Македонија
Димитров во Братислава: Очекуваме почеток на преговорите со ЕУ до крајот на годината
Денеска, во Братислава, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше на министерски состанок на земјите од вишеградската група и земјите од Западен Балкан. Годинешниот состанок во Братислава се одржа во рамките на словачкото претседателство со вишеградската група, каде што централна тема на дискусија беше унапредување на реформскиот и евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан и научените лекции. Дополнително, се разговараше и за заедничката европска иднина во новиот геополитички контекст.
На состанокот беше реафирмирана посветеноста на вишеградската група за натамошна поддршка на евро-атлантската интеграција на земјите од регионот и во пресрет на објавувањето на годинешните извештаи на ЕК заеднички беше констатирана потребата ЕУ соодветно да го препознае напредокот што регионот и особено Република Северна Македонија го постигна во изминатиот период. Важен акцент беше ставен и врз значењето на евроинтегративниот процес како клучен поттик за забрзани реформи и напредок на земјите од Западен Балкан, но и натамошна консолидација на Балканот во постојниот сложен геополитички контекст.
Димитров во своето излагање се заблагодари на поддршката од нашите партнери од вишеградската четворка и главно се задржа на важноста од одржување отворена европска перспектива за регионот преку објективно препознавање на постигнатиот напредок. Притоа укажа дека овој процес е двостран, односно дека земјите аспиранти мора континуирано да работаат, да се подобруваат и да испорачуваат позитивни резултати, а ЕУ треба постигнатиот напредок адекватно да го вреднува преку процесот на пристапување.
„Утре, очекуваме позитивен извештај од Европската комисија, што реално ќе го отслика пресвртот што Северна Македонија успеа да го постигне во изминатиот период како дома преку унапредување на состојбите во клучните области и демократските процеси така и надвор преку договорите со Грција и Бугарија. Потоа очекуваме политичка одлука за отворање на преговорите до крајот на годината. Тоа не значи дека очекуваме и сме спремни да станеме членка денес или утре, туку значи само отворање на следната фаза; почеток на новата етапа од нашиот европски пат, кој се разбира дека ќе биде долг и ќе бара уште многу работа. Но, тоа е почеток кој е заслужен и неопходен за нашата европска иднина“, рече Димитров.
„Процесот на внатрешна интеграција на Унијата треба да оди паралелно со процесот на натамошно проширување со земјите од регионот. Европски Балкан е, пред сè, интерес за нас земјите од регионот, но и неспорен интерес на ЕУ. Ние во регионот мораме засилено да работиме кон една позитивна динамика, каде што успехот ќе инспирира повеќе успех и добри вести. Истовремено, важно е ЕУ да го препознава постигнатиот успех и да го одржува процесот жив и кредибилен. На овој начин можеме заеднички да успееме и да направиме разлика“, додаде Димитров.
На маргините на состанокот вишеградска група – Западен Балкан министерот Димитров оствари разговори со домаќинот Мирослав Лајчак, МНР на Словачка, и другите присутни колеги, како и одвоени билатерални средби со МНР на Унгарија, Петер Сијарто, и МНР на Албанија, Гент Цекај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

