги е предвидено да забележи реален раст од 9,1% во просек. Позитивните движења кај потрошувачката, инвестициите и извозот ќе резултираат со просечен реален раст на увозот на стоки и услуги од 6,8%.
Со цел зајакнување на фискалната дисциплина, среднорочната фискална стратегија воведува лимити на буџетските расходи, и тоа вкупни лимити, и лимити по буџетски корисници. Во таа насока, годишната стапка на раст на вкупните расходи на буџетот на Република Северна Македонија постепено ќе забавува од 14,2% во 2019 година на 5,2% во 2022 година. Во комбинација со очекуваната наплата на приходите, ова ќе обезбеди постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 2,5% од БДП во 2019 година на 2,3% во 2020 година и по 2% од БДП во 2021 и 2022 година. Притоа, лимитите за буџетскиот дефицит како клучен индикатор за поставеноста на фискалната политика се задржани на речиси исто ниво во апсолутен износ, како и на исто ниво како процент од БДП како и претходната фискална стратегија.
Задржувањето на патеката на постепена консолидација го потврдува курсот на фискална дисциплина, а непроменетите проекции за буџетскиот дефицит дополнително ја зајакнуваат предвидливоста на фискалната политика. Примарниот буџетски дефицит исто така ќе се намали од 1,2% од БДП во 2019 и 2020 година на 0,8% во 2021 и понатаму на 0,5% во 2022 година.
Движењето на јавниот долг во наредниот период ќе биде одраз на среднорочната буџетска рамка, имплементацијата на капитални проекти, како и отплатите на долгот кој достасува (околу 2,3 милијарди во главница за периодот 2019-2022 година). Досегашните остварувања, како и ревидираните проекции за економскиот раст и задржаниот курс на фискална дисциплина резултираат со значителна надолна ревизија на проекциите на долгот. Имено, ревидираната фискална стратегија претпоставуваше јавен долг од 49,8% од БДП во 2018 година, наспроти остварениот значително понизок јавен долг од 48,5% од БДП. Дисциплинираната фискална политика, со постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит и на приближно балансирање на примарниот буџетски дефицит на среден рок (2% и 0,5% од БДП соодветно во 2022 година), претставува главен фактор за надолната траекторија на државниот долг, односно неговото намалување од проектираните 42,2% од БДП во 2019 година на 39% од БДП во 2022 година. Понатаму, заради имплементација на проектите главно во патната инфраструктура со заеми гарантирани од државата, ќе дојде до умерено зголемување на гарантираниот долг до 11,1% од БДП во 2021 година и потоа негово намалување на 10,1% од БДП во 2022 година. Надолната патека на државниот долг и умерениот раст на гарантираниот долг заради инфраструктурните проекти и потоа неговиот пад, ќе резултираат со умерено зголемување на вкупниот јавен долг на 51,7% од БДП во 2019 година и 52,3% од БДП во 2020 година, и потоа намалување на 50,8% од БДП во 2021 година и дополнително на 49,1% од БДП во 2022 година. Ова е значително под утврдениот лимит за нивото на јавниот долг од 60% од БДП, односно јавниот долг во наредниот период нема да ја загрози оддржливоста на фискалната политика. Исто така, новите проекции за нивото на јавниот долг се значително пониски од претходно (за 2 процентни поени, во просек), што укажува на ефективноста на преземените мерки и планираните политики за стабилизирање и потоа намалување на јавниот долг на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.
Економија
Биткоинот забележа силен пад
Цената на биткоинот денеска падна под 67.000 долари, првпат од ноември 2023 година, во услови на засилена распродажба и намалена доверба кај инвеститорите, објави Си-Ен-Би-Си.
Биткоинот се тргуваше по цена од околу 67.500 долари, откако претходно во текот на денот падна под психолошката граница од 70.000 долари, што дополнително ја засили распродажбата. Само оваа недела вредноста на криптовалутата е намалена за околу 20%, а во однос на рекордното ниво од октомври минатата година е пониска за речиси 47%.
Аналитичарите предупредуваат дека нивото од 70.000 долари претставува клучна техничка и психолошка граница и дека нејзиното пробивање отвора простор за понатамошен пад, потенцијално кон опсегот од 60.000 до 65.000 долари.
Падот на биткоинот се случува паралелно со слабеењето на технолошките акции во САД и зголемените присилни ликвидации на криптопазарот. Според податоци на Coinglass, оваа недела се ликвидирани повеќе од 2 милијарди долари во долги и кратки позиции.
Во исто време, институционалните инвеститори се повлекуваат. Аналитичката куќа CryptoQuant наведува дека побарувачката од институционални инвеститори значително се намалила. Другите криптовалути исто така бележат значителни загуби.
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)

