Македонија
Реализиран проектот „Како подобро да се разберат царинските постапки“
Царинската управа денеска ја одбележа успешната реализација на проектот „Како подобро да се разберат царинските постапки“, во чии рамки беа изготвени едукативни видеозаписи, во кои на едноставен и сликовит начин се прикажани основните и најважни теми за царинското работење.
Овој проект беше реализиран со финансиска поддршка на холандската агенција „Нуфик“ (независна, непрофитна холандска организација за интернационализација во образованието), преку креативните решенија и анимации изработени од страна на ОХО и холандската КГХ (KGH Douaneopleidingen), со која Царинската управа има потпишано меморандум за соработка.
Промоцијата на видеозаписите се одржа во просториите на Стопанската комора на Република Северна Македонија, со поздравен говор од директорот на Царинската управа, г. Ѓоко Танасоски, како и обраќање од заменик-амбасадорот на Кралството Холандија, г. Андри ван Менс, г-ѓа Бенедикт Меиле, претставник од КГХ од Холандија, и г. Пеце Талески, извршен директор на продукцијата ОХО.
Избрани теми за обработка беа: Тарифно распоредување, Царинска вредност, Правила за потекло, Инкотермс-правила и Наплата и учество на Царината во приходите.
Проектот „Како подобро да се разберат царинските постапки“ е дел од низата проекти и активности што Царинската управа ги спроведува со цел доближување на царинското работење до бизнис-заедницата за олеснување на трговијата, но и во насока на транспарентност во работењето и општествена одговорност. Целта на видеозаписите е подигање на свеста на пошироката јавност, односно сите граѓани, без разлика на возраста, кои досега немале допирни точки со царинските постапки при својата работа, да се запознаат со дел од работата и финансиската улогата на Царинската управа на еден современ аудиовизуелен начин. Царинската управа е одговорна за наплата на 50 отсто од давачките што ја полнат државната каса. Правилното утврдување на потеклото, тарифниот број и царинската вредност се неопходни елементи при точна пресметка на царинските давачки, каде што спаѓаат: царина, акцизи, ДДВ и други надоместоци.
Оваа промоција се одржува само неколку дена пред почетокот на примената на новиот систем за обработка на царинските декларации, со што работењето на хартија целосно ќе се замени со електронски решенија. Притоа, значително ќе се поедностави работата на сите учесници во царинската и надворешнотрговската постапка и ќе се креира поефикасна и модерна царинска околина.
Видеозаписите заедно со другите информации се достапни на македонски и албански јазик на јутјуб-каналот на Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

